МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Директорката на Детската клиника поднесе оставка
Џанков: Договорот од Преспа отвора перспективи за целиот регион
Жбогар очекува отворање на преговорите со ЕУ
Стоилковски: Владата нема никакви инвестиции во инфраструктурата
Македонија
Политичките судири во „двојка“ кај иста судијка

Политичките судири во „двојка“ кај иста судијка

четврток, 25 април 2019, 11:47ч.   |   Xh.I.

Судијката од Основниот суд Скопје 2, Сузана Дончевска, го сврте вниманието на јавноста кон себе по неколку одлуки кои се најдоа во фокусот на медиумската и политичката сцена. Последното решение кое ги разбуди политичките духови, а е запечатено со името на Дончевска, е донесено на 17 април оваа година. Според официјалното соопштение, Основниот суд Скопје 2 ја примил неотповикливата оставка на Сулејман Реџепи од позицијата поглавар на ИВЗ на 25 март. Според документите што им ги доставиле, на 30 март Ријасетот на ИВЗ одржал вонредна седница на која била прифатена оставката на актуелниот Реис Реџепи, а на истата седница за наследник бил избран Скендер Бузаку. На 3 април ИВЗ поднела барање за промена на лице за застапување на ИВЗ. Врз основа на ова барање, Судот на 17 април донел решение со кое ја потврдува таа промена. Сепак, од Судот потенцираат дека оваа одлука не е правосилна и може да се поднесуваат жалби до Апелацискиот суд.

„Наведената одлука за промена на вршител на функцијата реис-ул-улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена. Во оваа смисла, потенцираме дека судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската верска заедница“, пишува во соопштението на Судот.

За сомнежите дека неотповикливата оставка на реисот е фалсификат од судот велат дека тоа треба да биде предмет на друга постапка.

„Во постапка, согласно Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и ги изразува во решение за промена. Дотолку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на реис-ул-улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата“, додаваат од Судот. Сепак, во единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи од денеска како нов поглавар на Исламската верска заедница е запишан Скендер Бузаку од Средно Коњари, Скопје.

Оваа судијка го донесе и решението со кое ѝ наложи на Државната изборна комисија веднаш да го објави ценовникот на 1 ТВ, телевизија која се жалеше бидејќи не се емитуваа политички реклами на нејзината програма, откако ценовникот го доставила по предвидениот рок. Освен ова, судот донесе и времена мерка на телевизијата да ѝ бидат уплатени 100.000 евра, пари што ги изгубила во периодот додека не се емитувале реклами. Судот се правдаше дека оваа мерка е времена и дека против неа е поднесена жалба. За оваа одлука беше поднесена и претставка пред Судскиот совет, но членовите на оваа тело ја отфрлија.

Кај Дончевска се најде и барањето за забрана за емитувањето на филмот „Ругање со Христос“, кое го покрена министерот за култура Асаф Адеми, но за овој спор се одржа само едно рочиште бидејќи народниот правобранител се откажа од забраната.

Дончевска е избрана за судија во Основниот суд Скопје 2 во 2008 година и работи на оставински и вонпарнични спорови. Според анкетниот лист, Дончевска пријавила дека има земјоделско земјиште од 338 квадратни метри во Скопје кое го наследила. Освен земјиштето, наследила две куќи, едната во Скопје, другата во беровско, два стана во Скопје, автомобил „мазда“, кредит од речиси 9 илјади евра, а нејзиниот брачен другар има 9.000 евра во банкарски сеф.

Овие судии треба да бидат во зоолошка градина, порачуваат луто од ИВЗ

Владата на чело со премиерот Зоран Заев изврши упад, пуч во Исламската верска заедница, обвини Муарем Вејсели од ИВЗ по решението на судот со кое се менува досегашниот реис Сулејман Реџепи, а на негово место е именуван Скендер Бузаку.

Вејсели вели дека решението на судијката е скандалозно и донесено врз основа на фалсификувани документи обвинувајќи наедно дека зад оваа судска одлука стои Заев. Тој тврди дека тие како членови на Ријасетот воопшто не биле информирани дека Реџепи си дал оставка и дека воопшто не била одржана вонредна седница за смена на Реисот. Оние што биле потпишани на записникот според него не биле членови на Ријасетот ниту вработени во ИВЗ.

„Судијката веќе доставила барање за смена на раководството и во централниот регистар. Дали имаме работа со правда, ова се ненормални судии, тие треба да бидат во зоолошка“, вели Вејсели.

Тој ги отфрла одлуките на судот и тврди дека со ова е направен упад во автономијата на ИВЗ.

„Бараме од владата на Зоран Заев да се извини. Ова на премиерот не му се простува, треба да биде внимателен што прави со политичките хулигани околу него. Ние како ИВЗ сме спремни да се соочиме јавно со владата на Заев“, порача Вејсели.

© ЖУРНАЛ    ~58,20

НАЈЧИТАНИ ОД МАКЕДОНИЈА
Вајгл: Има една незгодна работа за Македонија, а тоа е дека за неа се зборува во пакет со Албанија
Галетановски: Не сум ја навредувал Сиљановска лично, не е моја вина што секој ден има нов гаф
Мајката и двете ќерки целосно изгореле, телото на таткото било изгорено до половина
Ќе се менуваат законите за вработените во јавниот сектор и административните службеници
Анагностопулу: И да победи Сиљановска, на меѓународно ниво нема да направи ништо за Договорот од Преспа
Јахја Кемал: Секоја година пред уписите се шират невистини за нас
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.