МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Пендаровски поддржува намалување на привилегиите на функционерите
Агенцијата за разузнавање доби нов директор
Кој е кој во кабинетот на претседателот Пендаровски?
Ќе се испитува закупот на канцеларии не само кај Иванов, туку и кај сите поранешни пр..
Економија
Земјоделците и откупувачите во Струмичко оптимисти за претстојната производствена сезона

Земјоделците и откупувачите во Струмичко оптимисти за претстојната производствена сезона

понеделник, 04 март 2019, 12:30ч.   |   L.E.

 И земјоделските производители и откупувачите во Струмичко со оптимизам ја пречекуваат претстојната производствена сезона. Се надеваат дека нема да се повторат ланските слики со откупот на градинарските култури, посебно на пролетната зелка и бостанот, кога револтот на земјоделците кулминираше со блокади поради ниските откупни цени.

Оптимизмот го темелат на фактот што зимската зелка годинава по подолго време има добра откупна цена, која во континуитет е околу 25 денари за килограм.

-Не верувам дека ќе се повтори ланската лоша година, кога мака мачевме со пласманот на пролетната зелка. Очекувам дека токму оваа култура на почетокот ќе покаже дека лошите години за македонското земјоделство се минато и дека ќе има пласман за нашето производство, смета Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле.

И Ванчо Митев од Здружението „Екоградинар“ од село Добрејци очекува сигурен пласман на производството без турбуленции.

-Сметам дека мерките од Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе дадат резултат годинава. Сепак, морам да истакнам дека површините под пролетна зелка се зголемени за околу 30 отсто во споредба со лани, но посевите со домати се намалени за повеќе од 30 отсто и тоа може да влијае на пласманот и на цените, рече Ванчо Митев.

Ставот на Сојузот на синдикатите на земјоделските производители од Струмица за пласманот на производството од годинашната реколта е дека мора да се стави крај на стихијното и неорганизирано производство, без да се знае колкави површини ќе се посеат со одредена култура.

-Мора да се знае колкави површини се посеани, колкави количини се очекуваат и најважно е по која цена ќе биде откупено производството, вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатите на земјоделците од Струмица.

Откупувачите го делат оптимизмот на земјоделските производители за успешна производствена сезона.

-Очекувам добра сезона, бидејќи нашата пролетна зелка нема да стаса одеднаш и со тоа да се создаде вишок на пазарот. Динамиката на берба ќе трае од 2,5 до три месеци и тоа е добро и за производителите и за нас, откупувачите. Секако, многу е важно оваа култура да има добра откупна цена доколку ресорното министерство ги одржува неделните откупни цени што се законска обврска за откупувачите, смета Ацо Стоилков, откупувач од Струмица.

И за останатите градинарски култури очекува стабилни цени, кои, според него, ќе се должат на намаленото производство и на зголемената побарувачка од странските пазари.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на средбата со земјоделците во Струмица истакна дека работат континуирано на подобрување на пласманот, но се воведуваат и нови мерки, како што е таа за инвестиции во маркетинг на земјоделски стопанства, што се применува првпат.

Додаде дека досега немало ефекти во земјоделството од Програмата за рурален развој, бидејќи од таа програма парите, наместо да одат кај земјоделците и кај преработувачката индустрија, се плаќале споменици, театри, а во 2017 година се платиле пет милиони евра за Македонската филхармонија од Програмата за рурален развој.

-Затоа оваа година првпат воведуваме таква мерка, односно предфинансирање за сите оние проекти што ќе бидат понудени, а се нова опрема, нови преработувачки капацитети, за културите и регионите каде што имаме проблем со вишокот и пласманот на производството и само за оваа мерка издвојуваме четири милиони евра, рече министерот Николовски.

Дополни дека за сто проценти се зголемени средствата за настап на сите асоцијации и здруженија на пазарите, како и посети на саеми и манифестации за што е обезбеден милион евра, а со ЕУ е почнат проектот за уредување на пазарите, односно за поврзување на производителите со преработувачите.

Покрај овие мерки, министерот Николовски додаде дека оваа година првпат се воведува мерка за советодавни услуги на терен за да се информираат и едуцираат земјоделците.

© ЖУРНАЛ    ~33,11

НАЈЧИТАНИ ОД ЕКОНОМИЈА
Регулаторна одлучи: Големо поскапување на бензинот и дизелот
Велигден ги поскапе земјоделските производи, а се намалува цената на јагнешкото
Поскапуваат горивата
Евидентирани 190 илјади невработени, 70% не се појавуваат на интервју, а 30% ја одбиваат работата по интервјуто, вели АВРМ
Производствените фирми тешко наоѓаат стручен кадар
РКЕ: Сопствениците на станови исклучени од парно нема да плаќаат ако живеат во нив
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.