МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Хан: Северна Македонија е единствената земја во регионот што нема спор со ниту еден с..
Медиумите до утре треба да поднесат извештај за рекламите за избори
Џафери воздржан за барањето пратениците да одат на нарко-тест, чека конкретна иниција..
Изминатата недела најмногу заболени од морбили од почетокот на епидемијата
Економија
НБРМ ја намали основната каматна стапка

НБРМ ја намали основната каматна стапка

среда, 13 март 2019, 12:58ч.   |   L.E.

Скопје, 13 март- На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка е заклучено дека согласно со постојните економски и финансиски услови, согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се нешто поповолни од претходно, што укажува на тоа дека постои простор за натамошно намалување на основната каматна стапка.

„На редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на постоечките ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика. На седницата беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,50% на 2,25%. Понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 13 март e задржана на нивото од 25.000 милиони денари. Одлуката за намалување на каматната стапка се темели на задржаниот континуитет на поволни движења на девизниот пазар, што упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, тековните движења покажуваат умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци“, соопштуваат од Народната банка.

Дополнителен простор за монетарно олабавување создава и последната најава на ЕЦБ за задржување на каматните стапки на тековното ниво подолго од претходно очекуваното, како и за дополнително олабавување преку други монетарни инструменти.

Во однос на најновите макроекономски показатели реалниот раст на економијата лани според објавените информации на Народната банка е 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто.

„Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од минатата година покажуваат солиден економски раст од 3,7 отсто, на годишна основа, што е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции. Од аспект на структурата на растот, подобрите остварувања главно се објаснуваат со повисокиот раст на личната и јавната потрошувачка во однос на очекувањата од проекциите. Согласно со очекувањата, бруто-инвестициите исто така имаат раст, нешто помал од проектираниот. Гледано за целата 2018 година, реалниот раст на економијата изнесува 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто“, наведуваат во соопштение од Народната банка.

За првиот квартал на оваа година, додаваат дека во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата. Сепак, достапните податоци упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, при забрзан раст на активноста во индустријата и натамошен раст на прометот во трговијата.

Во првите два месеца од годината просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,1 отсто и е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. Оцените за движењето на поголемиот дел од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Во вакви услови, наведуваат од Народната банка, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2019 година од два отсто тековно се оценуваат како надолни.
Расположливите податоци од надворешно-трговската статистика за јануари упатуваат на трговски дефицит што главно е во согласност со очекувањата за првиот квартал од годината. Од останатите расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на февруари укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери што се во рамки на очекуваните за првото тримесечје од оваа година. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања за 2018 година е помал во однос на октомвриската проекција и изнесува 0,3 отсто од БДП, наспроти проектираните 0,5 отсто од БДП. Позицијата на финансиската сметка е значително подобрa, со нето-приливи од 5,3 отсто од БДП наспроти проектираните од четири отсто од БДП, главно како одраз на повисоките приливи врз основа на директни инвестиции. Девизните резерви на крајот на февруари се нешто пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и се одржува во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за февруари годинава покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите, со поволни поместувања од аспект на валутната и секторската структура. Поради подобрите остварувања на крајот на 2018 година, растот на депозитите, на годишна основа и натаму го надминува проектираниот за крајот на првиот квартал од оваа година. Во однос на кредитната активност, послабите остварувања на крајот на минатата година придонесуваат за одржување на кредитирањето на пониско ниво од очекуваното, а со тоа и за негов малку понизок годишен раст во однос на проектираниот.

Ликвидноста на домашните банки и натаму се зголемува, при што активноста на меѓубанкарскиот пазар на депозити е релативно мала. Вишокот слободни парични средства е пренасочен кон расположливите депозити кај Народната банка, што,како што стои во соопштението, овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти.

На девизниот пазар, банките на нето-основа откупиле умерен износ на девизи во трансакциите со клиентите. Ваквите пазарни движења во комбинација со вложувањата на банките во инструменти со валутна компонента придонесле за раст на нивната девизна ликвидност и интервенции на Народната банка со умерен откуп на девизи од банките поддржувачки на девизниот пазар.

© ЖУРНАЛ    ~30,10

НАЈЧИТАНИ ОД ЕКОНОМИЈА
Регулаторна одлучи: Големо поскапување на бензинот и дизелот
Велигден ги поскапе земјоделските производи, а се намалува цената на јагнешкото
Поскапуваат горивата
Евидентирани 190 илјади невработени, 70% не се појавуваат на интервју, а 30% ја одбиваат работата по интервјуто, вели АВРМ
Производствените фирми тешко наоѓаат стручен кадар
РКЕ: Сопствениците на станови исклучени од парно нема да плаќаат ако живеат во нив
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.