МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Македонски и грчки експерти ги кројат учебниците, наставните програми и карти
Во понеделник жрепка за кандидатите за градоначалници
„Не бараме милост, туку правда“ – демонстрантите со порака до Заев на протестот за Фе..
Катругалос: Ципрас ќе го посети Скопје првата седмица од април
Колумни
Заедничкиот кандидат само на хартија

Заедничкиот кандидат само на хартија

петок, 01 март 2019, 12:09ч.   |   B.M.

од Сашо Орданоски

Перверзна е врската на ДУИ со двете главни (условно речено) македонски политички партии: како што ВМРО-ДПМНЕ, како гумичка на врв од молив, му го трошеше кредибилитетот на ДУИ заради заедничката коалиција во, плус-минус, еднодецениското владеење; така сега ДУИ му го троши кредибилитетот на СДСМ во неполното двегодишно заедничко владеење.

Во политичкиот брак со ВМРО, ДУИ си ги помина „најубавите години од животот“ и загуби половина од гласачкото тело, иако во тие гласови не му чепна ДПМНЕ. Сега е ДУИ во брак со СДСМ, што личи на врска пред растурање, во која двата партнери почнале да бараат адвокати за поделба на имотот по разводот. Врската ја спасуваат Заев и Ахмети, во директни меѓусебни преговори.

Тоа е така бидејќи постои суштинска разлика во начинот на кој е третирана ДУИ во тие две коалиции. Додека кај ВМРО-ДПМНЕ оската по која се водеше беспоговорната политичка и бизнис координација беше добро воспоставена и на највисоко ниво во двете партии (Сашо Мијалков и Муса Џафери), кај СДСМ нема таков еден „надлежен канал“ за ветирање на зделките, дали од областа на политиката или на сè друго што таа го подразбира во Македонија. Тоа создава недоразбирања и „солирања“, координациите се потешки, на „терен“ си газат врз нозете, а препирките во јавноста се сè почести.

Друго е прашањето зошто ДУИ секогаш љуби на врска да го држат претставници од безбедносните сектори на коалиционите партнери. Дали е тоа некаков историски респект кон „униформа“ (макар и имагинарна); или затоа што знаат дека, во оваа држава, исполитизираната полиција секогаш имала и политичка улога, кога се Албанците во прашање; или можеби затоа што низ тој ресор кој е задолжен за чување на законот, традиционално, најфлуидно течат сите договорени зделки надвор од законот… Или е можеби комбинација од сите овие причини во прашање?

Во секој случај, проблемите на ваквиот однос меѓу ДУИ и СДСМ ќе се покажат веќе на претседателските избори. Откако се откажаа од консензуален и прејдоа на настап со заеднички кандидат, нема гаранции дека ДУИ ќе се држи до тој договор со некоја голема предаденост. Кога и еден Талат Џафери можеше на така очигледен и невешт начин да одигра за спас на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељановски, тогаш во оваа коалиција навистина сè е можно.

Всушност, би се осмелил да тврдам дека на овие претседателски избори на ДУИ повеќе ѝ одговара да победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, одошто на СДСМ, под услов „вината“ за тоа да не падне врз нив. Тоа би го ослабело СДСМ, што е стратегиската цел на ДУИ во која било мината и идна фаза од соработката со СДСМ, бидејќи таквото СДСМ помалку привлекува „албански“ гласови од оние за кои ДУИ смета дека се нејзини.

Во таа логика има и математика според која ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не треба да се пресилни, бидејќи ќе дојдат во ситуација да можат да направат следна власт и со некој помал коалиционен партнер од албанскиот блок, а не со ДУИ, иако начинот на којшто континуирано се топи поддршката за ДУИ, наскоро и самите би можеле да станат „помал коалиционен партнер“ за која било идна влада.

А проблемот со ДУИ е токму во тоа: останат ли надвор од власта, останаа надвор од причината за своето постоење. Потоа расправата им станува како кавга меѓу лихварски групации, не многу различна од оние во Арачиново.

Но, сега за сега, таква е географијата на македонската политичка сцена. На страна какви се и дали се подобри ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но без ДУИ не се може, а со него уште потешко.

П.С. Дозволете да констатирам извесна некоординираност кај десничарските одреди за пропагандна ликвидација: 15 минути по моето интервју со г. Христијан Мицкоски во „Печат на неделата“ на 1ТВ – на Христијан му благодарам за отворениот и инспиративен разговор – пропагандната фаланга на ВМРО-ДПМНЕ (Курир, Лидер и останатите мегафони) ме прогласија за „новиот Латас во македонското новинарство“ (Курире, синко, што ти бидна?!), а веќе следното утро новинарското здружение чијшто основач и почесен доживотен претседател е г. Латас прогласи дека во интервјуто сум ги прекршил сите медиумски закони и новинарски кодекси… Па, не може вака, без елементарна координација! Од овие и понатаму ништо нема да ги бидне. Ни со помош на ААВМУ.

© ЖУРНАЛ    ~120,40

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Заедничкиот кандидат само на хартија
Врвни превари!
НАТО
Македонските политичари и Бил Гејтс
Умните наспроти мнозинството
Мојот фаворит е Стево
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.