МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Хан: Северна Македонија е единствената земја во регионот што нема спор со ниту еден с..
Медиумите до утре треба да поднесат извештај за рекламите за избори
Џафери воздржан за барањето пратениците да одат на нарко-тест, чека конкретна иниција..
Изминатата недела најмногу заболени од морбили од почетокот на епидемијата
Колумни
Прочка – ни доволна, ниту возможна!

Прочка – ни доволна, ниту возможна!

понеделник, 11 март 2019, 10:16ч.   |   Xh.I.
Мерсел Билали

Мерсел Билали

Малиот остров „Пито о ТеНехуна“ (папокот на светот), се наоѓа во средниот Пацифик, оддалечен дури 3.600 км од најблиското копно – Чиле. Островот е познат и под името „Велигденски остров“ – по тоа што е откриен точно на Велигден од страна на холандскиот морепловец Јакоб Рогевен во 1722 година.

Таму се наоѓаат голем број гигантски статуи од камен (наречени Аху), вкупно 887 такви, тешки дури до 100 тони. Тие служеле за долги секојдневни религиозни ритуали на племињата кои цврсто верувале дека статуите се богови. Статуите се правеле на планината во средината на островот, а се транспортирале десетина километри до брегот со помош на огромни трупци. Тоа довело до исекување на и така малата шума на островот, по што животот бил доведен до колапс. Масовно умирале луѓе од глад оти ги снемало дрвјата од кои правеле кануи за ловење риби.

И кај нас бездушници масовно граделе огромни статуи без душа, запоставувајќи ги живите души. Тоа им служело да создадат лажна религија предводена од лажниот месија кој лажно не убедувал дека ние сме биле папокот на светот. Нашите болни фараони поддржани од бројни „трупци“ поставија стотина статуи, налик на скапи пирамиди во центарот, а се наоколу остана гола пустина. Луѓето 13 години морале како мумии да живеат по катакомби оти така сакал Тутанкамон. Ако не го правеле тоа, сите ќе ги фател клетвата на Тутанкамон – ги убедувал нашиот фараон, масовно перејќи мали мозоци за големи пари. А нам клетвата не фати токму поради таквата послушност и сега река млади пловат еднонасочно за да се спасат од овдешното давење. Насекаде на друго место им е подобро отколку во нивната родна земја!

И сега прочка! Изгледа видно се намалил бојот на тие што би можеле да ја побараат, а башка што веќе нема и која да ја даде! Следбениците на претходната власт уште повеќе продолжуваат да ја зацврстуват наводната непогрешивост на тоа водство на чело со сега азил-политичарот Груевски. Тие продолжуваат да плукаат по лекот што државата ја спаси од скокање во длабок кањон. Ја проколнуваат Преспанската спогодба како вековно предавтсво и ветија дека истата ќе ја поништат штом дојдат на власт!

Абе, да се смее човек до солзи, ама по смеата остануваат само вистинските солзи поради тажната судбина за тоа уште колкави клетви можеме да издржиме во оваа држава! Во елементарна нормалност малку ќе беше и секој ден по илјада пати да се бараа прошка за стореното, а тие без прошка бараат нова шанса. Од втора држава во регионот во 2005 година направија последна во секој поглед и не се каат поради тоа. И да не се чудиме што ваков ментален склоп паралелно масовниот грабеж, во континуитет организирал тепачки по автобуси, потоа вооружени групи и на крајот државен удар. И тие ќе ја спасиле државата!? Гледеме една нивна долгогодишна компонента во постојната власт кои без воздух можат ама не и без криминал.

Преспанската спогодба ќе ја сменеле или поништеле штом ќе дојделе на власт! Првин, голема лага е дека спогодбата може да се смени, и тоа не само поради тоа што самиот Договор не го дозволува тоа (чл.20,т.10), туку најмногу поради тоа што такво нешто би им ги намалило шансите за повторување на следен општ грабеж внатре во пирамидата. Повозможно е да кажат –  ние сакавме да го поништиме ама не дозволува Виенската конвенција за договорното право (што е голема вистина). Така што „капитулантскиот договор“ веднаш ќе се практицира како „патриотски договор“, оти кога власта и парите се во прашање и ѓаволот гласно ги пее божјите книги. Многу е можно пак некој да посакува со помош на оптичка варка да дојде до вековен грабеж. Но, кандидатката за шеф на државата Силјановска тука е јасна – вели невозможно е да се укине Спогодбата со Грција иако ќе се „анализира“, а во однос на осудата на минатиот режим балансира дека една фамилија е заменета со друга.

Но главата на опозицијата Мицковски и понатаму пола збор нема кажано како осуда за режимот на Груевски чиј дел бил и самиот. И сега најмалку звучат сериозно неговите изјави од типот – „Граѓаните во Република Македонија се потешко живеат бидејќи оваа влада единствено што знае е да краде и да ги осиромашува граѓаните и државата“. Или пак – „Заев наместо да се срами поради најнеспособната влада и неисполнувањето на основната улога поради кои ја водат државата, тој ја понуди својата копија Пендаровски“! Значи од возвишеното до смешното има само еден чекор. Е тука друже Мицковски, фактот што имавме голема амнестија не значи дека имаме и голема амнезија! Вашата партија требеше да биде отпишена од регистар оти освен што ја зграпчи државата, таа пристапи кон нејзина дестабилизација со многу жртви и на крајот обид за државен удар. И сега, наместо прошка и покајување, таа партија продолжува со невиден гебелсизам за се и сешто до наводна трговија со органи, до здравството кое „убива“, а самите истото го доведовте до кома. И сега многу луѓе вмровскиот лидер го мислат за човек од збор само кога молчи.

Ако се продолжи со ваков ментален код, не е далечна иднина кога во ова држава во мнозинство ќе живеат Кинези и Африканци.. И поглаварите на „Пито о Те Нехуна“ сакале пеколот да го поплочат со најдобри намери, на скапо платија. Крајно е време сите да се смениме, за да престанеме веќе со оценувањето на водењето политика со – лошо, полошо, најлошо и страшно.

© ЖУРНАЛ    ~45,15

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Шут политика
Нема правда, нема гласови!
НАЈАВЕНАТА “МЕТЛА” ЗА “ТУЃИОТ” ДВОР
Што се случи во првиот круг на претседателските избори
Северна Македонија: Нов почеток
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.