МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Беља и Демири осудени на 19 години затвор за убиството на Саздо
ВМРО-ДПМНЕ: Сиљановска победи во 47 општини, СДСМ и коалицијата од 30 партии се пораз..
ЕУ повикува на излезност во вториот круг од изборите
Изборите добро спроведени, сé уште се потребни реформи на изборното законодавств..
Култура
„Медена земја“ прогласен за најдобар светски документарец на „Санденс“

„Медена земја“ прогласен за најдобар светски документарец на „Санденс“

недела, 03 февруари 2019, 11:46ч.   |   L.E.

 Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфира во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“).

На церемонијата, што се одржа вчера во Парк Сити, Јута, САД , „Медена земја“ ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Првпат во историјата на реномираната манифестација еден проект е награден со три признанија.

„Медена земја“ беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс“, и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.

Премиерата на „Медена земја“ се одржа на 28 јануари во рамки на 38. издание на „Санденс“ во Парк Сити, Јута. По премиерата документарецот доби одлични рецензии од реномираните филмски критичари и медиуми меѓу кои: Ентони Кауфман од „Скрин Интернешнал“ (Screen International), Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“ (Hollywood Reporter), Гај Лоџ од „Вараети“ (Variety), Крис О’Фалт од „Индивајр“ (Indierwire), Ерик Хајнс од „Филм комент“ (Film Comment), Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ (Sloan Science And Film) и други.

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Продуцентот и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Годинава филмот го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

© ЖУРНАЛ    ~48,16

НАЈЧИТАНИ ОД КУЛТУРА
Шест романи во трката за „Роман на годината“
Краток филм на Елеонора Венинова ќе се прикаже на Кан
Почина македонскиот виолинист и концерт мајстор во Македонската опера и балет – Ѓоко Николовски
Натпревар на свечени фустани: Виенскиот бал во Скопје прослави јубилеј
Филмска вечер во Кинотека со германскиот филм „Што останува“
Плати со поезија по 5-ти пат го разубави Скопје
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.