МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Никола Војминовски, осуден за нападот врз Зијадин Села избегал?
СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во клинч за Антикорупциска комисија
Малолетничка подведувана на сексуални услуги
СДСМ: Заложбите на ВМРО-ДПМНЕ за борба против корупцијата се лажни
Колумни
АМНЕСТИЈА: Примарната задача на политиката е да избегне насилство

АМНЕСТИЈА: Примарната задача на политиката е да избегне насилство

петок, 04 јануари 2019, 09:54ч.   |   Xh.I.

Денко Малески

Во едно демократско општество во кое слободно се натпреваруваат групи, политиката а не правото има примат во спречувањето на насилството. Кога конфликтите во едно општество ќе ги надминат способностите и моќта на политичарите да ги канализираат во мирно прилагодување, тогаш следува насилство. На 27 април 2017 ја видовме искрата која што можеше да предизвика поширок конфликт, па и граѓанска војна.  Историјата е полна со такви примери. Доведена во ситуација на изистрен конфликт со опозицијата, секоја власт е исправена пред дилемата, дали сака да го избегне конфликтот или да победи со употреба на сила. Зашто, со еден сигнал од раководствата на партиите, на 27 април можеше да настане хаос во земјата. Но, и во тој момент, па и сега, партиските раководства, сепак, се однесуваат одговорно. Претпочитаат мир наместо војна.

Од учесниците во македонскиот политички процес, неодговорно се понесе претседателот на државата кој во својот последен говор употреби запаллива реторика. Рече дека новата влада, со склучувањето на договорите со Грција и Бугарија и прифаќањето на „Тиранската платформа“, работела против интересите на македонскиот народ и македонската држава. Не рече дека со новата политика не се согласува, туку дека се работи за чисто предавство. Таквите зборови се повик за насилство. Повик народот да се крене на бунт против предавничка власт. Во улога на самозамислен чувар на „Светиот грал“, претседателот се обидува да го поништи отворениот демократски процес кој произведе една поинаква политика. Со таква реторика нема демократски плурализам, зашто демократијата поаѓа од признавање на легитимитетот на сите учесници во политичкиот процес и промени во политиките на државата. Има само политичко пироманство. Ако и од другата страна се најдеше некој со  ист јазик, сите ќе горевме. За среќа, сега за сега, тоа не случај. Премиерот, ословуван од претседателот како „Заев“, достоинствено одмолча.

Но, потенцијалот народот да се изманипулира за насилство, доколку одново се злоупотреби емотивната тема за „името“ и „Албанците“, е загрижувачки. Во емисијата на „Алфа“ која одеше после говорот, граѓаните за личност на годината го прогласија токму претседателот Георги Иванов. Во тој половина час додека ја редев новогодишната елка, од првиот до последниот гледач, секој што се јави не штедеше комплименти за сегашниот претседател. И, сега, што да се прави? Примарната задача на политиката е да избегне насилство, а не да го поттикнува. Токму така ја разбирам амнестијата: како прилагодување на интересите на групите со цел да се избегне насилство во едно општество. Кои се тие интереси?  Кога се работи за Македонија, тука имаме проблем: паѓаме ниско. Во една пристојна плуралистичка демократија тоа би биле интересите на оние сегменти од популацијата кои ги застапуваат партиите: работниците, земјоделците, капиталистите, „жолтите елеци“… Во нашата земја полна со корумпирани политичари, тоа се нивните себични интереси, овој пат, нивната слобода. Имено, со прекинување на судски процеси кои се водат против нив, спремни се, се чини, да гласаат и да му дадат шанса на процесот на приклучување на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Независно од страшниот морален пораз на сметка на правната држава, секоја власт која што е свесна за опасностите од конфликт и неможноста, без поддршка на обвинетите, државата да го направи одлучниот чекор кон модерниот свет,  ќе ги прифати нивните услови. Имено кога, генерално земено, политиката ќе ја доведе земјата пред избор: правната држава или опстанок на државата, изборот е јасен. Атмосферата во македонскиот парламент за време на говорот на претседателот на републиката потсетуваше на политички систем кој само што не имплодирал. Правна држава? Прво ќе треба да го доведеме во ред политичкиот процес, да најдеме решенија за нашиот неуспешен политички систем и излез од „заробената држава“. Зашто, општество чиј политички процес е исфрлен од рамнотежа не може да произведе правна држава. Жално да се каже но, во вакви драматични ситуации, правото може да мисли што сака: примарна задача на политиката е да ја попречи имплозијата на политичкиот систем и да избегне насилство. Па зарем обвинетите за злоупотреби и насилниците од 27 април се толку силни?  Не, но, се обидувам да гледам малку подалеку и заклучувам дека ако не влеземе во НАТО и во ЕУ сега, државата насилно ќе се распадне. Имено, вон од сојузите, оставена самата на себе, внатрешни и надворешни сили одново ќе ја растргнат на парчиња и оваа наша Македонија.

Од оваа куса анализа изоставив еден важен фактор: големите сили на Западот. Само да кажам: како што што примарна задача на македонската политика е да избегне насилство дома, примарна задача на големите сили на Западот е да избегнат насилство во Македонија, на Балканот, во Европа и во светот. Од вкрстување на овие два интереси произлезе амнестијата. Чие влијание било пресудно, оставам да пресудите сами. Македонија во НАТО и во преговори за членство во ЕУ ќе има навистина  на што да се надева во новата 2019 година. Ќе ја изградиме и правната држава ако сакаме, но сега, first things, first. Прво да ја завршиме најважната работа.

© ЖУРНАЛ    ~57,19

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
АМНЕСТИЈА: Примарната задача на политиката е да избегне насилство
Изгласајте иднина, па на работа
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.