СДСМ: Ниту една постапка на Мицкоски нема да го запре напредокот на Македонија
понеделник, 21 јануари 2019, 16:19ч. | Xh.I.
Со секоја своја постапка ВМРО-ДПМНЕ и антизападниот Мицкоски покажуваат дека се против заедништвото, против напредокот, против европските вредности и концептот едно општество за сите, реагираа од СДСМ на прес-конференцијата на Игор Јанушев, генералниот скретар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Неоснованите иницијативи, пласираните невистини и деструкцијата на антизпадниот Мицкоски, здружен со Јанко Бачев, нема да го поткопа концептот едно општество за сите, нема да го спречи напредокот на Македонија.
Не е точно дека Законот за употреба на јазиците е неуставен, како што тврди антинародното ВМРО-ДПМНЕ.
Вистината е дека е во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија.
Законот ја регулира употребата на албанскиот јазик кој во Македонија е втор официјален јазик уште со амандманите на Уставот од 2001 година.
Прв официјален јазик во Македонија останува македонскиот јазик сега и меѓународно признат од целиот свет“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од партијата додаваат дека објавувањето на Законот во „Службен весник на РМ“ со потпис на претседателот на Собранието е единствено поради „безобразното прекршување на Уставот од страна на Ѓорѓе Иванов, кој е должен да го потпише Указот за прогласување на законот доколку е донесен по вторпат со потребното мнозинство во Собранието“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Откако Иванов го прекрши Уставот, како што додаваат од партијата, во надлежност на Собранието и согласно можностите коишто ги дава Уставот, објавувањето на Законот е правен, законски механизам.
„Не поминуваат деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните силно го поддржаа концептот едно општество за сите и одбраа иднина во ЕУ и НАТО. Нема да дозволат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ги вратат во темното минато на изолација, поделби, омраза и неизвесност“, се вели во реакцијата на владејачката партија.