МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Владата има рок од 15 дена да ги достави амандманите до Собранието
Ципрас му честита на Заев за гласањето
Пратениците на СДСМ се откажаа од дискусија, се очекува гласање
Во „Монструм" било пукано со две пушки и пиштол
Колумни
Пет совети за кампања за успешен референдум

Пет совети за кампања за успешен референдум

среда, 01 август 2018, 08:38ч.   |   B.M.

покојно и уверливо, без кавги, со искрени пораки, објаснете им на луѓето зошто треба да гласаат "за". Верувајте, ако бидете непретенциозни, директни и отворени, ќе се изненадите колку многу луѓе ќе ве разберат.

Напишано од Бранко Героски


Добро, господо другари од власта, време е да ве изестам јавно дека и јас ќе гласам на референдумот. Ќе гласам „за“. Но, пред тоа, ќе ви дадам пет добронамерни совети како да дизајнирате кампања што ќе доведе до успех на референдумот.

Првиот совет веќе го напиша Саша Андоновски на Фејсбук. Цитирам: „Нема поидиотско третирање и омаловажување на сопствениот народ од повикување за излегување или не на референдум. Со повикување на граѓаните (без оглед какво – гласање за, против или бојкотирање), директно и бескрупулозно се навредува интелигенцијата на сопствениот народ и се покажува дека го третирате како глупава аморфна маса, а не како луѓе со свое мислење и достоинство. Оставете ги да постапат по сопствено убедување. Имате право само да укажете на про и контра аргументи. Ако сте за – зошто, ако сте против – зошто и која би била алтернативата на неуспехот“.

Вториот совет е да не се карате со своите противници, со тие што не мислат како вас. Читам, веќе сте почнале да пишувате за „бедата на интелектуалците“, а некаде го заушив и зборот „предавници“ за тие што наумиле да го бојкотираат референдумот или да гласаат „против“. Не со тие куршуми, деца. Верувајте, „аргументот на ластегарката“ (argumentum baculinum) не е добар избор за оваа кампања. Тој ги одвраќа дури и луѓето што ви се наклонети. Ми се гади кога читам такви агресивни пораки.

Третиот совет е главниот наратив на кампањата да не биде стравот од нестабилност и војна. Баталете ги тие приказни дека на Косово ќе пукнело, дека Србија ќе се делела и дека Македонија, ако брзо не стане членка на НАТО, ќе била компензација во „зделката“. Не, ако работите тргнат во таа насока, ние ќе знаеме дека тоа ќе биде уште една фингирана криза (како во 2001 година) и потоа народот ќе ве замрази и ќе ве казни на првите наредни избори.

Четвртиот совет е да се обидете итно да ги санирате штетите од последните корупциски скандали што опасно ги демотивираат граѓаните да гласаат за било што. Може и мора тоа да се стори. Премиерот Зоран Заев сѐ уште има време со крупни гестови да ја зацврсти опасно разнишаната доверба на луѓето во власта, во време кога тоа е неопходно – два месеца пред плебисцитот. Какви гестови? Мислам дека премиерот многу добро знае што се очекува од него.

Петтиот совет е едноставен и најважен – немојте да ги лажете луѓето, бидете искрени. Ние имаме сериозни причини да го поддржиме тешкиот компромис што го направивте за да постигнете договор со Грција. Спокојно и уверливо, без кавги, со искрени пораки, објаснете им на луѓето зошто треба да гласаат „за“. Верувајте, ако бидете непретенциозни, директни и отворени, ќе се изненадите колку многу луѓе ќе ве разберат.
Внимателно изберете ги вистинските фронтмени на кампањата, уште повнимателно определете се за најпродуктивните комуникациски канали и не чекајте, време за губење нема!
ПС. Оваа колумна изразува мој личен став и не е дел од било каква платена политичка кампања. До референдумот, текстовите кои се дел од платени политички кампањи ќе ги објавуваме со дисклајмер што го опишува нивниот карактер, по претходен договор за условите за објавување. Се разбира, колумните и коментарите кои се лични ставови на авторите и не се дел од организирани кампањи, ќе ги објавуваме според досегашната пракса, без посебни назнаки.

© ЖУРНАЛ    ~172,58

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Мојата обврска да апстинирам
Мажоретките на ВМРО-ДПМНЕ
Мицко ташаклијата васељенски
Пред дестабилизација!
Омраза
Зошто ќе гласам позитивно?
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.