Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Помилување, екстрадиција и други останати проблематични прашања

Одобрено обвинението за Чавков и петмина пратеници
Север: Договорот за името е голем чекор за целиот Балкан
Хан: Иванов да преземе одговорност за процесот за договорот со Грција
Ѕанакопулос: Договорот е политичка победа, се решава прашање старо 30 години

Колумна

Помилување, екстрадиција и други останати проблематични прашања
Andrej_5.jpg
Андреј Божиновски


Drugi kolumni

Мешањето на институтот помилување или аболиција со институтот амнестија, одредените ситуации во кои таа се дава, како и несмасното нивно донесување од страна на претседателот Иванов, без почитување на Уставот и законот деновиве повторно предизвикаа главоболка во постапката за екстрадицијата на бегалците од правдата Никола Грујевски и Горан Бошковски. Во јавноста се поставија многу важни прашања во однос на процесот на екстрадиција, важењето на меѓународната потерница после одлуката на Врховниот суд во Атина за овој предмет, како и цел дијапазон на прашања за треба да се даде одговор.

Во однос на помилувањето, етаблирани домашни експерти кои го потврдија ставот дека општата одлука на Претседателот Иванов да помилува 57 лица со 41 посебни одлуки за помилување донесени на ист ден, соопштени со крајно конфузно правно недообработено и противречно јавно обраќање до граѓаните е скандалозно од правен аспект прво и основно бидејќи претставува противуставно и противзаконско постапување на шефот на државата за што се сноси и казнено-правна одговорност за конкретни казнени дела (член 353 КЗМ). Законот за помилување од 1993 година на која претседателот се повикува, предвидува дека Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување кога тоа е во интерес на Републиката или кога посебни околности кои се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат ека е оправдано.

Меѓутоа тука клучен збор е по исклучок, а јавната перцепција за ова дело е воспоставување на ново правило со кое се прогласува имунитет за одредени видови на сериозен криминал и за одредени лица со определени обележја – имунитет за криминал на белите јаки, имунитет за политичари кои ќе се затечат во вршење на тешки казнени дела и сл. Сите 41 помилувања дадени од Претседателот кои се засноваа на фамозниот член 11 од Законот за помилување во 1993 година, кој сега е непостоечки член од самиот почеток беа ништовни и неважечки поради формата и постапката во која беа донесени. Меѓутоа доказот дека живеевме во заробена држава е тоа што тие помилувања беа објавени во Службен весник и оттука произведоа правна сила која понатаму се одрази со сериозно попречување и опструкција на правдата, кулминирајќи со одлуката на Врховниот суд во Атина, кој не постапи по распишаната меѓународна потерница и не ја заврши постапката на екстрадиција на двата бегалци – првообвинети во клучните предмети на СЈО.

Судот во Грција секако може да одлучи да не ги екстрадира бараните лица и тоа е негов прерогатив, имајќи во предвид дека екстрадицијата претставува кооперативен процес заснован на начелото Aut Dedere Aut Judicare (или екстрадирај или суди) на органите на кривичниот прогон помеѓу две или повеќе држави за трансфер на осудени лица или лица за кои се води постапка за сторени сериозни кривични дела. Врз основа на тоа, таа се заснова и е регулирана врз принципите на меѓународното јавно право, договорите за екстрадиција и суверенитетот на државите и самата постапка на екстрадиција започнува врз основа на екстрадиционен договор, но пред се врз основа на добрата волја и заемното почитување на судските и други одлуки на двете земји. Во оваа смисла одлуката на судот во Грција за неекстрадирање на бараните лица со предзнак дека тие се веќе помилувани во Македонија и би немале право на соодветна одбрана би можела да се толкува како одлука донесена повеќе од политички отколку правни причини.

Во смисла на духот на правото – судот би требало да ја има во предвид правната природа на дадените и повлечените помилувања – кои беа донесени во време кога сите извештаи за Република Македонија од страна на оценските комисии тврдеа дека државата е всушност „заробена држава“ односно Captured State. Понатаму односот на претседателот со лицата  субјект на помилувањето и трето – практиката на судот во Стразбур. При донесување на важна одлука за екстрадиција – судот во Атина би требало да направи екстензивно толкување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде на секој правник му е јасно дека во тие пресуди – што се однесуваат за тешките кривични дела, криминалитет на белите јаки и кривична одговорност на јавни службеници за сериозен криминал, доминантен индикатор е јавниот интерес и интересот на кривичната правда пред било какво помилување дадено од претседател или амнестија дадена од Собрание за сериозни кривични дела. Тоа е објаснато во пресудата на судот во случајот Lexa против Словачка, која судот во Атина требало да ја има во предвид.

Судот би требало да утврди дека дадените помилувања го изигруваат јавниот интерес и интересите на кривичната правда при што се спротивни на тврдењата и толкувањата на судот во Стразбур, дадената правна природа, како и правната доктрина на Радбрух во која се тврди дека доколку законот или друг акт ја попречува правдата и справедливоста – истиот треба да се смета за неважечки од судот во интерес на правдата и јавниот интерес.

Во општа смисла домашните судови не треба да ги имаат во предвид дадените помилувања поради фактот што тие се ништовни – донесени со прекршување на формата, постапката и содржината. Уставниот суд е тој што треба да постапи по своја иницијатива и да ја поништи одлуката во однос на Законот за помилување, донесена во 2016 година со која се укинуваат измените на законот за помилување во 2009 и противзаконски се „воскреснува“ членот 11 кој е ништовен и врз кој се основаат ништовните помилувања. Во меѓувреме државните институции и судовите треба да ги игнорираат и сите постапки на СЈО да продолжат непречно.

 

м-р Андреј Божиновски,

Правен советник

 04.06.2018, 11:00  | Xh.I. | 132

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

3523
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.