Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Договори по потреба или притисоци?!

Шекеринска за "Different": Македонија се извлече од Балканската кал, граѓаните немат ..
Ангелов: Саздо не го убија Албанци, го убија три свирепи, злобни и сурови лица
Димовски: За избор на ДИК треба политичко усогласување
Алијансата за Албанците со решенија за спречување на лекарите да ја напуштаат држават..

Колумна

Договори по потреба или притисоци?!

Пишува Зеќирија Ибрахими

Македонија, полека, станува земја во која не е случајност или реткост да се кројат нови договори, со цел да се подобрат некои состојби и односи. Го имавме во 1993-та година договорот за привремена спогодба со Грција, со што ја добивме референцата БЈРМ и членството во ООН, секако и долгогодишните проблеми за решавање на oвој проблем, потоа во 2001. Охридскиот договор, кој се сведе на партиски вработувања и не успеа да произведе дух на меѓуетничка кохезија, потоа беше Мајскиот договор од 2007 година, наметнат од една албанска партија, со цел да се постави стандард „Владата ја формираат победниците од албанскиот и македонскиот камп“, за потоа во 2017-та година да го прегазат самите тие, дојде потоа Пржинскиот договор за решавање на кризата од 2015-та година, кој се спроведе со голем меѓународен надзор, иако имаше низа пропусти, во 2017-та го имавме историскиот договор со Бугарија, за решавање на меѓусебните државни односи, за на крај, на 17 јуни 2018-та, да дојде и договорот за решавање на долгогодишниот спор со Грција околу името на нашата држава.

Гледајќи од оваа перспектива, станува јасно дека Македонија е способна да потпише, а и да спроведе договори, зависно од тоа кој е нејзиниот интерес за тоа или, пак, колкав е притисокот за тоа. Иако за сите договори можеме да имаме примедби и забелешки, во едно мора да се согласиме: дека за постигнување договор треба храброст, решителност и, секако, визија.

А кога сме тука, сакам да потсетам дека Владата на Заев се покажа како најрешителна за решавање на сите спорови со соседите, така што безмалку за една година успеа да затвори два крупни долгогодишни спора со нашиот источен и јужен сосед. Тоа е доказ дека кога се работи за високи интереси и идеали, државата смогнува сили и наоѓа можности да направи и неверојатни одлуки.

Како и да е, тоа што треба да се постави како прашање е која е целта а договорите? Дали договорите ги правиме затоа што сме приморани или, пак, сме оптимисти дека со тој чин постигнуваме високи цели? Или, малку поточно, кога сме подготвени за постигнување договори со висока цена со соседите, зошто не успеваме заради емпатија, почит и кохезија да направиме договори во полза на внатрешните односи и благосостојбата?

Иако сите ние ги поздравивме договорите со Бугарија и Грција, некако несфатливо ми е како државата успева да најде сили за договори што менуваат име на државата, претходно што менуваа знаме, а не може да најде сили да се договара со своите граѓани за нивна благосостојба?

Имено, иако во Охридскиот договор беше предвидено дека Албанците во Македонија треба да бидат признати не како малцинство, туку како државотворен народ, се направија низа „финти“, за на крај Албанците пак да се најдат во категоријата на „малите“ (етнички заедници), одвоени од „големата Македонска нација на која ѝ припаѓа Македонија“, бидејќи „Македонија е на Македонците“.

Сличен беше и случајот со јазикот. Иако во Охрид беше превидено дека албанскиот јазик станува официјален на целата територија, со уставната формулација со пежоратив „јазик кој го зборуваат најмалку 20% од населението“ (како да било пцовка да се спомене доследно именската група „албански јазик“), а особено со законите за негова употреба, тоа се одолговлекува низа години, за да произведе и ден денес недоверба меѓу двата поголеми народа во Македонија.

Всушност во 2008-ма СДСМ не гласаше за законската употреба на албанскиот јазик, а сега истото го правеше ВМРО. На тој начин сега употребата на албанскиот јазик останува во милост и немилост на Претседателот на државата. Ова, несомнено, кај обичниот Албанец ја поставува дилемата „зар требало да бидеме присилни како Бугарите или Грците, за Македонците да нѐ признаат и да ни дадат можност и ние да го користиме нашиот јазик официјално?!“. Или, поинаку кажано, „зар треба и ние да најдеме некој странски фактор, кој ќе ги принуди Македонците да ги сфаќаат и прифаќаат нашите потреби?!“ Или, „зошто странските притисоци се посилни од домашните потреби?“.

Овие се прашања кои би требало да ги постави секој Македонец во земјата и да гледа со емпатија кон Албанците, со поставување на дилемата „ако сме подготвени за големи компромиси со странските соседи, зошто да немаме почит кон домашните соседи?“.

Кога бев пратеник во Собранието на Македонија, зборував со пратениците Македонци за прашањето на албанскиот јазик и им предлагав да направиме еден единствен закон за службена употреба на јазиците во земјата, на начин што ќе ја сочуваме позицијата на македонскиот јазик како поголем јазик во државата, а тука би ја определиле и употребата на другите јазици, вклучително и албанскиот. Мојот став беше дека македонските партии треба да го препознаат проблемот на употребата на албанскиот јазик како државен проблем, кој мора да се реши, пред сѐ, во интерес на државата: да се затвори еден проблем, да се придобие довербата на Албанците, да се зголеми внатрешната кохезија, да се гради „едно општество и една држава“ за сите.

Чинам ниту размислиле за тоа, бидејќи патерналистичкиот и моноетничкиот пристап на перцепцијата на државата не им дозволува да мислат дека може да биде поинаку – да бидат рамноправни со другите. За да покажеме искреност кон ваквиот пристап, партијата што ја претставувам беше единствената партија на Албанците која од секогаш јавно изјавуваше дека не прифаќа договор за решавање на спорот со името ако притоа би се задирало во идентитетот на Македонците и на македонскиот јазик. Сакавме да покажеме емпатија кон нив, дека ние ја разбираме нивната мака и дека ние – како народ кој дели иста држава, исто небо, и иста судбина со нив – не би сакале во никој случај да бидеме среќни во нивната несреќа. За жал, спротивното сѐ уште не сме го виделе.

И, иако ова е само еден пример, мислам дека е доволен за докажување која е состојбата на внатрешната кохезија во земјата, која е меѓусебната доверба, колкав е стравот од „другиот“ и колку сме заробени во „нашите ровови“. Затоа останувам убеден дека ќе биде залудно да бидеме дел од НАТО, ЕУ или пак да ги решиме сите спорови со надворешните соседи ако немаме смелост да ги разбереме потребите на нашите внатрешни соседи, да имаме трпение и емпатија да ги слушаме нивните барања и да се трудиме да ги разбереме нив како што би сакале и ние да бидеме разбрани од нив. А, за ваква интенција, барем јас уште не гледам добри знаци.

 26.06.2018, 16:00  | Xh.I. | 81

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

17048
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.