Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Три години од настаните во Диво Насеље – многу дилеми и неодговорени прашања

Ахмети: Ако сакате интегрирана Македонија во НАТО и ЕУ ќе го поддржите референдумот
Бејли од Арктикот: Се гледаме на планинските врвови на Македонија
Џихадисти од Македонија раскажуваат: ИСИС е лажно исламско движење, видов масакри на ..
Бартол за МИА: Граѓаните во голем број да излезат на референдумот и да го кажат своет..

Македонија

Три години од настаните во Диво Насеље – многу дилеми и неодговорени прашања
divo-naselje_1.jpg

И по три години од крвавиот викенд во Диво Насеље, кога во престрелка со терористичка група загинаа осум припадници на полицијата, а 37 беа ранети, во јавноста сè уште има бројни дилеми и неодговорени прашања  за мотивите и за нарачателите на овој „терористички чин“, како што беше оквалификуван од страна на надлежните институции. Оружената престрелка меѓу терористичката група и полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Жителите на кумановското Диво Насеље рано изутрината ги разбудија рафали кои продолжија во наредните 48 часа, држејќи ја под опсада населбата.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои претседателот Ѓорге Иванов посмртно ги одликува со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на земјава. Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група. Како што тогаш информираше МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина членови. Во борбите со полицијата биле убиени 10 членови на групата, а се предале 28.
Како водачи на групата се посочуваат Мухамед Красниќи – командант Малишева, Мирсад Ндрецај (командант Нато), Сами Укшини – командант Соколи и други. Истата група беше посочена и дека претходно го извршила нападот на караулата Гошинце. Полицијата го осуетила нивниот план за напади на државни и на цивилни цели.

За настаните во „Диво насеље“ во февруари 2016 година започна судска постапка, со која беа опфатени 29 лица кои се товарат за сторени „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И по три години, судскиот процес сè уште не е окончан.

Во ноември 2017 година,Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите.  Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље  добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Адвокатите на осудените поднесоа жалби и пресудите се очекува да бидат разгледани од страна на повисокиот Апелационен суд.

„Диво Насеље, 9 и 10 мај 2015 година, никогаш да не се повтори. Во заседа, заради скриени мотиви и монструозно загинаа осум припадници на полицијата. Никогаш да не се повтори. Припадниците на полицијата се тука да ја штитат државата и граѓаните, а не да бидат жртва на нечии интереси!“, напиша утринава министерот за вантрешни работи Оливер Спасовски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

По пресудата владејачката партија ДУИ, побара меѓународна експертска група да се расчисти целиот случај кој сè уште ја бранува јавноста, а беше формирана и Анкетна комисија во Собранието.

Премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање во врска со најавите за меѓународна истрага во овој случај, одговори дека се информирани претставниците на Меѓународната заедница – да размислат како да се оформи меѓународна истрага.

 09.05.2018, 09:38  | Xh.I. | 100

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

24100
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.