МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Стејт депармент: Лидерите во македонското Собрание да ги надминат партиските политики
Шекеринска: Собранието има историска можност и одговорност да ја отвори вратата за НА..
Димитров: Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици
Колумни
Точка од која нема враќање назад

Точка од која нема враќање назад

понеделник, 14 мај 2018, 00:47ч.   |   B.M.

Бранко Героски

Како што се претпоставуваше и како што веќе објаснив пред некој ден, толку колку што ми беше дозволено во мојот настап во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, Скопје и Атина најверојатно ќе се договорат да потпишат меѓусебна спогодба за спорот за името, но спогодба во која ќе се предвиди рок за имплементација на решението во нашето (домицилно) законодавство, најверојатно со промена во Уставот.

Влијателните грчки медиуми веќе го обелоденија ова сценарио и сега ја уверуваат грчката јавност во она за што и јас и други луѓе пишувавме и говоревме во неколку наврати. Имено за тоа дека после потпишувањето на спогодбата, која ќе биде комплетно обврзувачка, следи долг процес на ратификација на нашето членство во НАТО од страна на земјите членки. Во тој период Македонија ќе мора строго да ги испочитува и словото и духот на договореното. Во „дуелот“ на Канал 5 за тоа го убедував и неочекувано агресивниот и малку збунет претставник на „ерга омнес стратегијата“ на некои наши интелектуалци, според која треба да „дадеме“ сѐ што ќе ни се побара, па дури и она што од нас не се бара, а со цел да ги „задоволиме“ Грците и така, по секоја цена, да влеземе во НАТО (колегата Зоран Иванов е еден од групата заговорници на оваа „стратегија“).

Но, да ги оставиме тие несериозности сега. Општо земено, идејата спорот да се реши со спогодба со комплетно обврзувачки одредби и со рок за имплементација е одлична и единствено можна, всушност. Зошто? Затоа што во овој момент владата на Заев објективно не може да стори ништо друго освен да потпише спогодба со владата на Ципрас и да ја ратификува во Собранието. Во македонскиот парламент во овој момент не постои двотретинско мнозинство за било каква промена на Уставот. Дури ни за таква каква што веројатно ќе биде нужна за да се „зацементира“ договореното.

Велам, замислената техника како да се дојде до решение на спорот (можеби уште идната недела во Софија) е добра. Но, најважна сепак ќе биде суштината на договорот. Прифатливо композитно име, во чија основа секако мора да биде зборот Македонија, ќе се најде. Тоа е јасно. Но, каков ќе биде опфатот на новото компромисно име? Дали Атина и Скопје постигнале договор што сѐ подразбира формулата „ерга омнес“? Не сум баш сигурен дека преговарачите ја апсолвирале таа најважна тема. Обратно, имам впечаток дека се водат жестоки преговори токму за ова прашање. И страхувам дека нема лесно да се постигне согласност.

Конечно, ако владите во Скопје и во Атина сепак успеат да ја усогласат формулата „ерга омнес“, пред да ја потпише спогодбата, демократскиот премиер Зоран Заев сепак ќе мора да ја извести домашната јавност за сите детали на решението. И апсолутно сум сигурен дека тој тоа и ќе го стори. Зошто? Затоа што премиерот е свесен дека потпишувањето на договорот е точка од која нема враќање назад и затоа ќе сака да ја сподели одговорноста за одлуката – ако не со јавноста, тогаш барем со целата влада и со органите и телата на својата партија. Искрено, очекувам Заев да ги одржи досегашните ветувања (не само негови) дека решението на спорот нема да ги засегне атрибутите на македонскиот национален идентитет.

Да, знам дека деновиве е фенси да се ломоти дека ваква „никаква“ Македонија нема идентитет вреден да се брани и дека ни е потребен, всушност, некаков нов идентитет. Небаре нашиот национален идентитет е како стар автомобил кому му минало времето, па сега троши пари за масло и за поправки на дефектите и затоа е паметно да се замени со нов. Убеден сум дека и Заев и одговорните политичари во Владата не наседнуваат на ваквите инфантилни тези и пози, бидејќи со нив навистина не може да се изгради сериозна политичка позиција. Македонија секогаш преговарала, а се надевам дека и сега преговара, за име кое ќе се употребува во службената комуникација со државите и во меѓународните организации (прифатливо и за Грците и за нас). Никогаш не се преговарало за име со кое ќе ги преименуваме сите институции во нашата земја, не за име со кое ќе применуваме буквално сѐ од Гевгелија до Табановце, не за име чија употреба во Македонија на Грците никаква суштинска полза нема да им донесе (освен што ќе задоволи нечии каприци), а за нас сепак ќе значи поткопување на темелите на македонскиот национален идентитет.

Ова што го пишувам, почитувани читатели, не е некоја моја нова „патриотска поза“, како што ме обвинуваат некои недоветни луѓе. Не. За компромисно решение на спорот со Грција се залагам долги години. Во 2007 и 2008 година, пред самитот на НАТО во Букурешт, напишав триесеттина обемни колумни на оваа тема. Бев нарекуван грчки платеник и шпион, подоцна дури и „поголем Грк од Венизелос“. Ја бранев мојата идеја и тогаш кога сите македонски политичари одбиваа суштински да разговараат за компромис. И тогаш кога тие што сега заговараат нов македонски идентитет, или молчеа или беа големи „патриоти“. Ја ризикував дури и својата кариера, бев сменет од главноуредничката позиција во весникот што го основав, во еден обид да се задуши мојот глас.

Не попуштив ни тогаш, тврдоглаво ја заговарав идејата за компромис со Грците и за потребата што поскоро да станеме членка на НАТО и на ЕУ. Но, исто толку тврдоглаво тврдев, како што сега тврдам, дека компромисното меѓународно име за нашата земја не смее да го засегне нашиот национален идентитет. Немам причина, после толку навреди и клевети изречени на моја сметка, сега да го менувам своето мислење. Тоа е мојата „црвена линија“. Таа е само моја и никого на ништо не обврзува. Моето мислење им е важно само на тие што ќе одлучат дека им важно. Објективно, сега е важно да видиме која е „црвената линија“ на Зоран Заев и каков договор ќе биде постигнат.

Искрено му посакувам успех на премиерот и му ветувам силна лична поддршка ако постигне спогодба со која ќе ги одржи своите јасни ветувања што ги паметиме сите. Зборот си е збор, нели?

 

© ЖУРНАЛ    ~216,72

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Мојата обврска да апстинирам
Мажоретките на ВМРО-ДПМНЕ
Пред дестабилизација!
Омраза
Зошто ќе гласам позитивно?
Држава без народ – како џамија без џемат
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.