Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Магарешки приказни

Пендаровски: Грција нема да го прекрши Договорот
Шекеринска за "Different": Македонија се извлече од Балканската кал, граѓаните немат ..
Ангелов: Саздо не го убија Албанци, го убија три свирепи, злобни и сурови лица
Димовски: За избор на ДИК треба политичко усогласување

Колумна

Магарешки приказни

Сашо Орданоски

Како што тргнало, за очекување е наскоро опозицијата да излезе со обвинувања во јавноста дека сегашната Македонска влада, на чело со Заев, е виновна и за кумановскиот инцидент во Диво Насеље од пред три години. (За тој безбедносен дебакл допрва ќе следува кривично-правен расплет.)

Тоа следува од логиката на обвинувањата, што веќе ги надминаа фазите на алузии, дека за грозоморните настани од случајот „Монструм“ во 2012 година (!) небаре е виновно раководството на СДСМ (замислете, „Заев, спиеш ли мирно?“, гласеше еден од транспарентите на стотината активисти на ВМРО-ДПМНЕ на протестите пред Кривичниот суд, во отсуство на најблиските роднини на загинатите). А и за пропаста на Фени ќе треба да се обвинат оние што тој комбинат го вратија од работ на провалијата на матните зделки од времето на минатата власт за, наместо да го ликвидираат, да помогнат да се стави во производствена функција.

Да, да, како што тргнало, претпоставувам дека обидот за фалсификување на поновата македонска историја ќе треба да продолжи и со обвинувања за самоповредувања на пратениците при упадот на насилната толпа во Македонското собрание пред година дена. Па, кога подобро ќе размислиш, што има и Села и Шекеринска да ни се шетаат непотстрижени, со такви фризури низ собраниските сали, провоцирајќи граѓани да ги влечат за коса?!

Како во оној виц дека убиениот со десет убоди од нож во грбот, всушност, се самоубил, паѓајќи врз ножот назачки – и така едно десетина пати!

Тешко оди со дистанцирањето на најголемата опозициона партија од криминалите и скандалите на сопственото бившо раководство. И во политичка и во искуствена смисла. Околу тоа уште се создаваат магли и се негуваат митови во ВМРО-ДПМНЕ, од разновидни причини: малку идеологија, малку опортунизам, малку наплатена лојалност, малку бизнис и други интереси, а најмногу заради бавното македонско судство на кое ќе му треба долго време за да расчисти со стотиците поднесени обвиненија… Дури, кога ги слуша човек изјавите на главните актери по некое од рочиштата, да помисли човек дека обвинетите тужат, а не обратно.

Истовремено, се добива впечаток дека кругови во сегашната опозиција (таму, реално, не се знае баш кој за што е надлежен за она што се пушта во јавноста) живеат во уверување дека е доволно само да се има добра пропаганда, за да се надмине оваа непријатна, но кратка фаза на одмор во опозиција, пред да се вратат на власт, за повторно да се устоличат во привремено ослободените државни и партиски фотелји, за да продолжат онаму каде што застанаа во јуни 2017 година.

Има еден сентимент кај Фамилијата кој може да се толкува како еден вид плачлива „жал за младост“, уверени дека власта ја загубиле неправедно (таман кога ги научија македонските магариња да живеат без да пијат вода!), понижени од подлите сплетки на „црпката од Муртино“ и неговите „бомби“. Копнеат по одмазда, и тоа, по можност, со истите средства заради кои веруваат дека тие паднаа од власт: со сплетки, со создавање афери и скандали, со ширење на истата пропаганда за СДСМ како додека беа на власт (дека, за разлика од нив, „комуњарите“ се неспособни и мрзеливи), а на крајот не би се изненадил и тие да се обидат некој сет од „бомби“ да произведат, со слични компромитирачки материјали за сегашната власт.

А којзнае како ќе одекне, ако и кога ќе ѝ дојде време, една таква „реприза“ во македонската јавност?!

Знам само дека сегашната дрска замена на тези – дека за насилствата и криминалите на поранешната власт, на некој начин, е повиновна сегашната власт – е глупост во која ни пцовисаните, жедни магариња не можат да поверуваат.

 

 29.04.2018, 21:27  | B.M. | 131

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

8495
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.