МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
ОЈО: Дел од обвинетите од „27 април" организирани и со фантомки влегле во Собранието
Заев-Галовеј: Потврдена поддршката од Обединетото Кралство за спроведувањето на пресп..
ОЈО: На „27 април“ полицајците се повлекле, а обвинетите организирани и со фантомки в..
Димитров до Палмер: Македонските граѓани својата иднина ја гледаат во евро-атлантскот..
Македонија
Ќе има нови собраниски правила

Ќе има нови собраниски правила

петок, 20 април 2018, 10:23ч.   |   Xh.I.

Конститутивната седница на парламентот да биде временски ограничена, да се остават денови плус за расправа за буџетот, а потпретседателот на Собранието од редовите на опозицијата да има зголемени надлежности.

Ова, според информации на „Независен весник“, се дел од точките за кои се блиску до договор преговарачките тимови на мнозинството и на опозицијата во парламентот, а кои допрва треба да се преточат во измени на собранискиот Деловник. Мнозинството и опозицијата, како што дознаваме, се речиси усогласени околу тоа конститутивната седница да трае исто колку и седницата за избор на влада – два дена, така што таа мора да заврши со избор на претседател на парламентот. Оваа новина се воведува по сугестија на меѓународната заедница, а со цел да се избегнат ситуации како по изборите во 2016 година, кога од конституирањето на деветтиот парламентарен состав до изборот на Талат Џафери за претседател поминаа речиси четири месеци, а епилог беа крвавите настани на 27 април. Се најавува и дека во новиот Деловник ќе се прецизира дека со конститутивната седница претседава најстариот пратеник или некој од следните според возраста, за да се избегнат маневри какви што преземаше претходниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски.

Според нашите информации, во рамки на разговорите меѓу мнозинството и опозицијата, се прифатени досега повеќето или околу 14 барања на ВМРО-ДПМНЕ за измени на Деловникот. Едно од барањата е потпретседателот на парламентот од редовите на опозицијата да добие зголемени надлежности, така што, на пример, во случај на спор ќе може да побара од спикерот прашањето да го реши Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Во оваа насока се очекува и ВМРО-ДПМНЕ во наредните месеци да кандидира еден од своите пратеници за потпретседател на Собранието, откако одби да го направи тоа за време на бојкотот – кога се избираа актуелните тројца потпретседатели. Потпретседателот од ВМРО-ДПМНЕ би ја презел комисијата за менаџирање на Собранискиот канал на МРТ. Петтиот потпретседател, пак, треба да биде од редовите на Беса, но и ова место не е пополнето сѐ уште поради внатрешните несогласувања во партијата. Засега, како што дознаваме, спорно за мнозинството е барањето на ВМРО-ДПМНЕ – одлуката за одземање имунитет на пратеник да се носи со двотретинско мнозинство. Образложението на мнозинството, пак, е дека имунитетот на пратениците е уставна материја.

Од друга страна, има расположение за предлогот да се дадат дополнителни денови за расправа за буџетот. Така би останале три дена за општа расправа за буџетот и седум за амандманска, по што во наредните три до четири дена би се разгледувале дел од преостанатите амандмани за кои опозицијата ќе одреди дека треба да се расправа. Потоа, би останал уште еден ден за Владата да се произнесе за сите поднесени амандмани. Коалицијата на СДСМ, пак, се залага за тоа да се утврди точен рок, на пример, од по три дена комисиска и пленарна расправа, по што ќе мора да се гласа за одреден закон. На таков, начин, според проценките, ќе се избегнат чести блокади на парламентот со бескрајни расправи за одредени прашања.

Предвидените корекции се очекува да се допрецизираат во рамки на процесот „Жан Моне“, што го иницира ЕП, а чија прва сесија, по неколку одложувања, е закажана за периодот од 17 до 19 мај во Охрид. Во комплексот „Инекс – Горица“, зад затворени врати ќе дебатираат претседателот, генералниот секретар и потпретседателите на парламентот, координаторите на пратенички групи, уште по еден до двајца пратеници од партиите застапени во законодавниот дом и претставници на собраниската администрација. Се очекува присуство и на тројцата европарламентарци кои беа вклучени во разговорите во Пржино: Кнут Флекенштајн, Иво Вајгл и Едвард Кукан. Европратеникот Флекенштајн посочи дека на првата сесија од дијалогот „Жан Моне“ ќе се дебатира за етичките стандарди и за независноста на македонскиот парламент.

 Почнуваме за некоја недела во мај. Ќе се сретнеме, не за прашања како што е името и слично, тоа не е за нас. Но да разговараме за најдобри пракси за етички стандарди во Собранието, како тоа да биде независно, што значи буџет за него, Владата да не може да се вмеша. Се работи и за безбедноста на Собранието, не треба во таа зграда да има државна полиција, туку да се најдат други решенија. Има повеќе точки, сакаме да дискутираме со нашите партнери, има и повеќе решенија во нашите земји членки и можат да ги најдат најдобрите модели и, ако се договорат, да ги развијат во нивната земја вели Флекенштајн.

Во извештајот на Европската комисија, во делот на работата на македонскиот парламент, е наведено дека се во тек активност за воспоставување етички кодекс и ревидирање на Деловникот. Обновени се активностите за спроведување на препораките на анкетната комисија за настаните во парламентот на 24 декември 2012 година. Во тек се подготовки за дијалогот „Жан Моне“, со цел јакнење на културата на компромис меѓу пратениците, се наведува во извештајот на ЕК.

Опозицијата – агресивна, наместо конструктивна

Според Европската комисија, насилството во Собранието во април 2017 беше напад на демократијата и треба да се воспостави одговорност за оние што ги оркестрираа овие инциденти и под итно треба да се реши безбедноста во парламентот, така што за него не треба да се грижи државната полиција.

И покрај предизвиците со кои се соочи, новиот парламент вложи напори за постепено враќање на балансот и контролата врз извршната власт, фокусирајќи ги своите активности на долгорочни реформи за да ги подобри своите капацитети за надзор и зголемување на транспарентноста – стои во Извештајот. За опозицијата се наведува дека нејзиното дејствување било обележено со агресивност и повремени прекини на парламентарните активности. Се препорачува парламентот да ја зголеми својата продуктивност како форум за конструктивен дијалог.

Другите препораки се да се ограничи носење закони по скратена постапка, да се обезбеди функционален надзор над Владата и безбедносните служби, како и следење на заштитата на човековите права и основните слободи во земјата. Треба да се избегнуваат опструкции и злоупотреби кои го оневозможуваат парламентот да функционира правилно.

Институцијата покажа отпорност, и покрај политичките случувања што ја попречуваа нејзината работа сѐ до втората половина на 2017 година. Изборот на претседател на парламентот беше одложен поради одбивањето на претседателот Иванов да го признае постоењето на парламентарното мнозинство. Првиот етнички Албанец за претседател на парламентот е избран на 27 април 2017 година, што предизвика напад од страна на луѓе кои протестираа пред парламентот, а на кои некој им дозволи да влезат во собраниската зграда. Органите на прогонот не успеаја да ги спречат нападите и да обезбедат соодветна заштита на парламентот и на неговите членови – се посочува во извештајот на ЕК.
 

© ЖУРНАЛ    ~93,31

НАЈЧИТАНИ ОД МАКЕДОНИЈА
Јорданов: Ми извадија список дека должам 30 милиони евра
Весна Пешиќ: Не гледам зошто ви пречи да се викате Северна Македонија!
Денко Малески: Кој ни гарантира дека ке останеме Македонци во Северна Македонија?
Лицитација со вмровските пратеници
Емилија Александрова: Тоа што ме исклучија од ВМРО-ДПМНЕ го доживеав многу тешко, но не им се лутам
Адеми до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: Се откажав од идеалот за Голема Албанија, понекогаш треба да направите отстапка
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.