МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Поднесена кривична пријава за убиство во обид против телохранителот на Мијалков
Парламентарни заедно со претседателските, заради цензусот
Три нови случаи со мали сипаници во Скопје, досега 69 заболени
Законот за употреба на јазиците испратен до Венецијанската комисија
Македонија
Коѕијас - Димитров: Уште неколку спорни, но најтешки точки

Коѕијас - Димитров: Уште неколку спорни, но најтешки точки

четврток, 12 април 2018, 15:06ч.   |   Xh.I.

Повеќе од три часа траеа разговорите за името меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во вилата Билјана во Охрид. За дел од прашањата постигнат е напредок, за дел се уште постојат разлики, рекоа тие. Нова средба најавија за 3 и 4 мај во Солун.

Имавме многу отворени и искрени разговори, разговаравме за сите прашања кои ја составуваат разликата за прашањето за името, за дел од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани, а за дел се уште постојат разлики, изјави министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров.

„Разговаравме за прв пат за временската рамка и за чекорите, за кои доколку се постигне решение, како тоа ќе изгледа и како ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот и нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди“, рече Димитров.

Тој нагласи дека додека траела нивната средба со Коѕијас, средба одржале и работните групи составени од високи дипломати на двете земји, кои врз основа на напредокот кој го направиле на средбата во Виена пред десет дена, го усогласиле текстот за идната соработка во различни области.

„Работеа исто така на текст за спречување на иридентизмот од двете страни, и исто така работеа и на преамбуларните параграфи од идниот билатерален договор. За овие разговори ќе ги информираме нашите премиери. Процесот продолжува, во следниот период има закажано една квадрилатерална средба, каде што исто така ќе имам прилика да се видам со колегата Коѕијас“, рече Димитров.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас му се заблагодари на неговиот колега Димитров за извонредното гостопримство, бидејќи како што рече, секогаш кога се среќавале дискутирале и за тешки прашања.

„Освен темите кои ги решаваме, постои и меѓусебно разбирање. Во наредниот период ќе се сретнеме, сигурно е дека ќе се сретнеме на 3 и 4 мај во Солун, а исто така и на 11 и 12 мај кога ќе ја дискутираме иднината на Европа“, рече Коѕијас.

Тој изрази благодарност до дипломатите на двете земји, наведувајќи дека тие забележуваат напредок „во предметот кој го имаат преземено“, посебно рамката на заедничка соработка, но и на „тешкото прашање“ кое се однесува на иредентизмот.

„Колку што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање, но сепак се најтешките. Денеска го направивме тој позитивен чекор што можевме да го направиме, бевме соочени со големите и тешките проблеми. Се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но тоа е работата на дипломатијата“, рече Коѕијас.

Ова беше трета средба на Димитров и Коѕијас за неполн месец, по оние во Скопје и во Виена.

Средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија Димитров и Коѕијас во Виена беше со медијаторот на ОН Метју Нимиц.

Димитров тогаш изјави дека разговарале за сите отворени прашања кои се опфатени во целиот пакет, додавајќи дека бил постигнат условен напредок во разговорите.

За време на последната посета на Коѕијас во Скопје, двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение кое ќе биде достоинствено и чесно за сите и не само што ќе ги решава проблемите од минатото, туку ќе придонесе и за подобра иднина.
 

© ЖУРНАЛ    ~126,42

НАЈЧИТАНИ ОД МАКЕДОНИЈА
Заев: Имам информации дека Елизабета Канческа-Милевска нема да гласа за уставните измени
Повик на МОН за учество во комисија за измена на учебници
ВМРО-ДПМНЕ: Заев натера повеќе од 70 отсто од граѓаните да сакаат да ја напуштат татковината
Богојески: Можеме и шестти пат да го промениме името
Журнал дознава: Владимир Ѓорчев, кандидат за Претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ?!
Бучковски: Законот за амнестија ќе му пресуди на Заев
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.