Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Рано е да се откажеме од Заев

Ахмети: Ако сакате интегрирана Македонија во НАТО и ЕУ ќе го поддржите референдумот
Бејли од Арктикот: Се гледаме на планинските врвови на Македонија
Џихадисти од Македонија раскажуваат: ИСИС е лажно исламско движење, видов масакри на ..
Бартол за МИА: Граѓаните во голем број да излезат на референдумот и да го кажат своет..

Колумна

Рано е да се откажеме од Заев

Пишува Насер Селмани

Премиерот Зоран Заев го запознав сосема случајно на еден брифинг во пратеничката група на СДСМ во Собранието пред одржување на локалните избори во 2004 година. Во тоа време Заев беше млад пратеник од Струмица, малку познат во јавноста, освен што меѓу колегите се знаеше дека е дипломиран економист и дека неговата фамилија има неколку фирми што добро работат. На тие избори неколку пратеници, по нивна волја или по налог на СДСМ, требаше да се кандидираат за градоначаници. Дилемата што се покрена во јавноста беше дали во моментот кога партиите ќе ги поднесат кандидатските листи во Државна изборна комисија, пратениците треба да поднесат оставка од пратеничката функција поради конфликт на интереси.

И, секако, ставот на СДСМ и на најголем дел од нејзините пратеници претенденти за градоначалници беше дека не мораат да поднесат оставка. Само еден пратеник од СДСМ отскокнуваше од овој став. Е, тоа беше Зоран Заев, кој тогаш требаше да биде кандидат за градоначалник на Струмица. Иако случајно се најде тука, кажа нешто што мене многу ми остави впечаток како новинар, но од друга страна ептен го иритираше тогашниот координатор на пратеничката група на СДСМ. Но што кажа Заев? Рече дека сакал да даде оставка од пратеничка функција во Собрание, но дека раководството не се согласило со тоа. И, не заврши тука, туку продолжи. Ако јас изгубам во Струмица, нема да бидам повеќе ни пратеник. Ако струмичани не ми веруваат мене, тогаш кого претставувам јас во Собрание! Многу точно, храбро и нетипично за еден политичар од СДСМ од тоа време.

Вториот момент битен да се разбере политичарот Заев е неговото апсење во 2008 година и обидот за негова политичка егзекуција од страна на тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски. Зошто овој настан е битен за мене? Затоа што Заев тогаш покажа карактер и одби да се спогоди со режимот, дури и по цена да заврши во затвор. Началниците реагираа брзо и координирано кога видоа дека не можат да го скршат со заканата со затворска казна, па го амнестираа со цел да ја запечатат неговата политичка кариера уште на почеток. Знаеја дека ако Заев биде осуден и заврши во затвор, без разлика на обвиненијата што му ги ставаа на товар, во очите на македонската јавност, како успешен градоначалник на Струмица, ќе беше жртва на режимот и херој за граѓаните. Прашање на ден ќе беше неговото триумфално враќање во политиката и со тоа Груевски и Црвенковски ќе заминаа во историја. Сетете се на зборовите на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, демек одлуката да го амнестира Заев му била една од најтешките. Со тоа Црвенковски практично го прогласи за виновен за делата што му се ставаа на товар. Подоцна се покажа дека начинот како Заев го градеше трговскиот центар била пракса на сите функционери на ДПМНЕ.

Политичкиот профил на Заев како политичар најдобро дојде до израз за време на долгиот процес за рушење на режимот на Груевски. Покажа одлучност, храброст и тактичност. Јас немам никаква дилема дека без Заев, беше речиси неможно да се руши Груевски. Неговата улога е незаменлива во ослободување на Македонија од еден авторитарен режим, кој беше подготвен да прокоцка сѐ, само да се спасат експонентите на режимот и да ги сочуваат украдените пари од државата во текот на нивното единаесетгодишно владеење. Отворањето на СДСМ кон гласачите Албанци е четвртиот момент, кој е важен за да се сфати политичкиот профил на Зоран Заев. Да не беше ова отвореност на опозицијата кон овие гласачи, режимот на Груевски убедливо ќе победеше на изборите во 2016 година, а иднината на Македонија ќе беше многу неизвесна.

Сите овие моменти ги спомнав со цел да кажам дека јас како граѓанин сѐ уште му верувам на Зоран Заев. Може да бидам незадоволен од учинок на неговата владата за овие девет месеци од владеењето, но секако можам да го разберам. Очигледно нашите очекувања беа преголеми или нереални во актуелниот политички момент. Го разбирам Заев затоа што не сум сосема сигурен дека кој било друг на негово место, во вакви околности, би испорачал повеќе. И, секако, јас нема да се откажам така лесно од Заев, затоа што македонската јавност има вложено многу енергија за неговото кревање како политичар. Несериозно и незрело е една политичка фигура, на која сме се колнеле три години, да се откажеме само по 9 месеци од неговото владеење.

Нема да кревам хистерија против Заев, исто така оти не сакам да бидам дел од играта на државниот естаблишмент, кој повеќе од 15 години се обидува да елиминира една политичка фигура, која е поинаков од досегашните политичари. Не се откажувам оти уште верувам дека со граѓанска поддршка и помош на нашите пријатели во светот, можеме да направиме дисконтинуитет со политичкиот естаблишмент во Македонија, кој длабоко во себе е недемократски. Тој досега покажа дека единствено се грижи за друштвото, отколку за интересите на обичниот македонскиот граѓанин. Убеден сум дека етничката и верската омраза и нетрпение во Македонија се создава токму од овој естаблишмент, кој злоупотребувајќи ги чувствата на граѓаните, владее по принципот подели па владеј. Поделена, скарана и слаба Македонија, никогаш нема да стане дел од слободната, демократска и обединета Европа. Во суштина, тоа е крајната цел на естаблишментот кој сега се нафрла на Заев, со цел Македонија да не го фати последниот чекор во интеграцијата и да останеме во маргините на процесите како црна дупка во Балканот, во прегратка на началничките режими во Србија. Естаблишментот не се возбудува затоа што Заев не успева да ги исполни ветувањата, напротив, се плаши дека тоа во догледно време може да е реално остварливо.

А, кој е тој фантомски естаблишмент, за кој цело време зборувам, а што обичните граѓани не ни можат да ги видат со голо око. Дел од тој политички и државен естаблишмент го има и во самата влада на Заев и во опозицијата. Кажете ми мене, како е можно сите критики против новата влада да бидат вперени само против Заев и неговите блиски соработници, а во ниту еден случај да не се критикува Рада Шекеринска, која има важна функција во партијата и во владата? Шекеринска е потпретседател на СДСМ со најдолг стаж од сите функционери на партијата, а има и клучна улога во кадровската политика на владата. Кога сте слушале еден лош збор во јавноста против Шекеринска заради утките во кадровска политика на владата? Нели таа е претседател на кадровската комисија на СДСМ. Напротив, сѐ оди на негативното конто на Заев. И, сега некој ќе ми каже дека тоа било случајно. Секако дека не е случајно. Стариот СДСМ, кој се идентификува со Црвенковски, е добро ситуиран во партијата. Тие не само што не му помогнаа на Заев во рушењето на Груевски, туку пред изборите ширеа дефетизам дека Заев не може да го победи Груевски. И, секако, овие луѓе се многу заинтересирани Заев да не успее и во хор да скандираат, „Врати ни се Бранко!“ Катастрофа!

Но овие структури во СДСМ не се единствени што работат Заев да го истрошат набрзина за да се им отвори патот за консолидацијата на нивната власт правејќи подземни договори со режимот на Груевски, кој сѐ уште ја контролира ВМРО-ДПМНЕ и е вграден во битни институции на системот. И, после тоа, сѐ ќе биде исто, само Заев ќе го нема!

Силен столб на криминализираниот државен естаблишмент е секако и ДУИ, која практично обезбедува мнозинство на владата на Заев. Ова политичка структура, поради грешките на недораснатите политичари во албанскиот опозициски блок, му овозможи на Груевски преку Али Ахмети да обезбеди континуитет на стариот режим во дел од институциите на системот. На функционерите на ДУИ, за кои има сериозни индиции за криминал, единствен спас им е да одржат статус кво на процесот или кога ќе осетат дека Заев е доволно слаб, да се вклучат директно во неговата политичка елиминација. ДУИ за единаесет години владеење со ВМРО никогаш во преден план не ги стави правата на Албанците, туку тендерите, но ете сега во владата на Заев наеднаш ги фати патриотски занес, откако добро се нафатираа од режимот на Груевски.

И ова секако не е случајно. Тие нема да одговорат за криминалот за кој има сериозни индиции само ако контролата на СДСМ ја преземат луѓето од старата структура, кои во досегашната политичка практика имаат докажано дека љубат само корумпирани Албанци. Тој услов најголем број од кадрите на ДУИ го исполнуваат без проблем, а за возврат на естаблишментот ќе треба да му испорачаат продолжување на глумењето лудило во политичкиот живот како наводни претставници на Албанците, за да послужат како алиби пред светот дека ете Албанците се претставени во системот.

Срцето на стариот естаблишмент е сѐ уште во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тој коруптивен систем најдобро функционира со оние што најмногу можат да бидат уценети. А, Груевски и компанијата сега се најподложни на уцени. Груевски ќе биде лојален на естаблишментот затоа што знае дека него ќе го спасат само старите структури на СДСМ, со кои додека беше на власт перфектно функционираа. Не заборавајте дека Груевски на власт дојде со поддршка на Црвенковски и Петковски.

Ете, зошто јас мислам дека многу е рано да се откажеме од Заев. Неговите ситни слабости и грешки не смееме да дозволиме да ни ја замаглат големата слика во која верувавме, Македонија, како слободна, демократска и европска земја. Не заради Заев, туку заради нас.

 05.03.2018, 12:31  | Xh.I. | 247

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

NAJCITANI
 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

18939
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.