Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Дали дипломатскиот спор ќе ни го затвори рускиот пазар?

„Катимерини“: Името Илинденска Македонија е предлог на ФИРОМ
Катимерини: Заев и Ципрас ќе разговараат за склучување меѓународен договор
Заев: Со Хоџа одлучивме да се повлече откако го слушнавме народот и опозицијата
Османи: Историската мисија за обединета Европа е нашата стратешка цел

Економија

Дали дипломатскиот спор ќе ни го затвори рускиот пазар?
20180328071456.jpg

И покрај често пати јавно прокламираната културна, религиозна и историска блискост меѓу Македонија и Русија, официјалните статистички бројки за трговската размена и инвестиции двете земји се поразителни. Русија не е ниту првите 15 главни економски партнери на земјава, џиновскиот руски пазар со 144 милиони потрошувачи е затворен за македонските компании, а рускиот извоз главно се сведува на енергенси, природен гас. Но, руски пари има во Македонија. Тие не се гледаат во статистиката бидејќи најголем дел од нив доаѓаат преку трети земји, најчесто преку офшор компании во земји на даночен рај, како Кипар или Белизе, така што се затскрива вистинското сопствеништво и влијание врз македонската економија.

Сепак, официјалните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во последниве неколку години, трговската размена меѓу двете земји е во постојан раст, но протерувањето на рускиот дипломат од земјава и острата реакција на Москва за ова прашање и за намерата на Македонија да се приклучи кон НАТО се закана дека ќе се спушти рампата за македонските производи на рускиот пазар. А заканата е реална, бидејќи како што беше политичка одлуката за засилено руско присуство и влијание во Македонија и во другите земји од Западен Балкан, таков ќе биде и идниот чекор што ќе го преземе руската страна на полето на економските односи меѓу двете земји.

Според статистиката, Руската Федерација лани се пласира на 18- то место меѓу надворешно- трговските партнери на Македонија, зад Јужна Африка, Словенија, САД и Австрија. Нашите компании во 2017 година на рускиот пазар извезоа стока во вредност од 47,8 милиони евра, а увозот изнесуваше 129 милиони евра или вкупно 174 милиони евра, што е раст од 4,3 отсто на годишно ниво.

Колку за споредба, трговската размена со сите земји на ЕУ е клучна за македонското стопанство, ланскиот извоз вреди 4 милијарди, а увозот 4,3 милијарди евра. Наш најголем партнер е Германија, една од ретките земји со која имаме трговски суфицит, а каде лани извезовме стоки во вредност од 2,3 милијарди евра, а увозот беше 803 милиони евра.

За тоа колкав простор има за освојување на рускиот пазар најдобро илустрира изјавата на Сашо Ристовски, секретар на Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук (МАП), кој учествува на манифестацијата „Денови на македонската зимница“ која се одржува во Москва.

- Лани 32 членки на деловната асоцијација извезле вкупно 45.000 тони конзервирано овошје и зеленчук пред се во Западноевропските и прекуокеански земји, а од тоа само 121 тон во Русија. Во МАП не сме задоволни со ваквите бројки и заедно со Македонско-руската стопанска комора ќе се обидеме далеку поголем број конзервни производи да се најдат на овој пазар. Оваа средба само прв чекор во тој правец- изјави Ристовски.

Во земјава одамна е присутна руската нафтена компанија „Лукоил“, како и компании од областа на рударството, енергетиката, металургијата и финансиските услуги. Еден од најпознатите руски бизнисмени во Македонија е Сергеј Самсоненко, кој јавно се вклучи во политиката со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ уште додека беше на власт. Тој е сопственик на фудбалскиот и ракометен клуб „Вардар“, хотелот „Русија“ и спортската сала „Јане Сандански“ добиена на концесија на 35 години и на до неа новоизградениот хотел „Русија“ и на обложувалниците „Бет сити“.

Што може Македонија да и понуди на Русија на економски план? Имаат ли Македонските компании капацитет да го опслужат рускиот пазар? Секако, најконкурентни може да бидеме со млечни и земјоделски производи, вино, конзервната индустрија, но и туризмот и енергетиката се меѓу секторите кои можат да ја унапредат трговската размена. Македонско- руската стопанска комора често организира контакти со руски увозници преку разни манифестации и посети на саеми. Од 25 до 28 март во огромниот комплекс „Фуд сити“ во Москва пет македонски компании,  „Вори“ и „Випро“ од Гевгелија, „Ларс“ од Штип, „Дим комерц“ од Нов Дојран и „Аграр Ко“ од Кочани ги изложија своите производи и организираа дегустација за руските и купувачите од земјите од Евроазиската унија.

Нивните очекувања се дека Москва нема да ја затвори вратата за поголемо присуство на македонските производи во руските продавници./Faktor.mk

 28.03.2018, 09:36  | Xh.I. | 94

 

© ZURNAL.mk

 Економија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

9992
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.