МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Јавното обвинителство формира Комисија за следење на нерегуларности на референдумот
ИГОР ДУРЛОВСКИ ЈА НАСОЧУВАШЕ ТОЛПАТА ВО СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧЕШЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ШУТК..
Земјоделско здружение му додели плакета на министерот Николовски
ВИДЕО: Јовановиќ: НАТО ни е потребно за да не се испоубиеме на Балканот
Колумни
И, сега што?

И, сега што?

вторник, 27 февруари 2018, 08:18ч.   |   B.M.

 Петар Арсовски

Мислам дека заклучокот дека не знаеме што да правиме со слободата е апсолутно точен. Но, би додал, ние од слободата малку и се плашиме. Авторитарниот систем создава и послушници и бунтовници, но истовремено овозможува стабилност, лесен изговор дека некој друг мисли за вас, дека вашата судбина не е целосно ваша сопствена одговорност. Оттаму, ослободувањето како симболичен чин е значајно, но во својата суштина за многу значителен дел од популацијата (па и револуционерна), знае да биде застрашувачки концепт. По подолго време, се соочуваме со период во кој нема репресија, но тоа значи дека нема ни изговори. Ослободувањето, по својата природа, е истовремено и процес на иницијација на станување возрасен и на прифаќање одговорност за сопствените постапки. Тој процес не сме го завршиле целосно, па сега, како да сме во потрага по нов виновник, некој што би не избавил од сопствената одговорност.

Ни следуваат тешки, непопуларни и комплицирани чекори. Овие се врзани за демократијата, за начинот на критика и односот кон власта воопшто, но истовремено и за прифаќањето на последиците од созревањето. Не мислам само на менталната катарза која е неопходна за решавањето на проблемот со името, мислам и на реформските процеси, на менувањето на менталниот склоп во кој нема државата да биде задолжена за нашиот успех или виновна за неуспехот, на духот на претприемништво наспроти идеалот за вработување во јавна администрација, на аспирацијата кон сопствен дом наместо фаќањето врски за „Купи куќа, купи стан“, воопшто на процесот на созревање кој е неопходен за целосно и правилно уживање во „ослободувањето“.

Ми личи како да сме заглавиле во овој процес на половина пат. Точно е дека постои послободен амбиент по промената на власта, но тој не значи ништо доколку е оставен само на иницијативата на власта која, имам впечаток, дека очекуваме во наше име да го исполни оставениот вакуум со инстант-благосостојба. Промената на авторитарниот систем е почеток, а не крај на процесот на трансформацијата на општеството. Ни претстои уште бескрајно многу труд, ако сакаме да создадеме уредена држава, а најголем дел од тој пат води низ мачни економски и социјални реформи, отплаќање стари долгови, болно заздравување на пензискиот систем, намалување на вработувањата во државната администрација, зголемени даноци, намалени можности за фаќање врски, болни национални компромиси, но најмногу, низ ново спознавање на демократската критика и одговорност, на општествениот дијалог, низ ново редефинирање на јавната сфера. Можеби критичката јавност во моментов ја доживувам како бригада на „кучиња на војната“ која сега, во услови на примирје, не знае што да прави со својата борбена готовност, па постои сериозна опасност да се претвори во паравоена формација. Затоа се плашам дека навистина не знаеме што да правиме со слободата.

Но истовремено мислам дека ни власта не знае што да прави со власта. По канонадата критики, некои оправдани, некои хистерични, имам впечаток дека Заев како да доаѓа до сознанието што е вистинскиот проблем во овој дискурс. Постои несразмерна дискрепанција помеѓу нервозата, нетрпението и консеквентниот песимизам на критичката јавност, и зен-оптимизмот и бескрајното трпение и оптимизам кое зрачи од Заев. Ако ваквата дискрепанција продолжи, јазот ќе станува се поголем. Затоа, мислам дека е неопходно новата власт (веќе не е ни толку нова, впрочем) да го отрезни сопствениот наратив, да ги напушти нереалните ветувања нужни во нивната кампања, и реално да почне да ги соопштува и комуницира предизвиците. Последните обраќања на Заев, особено оние врзани со пензискиот систем, како да имплицираат дека во таа насока и се движат пораките што стигнуваат од власта. Што побрзо се смени тој однос, што побрзо стане реален и трезвен, толку побрзо СДСМ ќе почне конечно да зрачи со имиџ на реално освоена власт, а не на привремени револуционерни номади. Не дека ја намалувам вредноста на испораката, зашто на крајот, власт треба и да испорача реформи, но мислам дека амбиентот во кој ќе следи таа испорака е исто така значаен и ќе го дефинира политичкиот капитал со кој Заев ќе излезе од овој процес.

Вториот важен аспект е инклузивноста на критичката јавност во јавните предизвици и политики. Оставени сами на себе, по промените, протагонистите на претходната револуција сега немаат причина за постоење. Нивната општествена улога цела деценија беше врзана за критика, борба против „режимот“, и пркос. Мислам дека и за нивна, а секако за општествената ментална хигиена, е исклучително важно да бидат што е можно повеќе вклучени во реформите и политиките на новата власт, секој во својата област. Тоа ќе им помогне да ја најдат новата сопствена улога во општеството, да бидат полезни за новата власт, а секако ќе придонесат за поквалитетни реформи. Без задачи, постои ризик да станат деструктивни барајќи ја сопствената улога во новиот поредок. Сами, оставени без таргет, тие се како Спајдермен: „И сега што?“

© ЖУРНАЛ    ~262,90

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Пет совети за кампања за успешен референдум
Избори, наместо консултативен референдум!
Договорот со Грција и референдумот
Мизантропите и културата на омразата
Зошто ќе гласам за Европа
Зошто ќе гласам позитивно?
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.