Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Нови осцилации за прашањето за името

Одобрено обвинението за Чавков и петмина пратеници
Север: Договорот за името е голем чекор за целиот Балкан
Хан: Иванов да преземе одговорност за процесот за договорот со Грција
Ѕанакопулос: Договорот е политичка победа, се решава прашање старо 30 години

Македонија

Нови осцилации за прашањето за името
makedonija-grcija-znaminja.jpg

Барања за промена на Уставот како предуслов за решавање на прашањето за името, ставови дека тоа нема да стаса во грчкиот Парламент во наредните десет години, но и објава за поддршка од Грција на кандидатурата на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, беа изнесени во грчката јавност која продолжи со реакции за средбата во Берлин на македонскиот премиер Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, со допис до надлежните европски комесари, соопшти дека Грција ја поддржува кандидатурата на Македонија за членство во Јадранско-јонската иницијатива.

– Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, со допис до надлежните комесари за проширување, Јоханес Хан и за регионална политика, Корина Крецу, ја објави намерата на Грција да ја поддржи кандидатурата на ПЈРМ во рамките на стратегијата на Европската унија за Јадранско–јонскиот регион (EUSAIR), пишува во соопштението од грчкото МНР.

Претходно, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на почетокот од средбата со ирскиот претседател Мајкл Хигинс, рече дека промена на Уставот и изнаоѓање име во кое нема да има траги од иредентизам во однос на границите, националноста и јазикот, се предусловите кои Македонија треба да ги исполни доколку сака да се интегрира во НАТО и Европската Унија.

Од Грчката опозициска партија Нова демократија, пак, упатија прашање зошто грчката Влада не излезе со коментар за употребата на фразата „македонски премиер“ од Меркел за време на завчерашната средба со Зоран Заев.

Портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки истовремено го прозва коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, да каже „Дали ќе ја турне Владата“ откако тој рече дека не се согласува со тоа како Владата управува со прашањето со името и ќе направи сѐ „за да не се даде името Македонија“.

– Секако дека не се согласувам со Владата и со тоа како управува во прашањето за името Македонија, тоа го имам јавно кажано, и ќе направам сѐ за да запрам да не се даде терминот Македонија и секако дека нема да гласам, рече Каменос, кој изрази убедување дека прашањето за името нема да стигне во грчкиот Парламент.

По посетата на Заев на Берлин на насловните страници на грчките весници се најдоа наслови како: „Меркел провоцира, му посака добредојде на ’македонскиот“ премиер’; „Меркел: Најблиско до решение од било кога до сега“;„Меркел најави решение и го крсти Заев, Македонец“; „Меркел со Заев: Никогаш поблиску до решение“.

Поранешниот амбасадор на Република Македонија во Германија Ѓорѓи Филипов оцени дека Меркел од заедничката прес-конфернција во Берлин со Заев упати пораки на охрабрување до Македонија и Грција, да го решат прашањето за името.

– Меркел ги охрабри двете земји да ги доведат преговорите до решение, кажувајќи дека разговарала и со грчкиот премиер Ципрас. И тој и Заев и рекле дека е можно наоѓање на решение. Меркел строго, но многу јасно потенцира дека преговорите или разговорите се водат премногу јавно, со што се нарушува преговарачкиот процес давајќи им прилика на противниците на разговорите и на наоѓањето на решение од двата табора да го сопираат или да го насочуваат во погрешен правец, оцени Филипов.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, порача дека градењето заемна доверба и гаранцијата оти решението ќе биде конечно и ќе ги заштити достоинството и идентитетот на двете страни, се најважните делови од преговарачкиот процес.

 23.02.2018, 09:28  | Xh.I. | 82

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

15116
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.