Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Добар ден. Merdita. Bonjour. Goedemorgen.

Ахмети: Ако сакате интегрирана Македонија во НАТО и ЕУ ќе го поддржите референдумот
Бејли од Арктикот: Се гледаме на планинските врвови на Македонија
Џихадисти од Македонија раскажуваат: ИСИС е лажно исламско движење, видов масакри на ..
Бартол за МИА: Граѓаните во голем број да излезат на референдумот и да го кажат своет..

Колумна

Добар ден. Merdita. Bonjour. Goedemorgen.

Законот за јазиците, се чини, е донесен во густа магла. Предвидената примена на законот е недоволно анализирана и финансиските импликации се нејасни, ако се воопшто пресметани.
 

Се разбранува Македонија околу јазиците. Едни тврдат дека воведувањето на албанскиот јазик, или таканаречениот јазик на 20% од населението, ќе придонесе за подобро интегрирање на македонските Албанци во општеството и ќе воспостави подобар меѓуетнички соживот. Други тврдат дека законот е неуставен и неправичен, ги дискриминира припадниците на другите малцински заедници и го деградира македонскиот јазик како официјален јазик во Република Македонија од 1944 до денес.

Во многутте аргументи за и против законот, често се прават споредби со други држави каде постои двојазичност. Најчесто се прават споредби со Швајцарија и Белгија. Ниту едната ниту другата се соодветни за споредување. Вбројувајќи се во групата од шестотини илјади македонски емигранти, се охрабрив да дадам појаснување на полијазичниот аспект на животот во Белгија.

Белгискиот устав ги гарантира правата на слобода на употреба на јазиците во приватниот живот уште од белгиската независност. Членот 30 од Уставот одредува дека употребата на јазиците кои се зборуваат во Белгија е право на избор, а дека само со закон може да се одлучи по ова прашање за прашања од сферата на јавните овластувања и правни дејства.

За потребите на јавната администрација, постои опширна јазична легислатива  на француски, холандски и германски јазик, иако Уставот на земјата не прецизира статус на официјален јазик. Од друга страна, според член 4 од Уставот, земјата се дели на јазични подрачја, што се основа и за федералната структура. Белгија има три јазични подрачја: француско, холандско, двојазично француско-холандско (подрачјето на Брисел) и германско јазично подрачје.

Федералната структура и јазичното законодавство постепено е воведувано минатиот век, на што му претходеше многу поширока примена на францускиот јазик во јавните работи и администрацијата. Во 1967 година за првпат е усвоена холандската верзија на Уставот, а германската дури во 1991 година. Од вкупното население во Белгија, 59% се припадници на фламанската заедница, 40% на француската и 1 % на германската заедница.

Постоењето на три службени јазици не подразбира дека каде било можете да се обратите на еден од нив и дека ќе добиете одговор на јазикот на кој сте се обратиле. Примената на јазиците е строго дефинирана со географски рамки, па така, во фламансакиот дел на Белгија службен јазик е единствено холандскиот, а во Валонија францускиот. Единствено на територијата на Брисел граѓаните имаат право да се обратат на фламански (холандски) или француски јазик и да добијат одговор на соодветниот јазик. Германскиот јазик се зборува на многу мало погранично подрачје со Германија, и само таму. Секој Белгиец, со самиот избор да живее или работи во едно од говорните подрачја, се обврзува да го говори соодветниот службен јазик. Јавната администрација нема обврска да ви се обрати или одговори на другиот службен јазик-обврската е ваша да го познавате јазикот, или да си обезбедите превод.

Моето искуство потврдува дека Белгија функционира по строго утврдени јазични граници. Ентузијазмот да ви одговарат француски во фламанска општина е блиску до нула - побрзо би ви одговориле на англиски, отколку на француски. И во валонскиот дел состојбата е многу слична - Валонците зборуваат само француски (со ретки исклучоци). Единствено во централното подрачје на Брисел се зборуваат и двата јазика. Има многу општини кои гравитираат кон Брисел, но територијално им припаѓаат на Валонија или Фландрија. Така, има примери да живеете на едната страна од улицата во Брисел, а училиштето на вашето дете е од другата страна на улицата, во Фландрија, и вашето дете за прв јазик да го учи холандскиот. Или, доколку направите сообраќаен прекршок на територијата на Фландрија, целата комуникација со полицијата и судот ќе биде на фламански.

Пред неколку години Белгија воведе задолжително учење на двата јазика во основното образование со цел да помогне во помирувањето на антагонизмот меѓу Фламанците и Валонците. Во срцето на Фландрија, Антверпен, ретко ќе сретнете млади луѓе кои зборуваат француски. Иако го знаат, претпочитаат да ви одговорат на англиски, веројатно затоа што така се чувствуваат посигурни. Сепак, изборот е ваш. Ако сте се одлучиле да живеете во Белгија, тогаш мора да ги почитувате правилата и тоа важи за сите-родените Белгијци и  дојденците.

Едно е сигурно - јазичната поделеност на Белгија не придонесе кон сузбивање на идејата за одвојување на Фландрија од Валонија. Не случајно Каталонецот Пуџдемон своето прибежиште го побара токму во Брисел! Многу сигурно е дека Белгијците повеќе ги сакаат своите права отколку татковината, па сѐ уште размислуваат како да си го завртат грбот едни на други. И веројатно да не беше Белгија, седиште на Европската Унија, која повеќе од 60 години сериозно финансиски ја поддржува, картата на Белгија ќе изгледаше поинаку.

Се враќам на почетокот на прашањето дали овој закон ќе ги зближи Македонците и македонските Албанци или ќе ги разедини уште повеќе? Иако примената на законот за јазиците се тврди дека нема да чини ниту приближно колку цената на чинење на Воинот на коњ, сепак, треба да бидеме искрени. Законот, се чини, е донесен во густа магла. Предвидената примена на законот е недоволно анализирана и финансиските импликации се нејасни, ако се воопшто пресметани. Вистинската корист од донесувањето на законот ќе биде создавањето на нови работни места за превдеувачите. Ако имаме пари да ги платиме, зошто да не? Да ѝ покажеме на Европа кои сме и што можеме.

Наташа Мартинс
 

 30.01.2018, 12:22  | Xh.I. | 123

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

35401
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.