МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Хан: Северна Македонија е единствената земја во регионот што нема спор со ниту еден с..
Медиумите до утре треба да поднесат извештај за рекламите за избори
Џафери воздржан за барањето пратениците да одат на нарко-тест, чека конкретна иниција..
Изминатата недела најмногу заболени од морбили од почетокот на епидемијата
Колумни
Стани за себе и за другите. Денеска!

Стани за себе и за другите. Денеска!

понеделник, 10 декември 2018, 10:15ч.   |   Xh.I.
Џабир Дерала

Џабир Дерала

Секој ден се разминуваме со луѓе прегазени од системот, понижувани и малтретирани, оштетени од ненаситни газди и ладнокрвни директори, корумпирани лекари или разбојници во администрацијата, корумпирани судии, лоши полицајци, професори без образ, националисти, шовинисти, насилници и злосторници. Сите имаме или знаеме за случаи кога животите на нашите блиски згаснале во неискажливи маки, затоа што системот или поединци во системот биле лажливи, неспособни, корумпирани или, едноставно, зли.

Огромното мнозинство луѓе на овој свет се погодени од суровоста и нечовечноста на малкумина. Тие малкумина водат држави, политички партии, криминални групи, војски и паравојски, цркви, џамии и други храмови. Без оглед на тоа дали се нарекува политика, вера, криминал или војна – сето тоа е бизнис. Бизнис со човековото здравје, достоинство и живот. Бизнис со детскиот стомак и душа. Бизнис со раѓањето, животот и смртта на секој од нас.

„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност.“

Така започнува Универзалната декларација за човековите права, основата на денешното меѓународно право, најважниот документ со кој светските лидери ветија дека ќе го водат светот во подобра иднина, по Втората светска војна. Документ од некои 2-3 страници текст, со триесет фундаментални права што ги има секој од нас уште во мигот кога ќе се роди. Документ што ни припаѓа на сите, без исклучок.

Секоја година, на 10 декември, на Меѓународниот ден на човековите права се прашувам дали можеби е подобро да се зборува за времето пред Универзалната декларација за човековите права и ужасите на Втората светска војна и по неа, па некаде во таа споредба да се обидеме да најдеме утеха. Но, тоа само ќе им помогне на оние што и денеска ќе го поминат денот во газење на човековите права, а нема да им помогне на сите безбројни жртви на тоа газење. Популистите од сите партиски и политички бои, во спрега со бескрупулозниот бизнис, колку и да се трудат да го сокријат тоа, сакаат да ја одземат иднината од рацете на човекот и да го претворат во бројка, обична статистичка единица во нивните планови, да го претворат во зомби…

Моќниците имаат сѐ на располагање. Судови во кои има сѐ само не правда, полиции, војски, подземје, храмови во кои има сѐ освен божја мисла, оружје, пендреци, медиуми, телекомуникации, сателити, институции… формираат влади, парламенти, агенции и комисии… И корупција. Длабоко вгнездена во секоја пора на општествено, а уште повеќе – во умовите на луѓето. И со тоа располагаат.

Лек? Има ли лек?

Да! Со солидарност, посветеност и храброст. Со секојдневна борба со корупцијата на умот, почнувајќи од себеси, завршувајќи со секој што има и најмала моќ на одлучување. Нека е тоа во автобус, на шалтер, во фирма или во институција (школо, болница, катастар, суд, општина, влада…).

Да! Со препознавање на правата и слободите и препознавање на нивното кршење. Бескомпромисно и без калкулации, без политикантство, туку директно и недвосмислено. Без споредби од типот „ова не е ништо, какви сѐ работи има“, туку за секој, и најмал, обид да се згази на достоинството на човекот, во секоја ситуација.

Уште еднаш, како и многупати досега во изминатите три децении, го користам моето право да се изразам слободно и да повикам: Заземете став денеска!
Извикајте: „Јас сум човечко суштество! И веќе нема никогаш да дозволам да газите по моето достоинство и да ми го скратувате или одземате животот со своите постапки!“

Никогаш не е доцна да биде тоа првиот ден на борбата за човековите права и слободи.

Драг-а читател(к)е, запознај ги своите права и слободи денеска. Ќе ти потроши само неколку минути, но ќе донесе светлина во животот, твој и на луѓето во неволја. Во светот на денешнината, и јас и ти, гледаме планина од устави, закони и регулативи, изјави на политичари и јавни личности кои ја декларираат својата посветеност кон човековите права и слободи.

Наспроти тоа, гледаме стотици милиони луѓе во светот кои се третирани нечовечки. Луѓето се второкласни животни во рацете на моќниците. Владите и корпорациите ги употребуваат моќта на парите, бирократијата и медиумите со цел да ги манипулираат и експлоатираат луѓето. Кажи едно големо НЕ за сето тоа. Денеска! Го имаш тоа право, исто колку и секој друг човек на планетава. И не дозволувај никому да ги одземе од тебе или од кој и да е друг. Стани! Брани ги своите и туѓите права. Не дозволувај популистите, националистите и шовинистите да завладеат со твојот ум. Тоа е нивниот бизнис, а твојата беда. Стани и против нив!

Ако не станеш за другите, насилниците ќе дојдат и по тебе.

© ЖУРНАЛ    ~102,34

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Шут политика
Нема правда, нема гласови!
НАЈАВЕНАТА “МЕТЛА” ЗА “ТУЃИОТ” ДВОР
Што се случи во првиот круг на претседателските избори
Северна Македонија: Нов почеток
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.