МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Унгарската амбасада во Тирана не коментира дали Груевски минал една ноќ во амбасадата..
Макрадули: Планираме за две години да го намалиме загадувањето на воздухот за 50 отст..
Бошњаковски: За екстрадицијата на Груевски прибрана е документација на 400 страници
Орбан: Прашајте ги адвокатите зошто Груевски не е во транзитен центар
Колумни
Институции со европско знаменце и балканска нарав

Институции со европско знаменце и балканска нарав

вторник, 06 ноември 2018, 15:00ч.   |   Xh.I.

ЏАБИР ДЕРАЛА

Го знаеме тоа, нели? Корупцијата (во било кој нејзин облик) е главниот виновник за нашите неволји, за назадувањето на државата и општеството, за рѓосаното судство, здравство, образование, безбедност, социјална правда, екологија, култура… Ако погледнеме околу нас, ќе забележиме и во микроскопските детали на животот – корупцијата чучи и жмирка од сенката на секоја постапка, чека да ве допре со своите отровни краци и да ве вовлече во надолната спирала на животот.

Eppur si muove

Коруптивниот систем беше разработен до болни детали од режимот на Груевски, а зачнат од дамнина, низ сите епохи и општествени уредувања, сосе југо-социјализмот, а продлабочен низ годините на бескрајната транзиција. Имавме државна комисија за антикорупција што беше дел од тој коруптивен систем, како и многу други институции – со европско знаменце, а со балканска нарав и пракса.

Ако сакаме да го видиме излезот од корупцијата, ни треба добар закон, како прв чекор, пред воопшто и да се обидеме да направиме нешто повеќе. Да, дури потоа ни следи и примена на закон што, колку и да е добар, пет пари не вреди ако нема кој да го стави во функција. На тој пат, иако изгледа краток, стојат испречени планини од интереси и апетити, а и поприлично многу релевантни прашања и дилеми, па и незнаење.

Како што гледате, продолжувам, од вчера, да ги коментирам процесите што им се познати на еден грст луѓе од политиката, експертските и невладините кругови. За пошироката јавност, очигледно, поинтересен е циркусот во парламентот, а најважен е опстанокот, да се помине и овој ден.

Како и да е, редно е да споделам дека сум информиран дека, само од вчера до денеска, некои работи се променија, барем малку, па дел од слабостите на новиот антикорупциски закон, изгледа дека ќе се поправат. „Eppur si muove“ („Сепак, се движи“), што би рекол Галилеј, пред да го стават на клада и запалат (упс!).

Корупцијата мора да се исфрли од политиката

Оние што богато се гостат од јавните пари, со патни трошоци, бонуси, додатоци, провизии и манипулации треба да си одат од политиката. Можностите за нивно богатење со злоупотреби на позицијата може да се сопре со добар закон и со силна антикорупциска институција што ќе ги „чешла“ нивните приходи… Токму антикорупциската комисија мора да биде уредена на начин што ќе овозможи што е можно поефикасна борба против корупцијата, особено онаа што е вгнездена во највисоките кругови на моќта и политиката.

Работничките права во оваа институција мора да се почитуваат на начин што ќе служи за пример како треба да се работи. Моќта на таа институција треба да се гледа во можноста нејзините стручни и професионални кадри да бидат слободни да работат, а нивниот труд да биде почитуван и награден. Важно е тие да бидат охрабрени да ги „ловат“ функционерите и да не дозволат нивно богатење врз грбот на граѓанките и граѓаните. Подеднакво важно е членовите на комисијата што ќе ги избира парламентот, да не ги разгали системот. Нема логика тие да бидат наградувани со право на 35% посебен додаток. Добра им е платата. Наместо да бидат седум членови, може да бидат три (како во Словенија) или пет (Црна Гора и други) и наместо 35% посебен додаток, може да се одвојат средства за зголемување на платите на стручниот кадар, на персоналот. Поправедно, нели? Социјална држава според Уставот, ова-она…

И најважна е финансиската независност на таа институција! Зошто да не се договорат политичарите да изгласаат закон според кој се одредува фиксен процент (промил) од државниот буџет за вакви институции? Антикорупциска не треба да зависи ниту од волјата на владата (како порано), ниту од волјата на парламентот (како во сегашниот предлог закон). Овој начин на размислување не е лошо да се примени и на регулаторните тела. Што мислите за тоа?

Да бидам досаден до крај

Во претходните „рафали“ пишував за тоа како јавните функционери треба да ги поднесуваат податоците за нивната имотна состојба по електронски пат, ставање во функција на хардверот и софтверот што е подарок од ЕУ (вреден 600.000 евра), зајакнување на истражните позиции на антикорупциска во поглед на коруптивните дејствија…

Значи, нема потреба од комплицирање на процедурите, бидејќи таму се кријат стапиците за системот. Својата имотна состојба, функционерите треба да ја пријават на еден единствен документ: Изјава за имотна состојба и интереси. Нема потреба од дополнителни анкетни листови и слични играчки што само ќе ја заметнат трагата.

И сѐ треба да биде по електронски пат, да не заборавам да бидам досаден до крај. Некои тоа ќе го наречат доследност и јас ќе им заблагодарам за тоа.

И ќе ги поздравам сите вредни и скромни луѓе што заслужуваат громогласен аплауз за нивните битки. И, се разбира, аплауз за политичарките и политичарите што ќе имаат слух за овој мој/наш скромен придонес. Бидејќи, борбата против корупцијата е директно спротивставена на арамиските обиди да се сопре напредокот на Македонија, почнувајќи од парламентот, завршувајќи со институциите по сите вертикали и хоризонтали на системот.

Можеби сум досаден понекогаш, ама во право сум – вели еден мој пријател. Рафалите во последниве неколку дена ми даваат такво чувство. Проценете сами. Ви благодарам што читате. Читајте, за да не ве пренесат жедни преку вода!/civilmedia.mk

© ЖУРНАЛ    ~51,17

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Мицко ташаклијата васељенски
ВМРО расчисти со иднината
Пред дестабилизација!
Што готват Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ
Груевски ќе раководи со ВМРО-ДПМНЕ од затвор
А Заев да престане со политичко лигавење?
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.