МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Унгарската амбасада во Тирана не коментира дали Груевски минал една ноќ во амбасадата..
Макрадули: Планираме за две години да го намалиме загадувањето на воздухот за 50 отст..
Бошњаковски: За екстрадицијата на Груевски прибрана е документација на 400 страници
Орбан: Прашајте ги адвокатите зошто Груевски не е во транзитен центар
Економија
Прогресивниот данок ги вознемири бизнисмените

Прогресивниот данок ги вознемири бизнисмените

вторник, 06 ноември 2018, 11:53ч.   |   Xh.I.

Оценките на економските аналитичари за скалестиот данок се движат од демагошка мерка која ќе предизвика даночна евазија до праведна социјална реформа.

Подобрување на економската состојба, вистинска борба со сивата економија и спречување на даночната евазија се дел од приоритети врз кои треба да се работи пред да се воведуваат даночни реформи, велат од реалниот сектор.

Бизнисмените бараат да не се брза со реформите, затоа што не се подготвени за нивно спроведување.

За дел од аналитичарите спорно е тоа што наместо долга јавна дебата за сериозна даночна реформа, Владата достави предлог решение. За други, пак, е спорно тоа што прагот за прогресивно оданочување е 90 илјади наместо претходно најавуваните 60 илјади денари, сметајќи дека овој потег е политички компромис.

Оценките на економските аналитичари се движат од демагошка мерка која ќе предизвика даночна евазија до праведна реформа која ќе помогне парите од мала група на луѓе да им се дадат на посиромашни кои преку потрошувачката ќе ги остават во земјава.

Универзитетската професорка Шенај Хаџимустафа вели дека ја оправдува мерката но доколку е дел од сет мерки кои подоцна ќе влијаат врз подобрување на животниот стандард.

„Битно е, самиот фокус на Владата да биде во насока на подобрување на можностите во реалниот сектор и со тоа на подобрување на економските перформанси, и поголем БДП што значи дека се искористуваат самите ресурси во поголем процент, а со тоа и човечкиот фактор кој што е најбитниот капитал, а со тоа овозможување на зголемување на самата потрошувачка. Сите тие елементи се поврзани во магичен круг. Сметам дека треба да се подобрат економските состојби, а потоа мислам дека не е проблем да се воведат и други даночни реформи или пак видови на даноци. Сега засега, мислам дека е прерано, кога ќе се подобри економијата не би било проблем,“ вели Хаџимустафа.

Економскиот консултант Горан Рафајловски вели дека новиот начин на оданочување ќе ја зголеми сивата економија и одливот на млади интелектуалци.

„Ако се отидеше во тој правец да се сопре сивата економија, овие видови на дополнителни оданочувања ќе ги разгледувавме можеби за 4 до 5 години од сега, а во Буџетот на Македонија, наместо да се соберат 20 до 30 милиони евра годишно, ќе се собереа од 200 до 300 милиони евра. Е па кога правите некои реформи, треба да погледнете напред што тие ќе предизвикаат, а ако не тогаш тоа е грешка на тој што ја прави реформата“, вели Рафајловски.

Професорката Хаџимустафа, пак, смета дека новите мерки нема да влијаат сериозно за зголемување на сивата економија и одливот на млади.

„Такви негативни промени во економијата во државата ги гледаме долги години, не е тоа дека даноците би влијаеле, луѓето од Македонија не заминуваат затоа што има високи даноци, луѓето си заминуваат или не гледаат можност за инвестирање од други околности. Мислам дека тоа не е главен фактор на кој може да се повикаме за да се обвини одредена мерка или политика“, објаснува таа.

Иако експертите се децидни дека во пензискиот систем се неопходни реформи, сметаат дека со вака предложените измени ефектите се само на краток рок и дека на удар ќе бидат платите на вработените.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска е децидна дека новата мерка од 0,5 проценти зголемување на придонесите за пензии нема да влијае негативно врз бизнисот.

„Нема да ги оптовари бизнисите, затоа што сумата што треба да се оддели за најголем број на вработените е по 100 денари, но на целата маса има ефект во намалување на дефицитот, и ако денеска е 19 милијарди со сетот мерки ќе добиеме 16,9 милијарди, објаснува таа.

И опозицијата обвинува дека со воведување на прогресивен данок ќе се намалат платите и бројот на новоотворени работни места, а за пензиската реформа сметаат дека е козметичка и ќе ја дестимулира економијата.

„Зголемените даноци не значат зголемени буџетски приходи. Видовме дека пресметките на Министерството за финансии, кои што се проблематични, покажуваат дека наводно ќе се приберат дополнителни 25 милиони евра, а знаеме ние дека само со укинувањето на радио дифузната такса во Буџетот се слеваат помалку средства од оваа предвидена сума“, изјави поранешниот министер за финансии и член на Извршниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ Трајко Славески.

Според Министерството за финансии прогресивното даночење ќе опфати еден процент од вработените во Македонија.

Прогресивна даночна стапка од 18 насто се воведува за доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи ако обврзниците годишно заработат над милион и осумдесет илјади денари.

За камати од депозити, во кој влегуваат трансакциски депозити, штедни депозити и други депозити, како и на каматите од хартии од вредност граѓаните ќе плаќаат данок на доход по стапка од 15 отсто, ако износот на пресметаната камата на годишно ниво надминува 15 илјади денари односно пресметано според сегашните каматни стапки , ќе се даночи каматата на штедните влогови над 30 илјади евра./РСЕ
 

© ЖУРНАЛ    ~54,18

НАЈЧИТАНИ ОД ЕКОНОМИЈА
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините поевтинуваат за 4 и 4,5 денари
ММФ предвидува раст на македонската економија од 1,6 отсто
СДСМ: Септемвриската пензија зголемена за 1,8 отсто
Поскапување на горивата за еден денар
Бензините поевтинуваат за 3,5 денари, дизелот за 1,5 денари
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.