МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Никола Војминовски, осуден за нападот врз Зијадин Села избегал?
СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во клинч за Антикорупциска комисија
Малолетничка подведувана на сексуални услуги
СДСМ: Заложбите на ВМРО-ДПМНЕ за борба против корупцијата се лажни
Колумни
Сега е момент да се тргне дефиницијата „20 отсто“

Сега е момент да се тргне дефиницијата „20 отсто“

понеделник, 19 ноември 2018, 15:34ч.   |   Xh.I.

 Роберт Несими

Овие денови јавноста во Македонија разбирливо е преокупирана со вестите за бегството на Никола Груевски во Унгарија. Истовремено, се чини, се заборава дека во Собранието продолжува процесот на уставни промени. Во самиот тек на овој процес и претходно, посебно во македонските медиуми, не им се даваше доволно простор и внимание на сосема рационалните и легитимни барања на албанската опозиција. Тие се отфрлија сосема ноншалантно бидејќи не наидоа на поддршка кај албанските пратеници од редовите на власта, кои по некоја логика зборувале во името на сите Албанци, иако заедно немаат ни половина од гласовите на Албанците. Иако ова игнорирање во моментов оди на штета на Албанците, на долг рок може да предизвика проблеми за целата држава, од причина што остава отворени прашања кои сега е идеално време да се затворат. Од нив посебно ќе го издвојам сосема рационалното барање во Уставот терминот „јазик што го зборува 20 отсто од населението“ да се замени со неговото вистинско име - „албански јазик“.

За да се разбере сржта на проблемот со „20 отсто“, треба да се вратиме на неговото потекло. Терминот влегува во политичкиот и правен речник на Македонија со усвојување на уставните амандмани во 2002 година, кои произлегоа како обврски од Охридскиот рамковен договор. Едно од главните барања на Албанците во тоа време беше токму службената употреба на албанскиот јазик. Но, бидејќи амандманите требаше да се изгласаат во Собрание, се најде формулација која би била прифатлива за тогашните пратеници, голем дел од кои не можеа да прифатат во Уставот да се именува друг јазик освен македонскиот. Бидејќи тогаш „не беше време“ и се работеше за многу „поголеми процеси“, ова формулација требаше да биде таква што сите ќе разберат дека се работи за албанскиот јазик, но притоа тој да не се именува со неговото вистинско име. Значи, беше време на колективно преправање и одбивање да се прифати реалноста, чин што создаде големи политички проблеми во наредните 16 години.

Процесот на официјализирање на албанскиот јазик како службен требаше да заврши најдоцна до 2006 година, но повторно за тоа не се најде „поволно време“. Во меѓувреме полека почна да се заборава што значеше и зошто се воведе таа фамозна формулација „јазик на 20 отсто“. Тезите се свртеа наопаку. Така формулацијата „20 отсто“ првично беше замена и синоним за терминот „албански јазик“, но со тек на времето почна да се толкува како основен поим од кој потоа произлегуваат правата за употреба на албанскиот јазик. Подоцна ова читање наопаку доби и правна основа, бидејќи неколку закони по ред го земат „20 отсто“ како критериум во кои околности албанскиот јазик може да се употреби службено. Некои поекстремни елементи и денес претендираат дека Албанците не се ни 20 отсто од населението и барат правото за користење на албанскиот јазик да се укине по автоматизам. Значи, од последица на официјализирање на албанскиот јазик „20 отсто“ стана негова генеза.

Во иднина ситуацијата може да стане уште покомплексна, а воедно и трагикомична, на пример со предлогот наредниот попис воопшто да не се прави по етничка основа, туку само да се евидентира јазикот што се зборува по домаќинства. Како краен заклучок на таков попис би можеле на пример да имаме констатација дека „28 отсто од населението зборува јазик што го зборува најмалку 20 отсто од населението“. На локално ниво каде Албанците се на самиот праг од 20 отсто преформулацијата може да резултира со укинување на правото за користење на јазикот, повторно добивање на правото по наредниот попис, и така натаму до бесвест. Без разлика дали ова навистина ќе се случи, самиот факт што тоа постои како реална можност укажува колку сме далеку од духот на Рамковниот договор, кога „20 отсто“ беше само друг привремен збор за албанскиот јазик.

Можеби и поважно од правниот и практичкиот аспект е фактот што дефиницијата како „јазик на 20 отсто“ е крајно навредлива за Албанците. Политичарите изгледа не ја разбираат или ја потценуваат преголемата важност што албанскиот јазик ја има за албанскиот национален идентитет. За разлика од останатите народи во соседството, кои се дефинирани и по други елементи, како на пример религијата, албанскиот јазик бил и ќе биде ‘рбетен столб на албанскиот идентитет. Тој бил почетна точка и носител на целиот процес на националното освестување на албанскиот народ, елемент на кој константно се реферирале и повикале сите големи албански фигури, од времето на албанската ренесанса пред повеќе од 150 години. Затоа Албанците никогаш нема да прифатат нивниот јазик да остане неименуван и дефиниран според проценти, без разлика на сегашното расположение на неколку пратеници Албанци. Ова прашање може од време на време да се турка во заднина или да искочи со сила на површина, но никогаш нема да се затвори се додека албанскиот јазик не се нарекува со неговото вистинско име. Се додека прашањето останува отворено тоа ќе биде извор на политички несогласувања, бидејќи без негово крајно и исправно затворање политички мир во земјата нема да има.

Се очекува процесот на договорот со Грција и уставните измени одеднаш да затворат еден куп прашања кои ја мачеа државата три декади по ред. Токму затоа ова е идеален момент еднаш и засекогаш да се затвори и прашањето на албанскиот јазик и Македонија да продолжи на нејзиниот евроатлантски пат без нови недоразбирања и несогласувања. Инаку, ова прашање ќе остане отворена рана за Албанците, која нема да престане сè додека не се излечи. Барањето на албанската опозиција е сосема оправдано и фали само визија кај останатите пратеници ова прашање да се затвори еднаш засекогаш.

© ЖУРНАЛ    ~88,30

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
АМНЕСТИЈА: Примарната задача на политиката е да избегне насилство
Изгласајте иднина, па на работа
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.