Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Божемски реформи, божемски план 3-6-9. Кога ќе има резултати?

Ахмети: Ако сакате интегрирана Македонија во НАТО и ЕУ ќе го поддржите референдумот
Бејли од Арктикот: Се гледаме на планинските врвови на Македонија
Џихадисти од Македонија раскажуваат: ИСИС е лажно исламско движење, видов масакри на ..
Бартол за МИА: Граѓаните во голем број да излезат на референдумот и да го кажат своет..

Македонија

Божемски реформи, божемски план 3-6-9. Кога ќе има резултати?
sudnica-vaga.jpg

Божемски реформи во правосудството, полицијата и прислушувањето, вели универзитетскиот професор Гордан Калајџиев за пакетот закони во собраниска процедура, а се поврзани со следењето комуникации. Калајџиев беше и дел од Советот за реформи во правосудството, но истиот го напушти бидејќи според оценката тоа било повеќе форма отколку содржина.

Инаку истиот тој Советот за реформи во правосудството прекинува да постои. Ова го соопшти владиниот портпарол. Но, информираше дека до крајот на месецов е предвидено да има ново тело кое треба да ги спроведува реформите во правосудството. На негово чело ни помалку ни повеќе ќе биде лично премиерот Зоран Заев. И наместо експерти да ги спроведуваат долгонајавуваните реформи на чело на истите политичка фигура.

Според владиниот кабинет Советот за реформи во правосудството ги исполнил очекувањата, иако од него поради незадоволство од работите внатре го напуштија професорите Гордан Калајџиев и Мирјана Најчевска и извршниот директор на Хелсиншки, Уранија Пировска.

- Изминатиот период јасно покажа дека ова тело е формирано само како параван за решенија кои се носат на друго место и служи за создавање лажна слика дека некаков екпертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството. Фактички, ова тело нема достап до никакви информации, нема удел во ниту едно реформско решение, и, не учествува во анализите на законите кои се менуваат, напиша Најчевска на својот фејсбук профил.

Според Калајџиев пак, Владата ниту претходно ниту сега немала желба да им се даде шанса на експертскиот сектор да има вистински удел во реформите.

Сега непознат е начинот на кој ќе бидат избрани членовите во новото тело.

Универзитетската фела пак дискутираше деновиве за новите законски решенија или измени за прислушувањето. Токму Калајџиев со остра критика дека владата сомнително започнала со реформите и ако за правосудството барем имало обид истото не било случај со внатрешни работи.

-За жал се почна бедно, целата приказна, со една обична измама дека Владата веќе одлучила за моделот. Кога ја побарав одлуката на владата се испостави дека не постои таква одлука и дека тоа е една обична манипулација со јавноста што исто така е мизерно. Значи една Влада која наговестува нов почеток, демократија, транзиција, реформи, почнува со бедни лаги, рече професорот Калајџиев.

Професорот тврди дека Владата три месеци ништо не правела во врска со овие пакет закони, туку како што рече преку ноќ за еден викенд ги подготвила 5 закони за реформи на системот за следење комуникации. Калајџиев рече дека во МВР, односно УБК, клучно е да има висока професионалност, внатрешни процедури и контрола, па оттука според него во тајната полиција нема направено никакви реформи. За Калајџиев истото важи и за новата служба ОТА која владата ќе ја формира за да прислушува.

-ОТА од километар се гледа дека е бебе на УДБА ќе речев, на УБК. Значи немаме гаранција во ова предлог тело. Мој предлог е телото да не го формираме бидејќи бара трошоци. Ако ние од него немаме гарантиран позитивен исход дека тоа тело навистина ќе се раздвои од УБК, ние само ќе трошиме пари да се преселува УБК. Тоа е како јас да се преселам во друг стан. Може ќе се разведам со жена ми, ама кај мене ќе остане прислушувањето, со друга жена, рече Калајџиев.

Сето ова остава остава простор за сомнеж за долгонајавуваните реформи и за планот 3-6-9.

Дел од аналитичарите велат „се гледа дека најавените реформи на новата влада тешко се спроведуваат“.

-Советите за реформи не функционираат во правец на остварување на поставените задачи, и истите изгледа ќе служат само за легитимирање на промените кои ги замислила ова власт. Самата влада, пак, се потпира на нестабилно парламентарно мнозинство кое генерира кризи кои ги попречуваат реформите. Ако една третина од реформите ќе треба да се носат со двотретинско мнозинство, тогаш може да се каже дека се ќе зависи колку опозицијата ќе биде конструктивна во однос на истите, со цел деблокирање на интеграциските процеси. Заради ова, се по извесно е дека реформите тешко дека ќе се спроведуваат според постојните планови додека решението ќе се бара или во општ партиски консензус или во нови предвремени парламентарни избори, изјави за Журнал. мк. аналитичарот Џелал Незири.


 

 11.01.2018, 00:03  | A.Z. | 150

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

5002
© 2018 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.