МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Катругалос: ЕУ да ја цени и политичката волја на Северна Македонија покажана со Догов..
Анализа: Преку 80 отсто од граѓаните сакаат да одат по шалтери, наместо електронски д..
Со Преспанскиот до НАТО, со Северна до нови поделби
Дескоска: Барањето за екстрадиција на Груевски за 27 април деновиве ќе биде пратено д..
Економија
Тевдовски: Со ребалансот минимална корекција на приходите и расходите

Тевдовски: Со ребалансот минимална корекција на приходите и расходите

понеделник, 29 октомври 2018, 12:56ч.   |   Xh.I.

Во матичната собраниска Комисијата за финансирање и буџет почна расправата по предложениот ребаланс на буџетот за 2018 година со кој се врши минимална корекција на неговата приходна и расходна страна и се обезбедува дополнителна поддршка на општините, Фондот на ПИОМ, Фондот за здравствено осигурување… Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 отсто.

Министерот за финансии Драган Тевдовски образложувајќи го предложениот ребаланс рече дека измените се подготвени следејќи ја политичката ситуација во земјава согласно движењата на македонската економија, како и реализацијата на приходите и расходите.

– Со Ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Притоа поставените цели на фискалната политика за 2018 година и понатаму остануваат непроменети, односно во целост се дизајнирани во функција на постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО, рече Тевдовски.

Според него, важно е да се истакне дека Владата со овој ребаланс обезбеди околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски како и на дел од неизмирените обврски на единките корисници основани од нив.

Појасни дека истовремено со финансиската поддршка на единиците на локалната самоуправа, Владата предлага измени на Законот за финансирање на ЕЛС со цел воспоставување фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на ЕЛС.

-Нереалното планирање на буџетите не ЕЛС, односно преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои ЕЛС креираа неизмирени обврски во претходните години, истакна Тевдовски.

Со ребалансот Владата ја ревидира стапката на раст од 3,2 на 2,8 проценти.

– И покрај значително забрзаниот економски раст во вториот квартал, истиот не беше доволен за да се надомести слабата активност во првиот квартал, со што економскиот раст во првото полугодие е под очекувањата. Оттука, проекцијата за реалниот раст на БДП во 2018 година е ревидирана на 2,8 отсто (од 3,2 отсто претходно). Притоа, во наредниот период се очекува задржување на позитивните сигнали кај приватните инвестиции, како што се силниот прилив на СДИ во земјата, како и задржување на високиот раст на извозот и значаен придонес на потрошувачката врз растот, рече министерот за финансии.

Министерот информира дека во периодот јануари-септември 2018 година вкупни приходи реализирани се во износ од 136,7 милијарди денари што претставува 70,6 отсто во однос на планираните за 2018 година и претставува пораст за 4,3 отсто во однос на истиот период од лани. Даночните приходи во овој период се остварија на ниво од 82,9 милијарди денари, односно истите бележат реализација од 72,2 отсто во однос на планот за 2018 година, додека во однос на истиот период од лани бележат подобрена реализација за 6,5 отсто. Во деветте месеци од 2018 година неданочните приходи изнесуваат девет милијарди денари, при што доминантни се неданочните приходи на буџетските корисници на сопствените сметки. Капиталните приходи изнесуваат 1,7 милијарди денари, односно го надминаа годишниот план за 2018 година, при што во структурата учествуваат приходите по основ на продажба на земјиште, станови и дивиденда од АД Македонски Телеком. Буџетските корисници реализираа две милијарди денари по основ на донации од меѓународна мултилатерална и билатерална соработка.

-Реализацијата на вкупните приходи во изминатиот период од годината е на задоволително ниво, но во однос на планираните износи со Буџетот истата укажува дека е потребна минимална надолна корекција, посочи Тевдовски напоменувајќи дека вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија во периодот јануари-септември 2018 година се реализираа во износ од 143,7 милијарди денари, што претставува 67,8 отсто во однос на годишно планираниот износ, односно раст од 1,2 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Најголемо учество, како што рече министерот, во структурата на тековните расходи имаат трансферите, за што се исплатени 101,4 милијарди денари што претставува 75,5 отсто во однос на годишно планираниот износ. Во текот на 2018 година редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализирани 6,3 милијарди денари. За исплата на пензиите се наменија 40,3 милијарди денари, додека преку Агенцијата за вработување се реализираа средства во износ од 867 милиони денари за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност и 603 милиони денари за активни мерки за вработување. За финансирање на здравствените услуги и надоместоци се исплатиени 21,7 милијарди денари. Од Буџетот на Република Македонија кон општините се трансферираа 11,6 милијарди денари како блок дотации за финансирање на пренесените надлежности, за финансирање на материјалните трошоци во локалните јавни установи. Исто така, се трансферираа и 1,7 милијарди денари од приходот остварен од данок на додадена вредност.

Капиталните расходи во набљудуваниот период, посочи министерот, се реализирани во износ од 6,6 милијарди денари.

Во периодот јануари-септември 2018 година остварен е дефицит на Буџетот на Република Македонија во висина од седум милијарди денари или 1,1 отсто од проектираниот БДП за 2018 година, додека државниот долг на Република Македонија на 30 јини 2018 година изнесува 4,3 милијарди евра, односно 40,3 отсто од БДП, додека јавниот долг изнесува 5,1 милијарди евра, односно 48,1 отсто од БДП.

Со предложените измени вкупните приходи се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП.

Ребалансот предвидува реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, алоцирање дополнителни 660 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување дополнителни 763 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни 451 милиони денари на Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност.

-Потоа предвидено е намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредит.

Проектираниот дефицит за 2018 година како и отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 16,2 милијарди денари и на домашен долг во износ од 12,2 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Министерот додаде дека покрај покривање на дефицитот, во 2018 година потребни се 28,4 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2018 година изнесуваат 46,5 милијарди денари, што ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Согласно Деловникот расправата по Ребалансот во Комисијата трае 10 работни денови.

© ЖУРНАЛ    ~72,24

НАЈЧИТАНИ ОД ЕКОНОМИЈА
Лукаревска: УЈП сака партнерски односи со даночните обврзници
Раст на трошоците за живот
НБРМ: Забрзувањето на евроатлантските интеграции може значително да ги зголеми странските инвестиции
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2019 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.