МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Шекеринска: Отворен е патот за излез на Македонија од изолација
Ковачев: ВМРО-ДПМНЕ користи комунистички лаги и шири омраза
Ахмети до Коѕијас: Ви се заблагодарувам за посветеноста за затворање на прашањата со..
Левица најави антивладини протести
Колумни
Референдумот во Македонија – судир на генерации

Референдумот во Македонија – судир на генерации

среда, 10 октомври 2018, 12:15ч.   |   Xh.I.

Пишува: Иво Рангеловиќ

Неколку дена пред референдумот, моќта за расудување кај просечниот Македонец е замајана од една масовна хипноза која зазема облик на ништо повеќе отколку политичка манипулација. Ваквиот добро организиран емоционален набој поттикнува дилема кај гласачот во насока на тоа дали токму тој/таа ќе биде предавник на овој народ, потписник на самоукинување и слични колокации.

 

Во еден неодамнешен есеј на десничарот (подвлечено) ФранцисФукујама (Francis Fukuyama) за весникот ForeignPolicy, дијагнозата за ваквата политичка алузија ја сведува на терминот “identitypolitics” или во слободен превод „идентитетска политика“. Во секојдневната политика, според Фукујама, третиот модул на човечкиот дух наречен „тимос“ (thumos/thymos) во делата на Платон е изразен во две форми.Едната, „мегалотимиа“ (Megalothymia), е состојбата во која дел од народот се смета за супериорен повикувајќи се, пред сѐ, на етникумот, додека, пак, другата, „изотимиа“ (Isothymia), е состојба во која луѓето бараат да се третирани подеднакво. Конечно, модерната демократија е процес во кој подоцнежниот концепт триумфира врз „мегалотимиа“-та, вели тој.

Референдумот во Македонија е рефлексија на колосалната битка токму помеѓу овие два концепти и нивните предводници. Сепак, порелевантен момент е фактот што токму младите се предводници на „изотимиа“-та во пресрет на референдумот, тоа се оние генерации на транзицијата кои не му мавтале ниту на Тито, ниту, пак, имале гаранција дека утре ќе се разбудат во држава. За ваквите протагонисти на модерното доба, идентитетот не е (само) крвна одредба туку и социјален конструкт. Македонец си и ако фрлаш ѓубре од тераса, плукаш на улица, паркираш по тревници и труеш животни. И тогаш си Македонец. Но, сите маани и доблести, воедно вредности, го прават идентитетот и општествена варијабла која пак младите стремат да ја воздигнат и облагодарат во Европската унија и НАТО, а не да ја заковаат во оваа паланка.

Имено, природата на разликите во поглед на референдумот е во различните перцепции; не така затскриени меѓу генерациите. За многумина, идентитетот (и името на државата) не се конечен резултат на биолошки дејствија врз кои немаме контрола, напротив, многумина сметаат дека идентитетот не се дава или одзема, туку континуирано се гради преку секојдневната интеракција помеѓу луѓето. Сепак оној несуден поход на антиквизацијата да ја хомогенизира македонштината го натера јавното мнение да стиска заби пред да се декларира како патриот. Истото се случува и сега, се манипулира со мисловното достоинство на гласачот набивајќи му страв од предавство. Овој пат, се чини, флоскуларноста е на колена. Има и зошто.

Вредносната матрица на новите генерации нуди едно поинакво национално разбирање кое се темели на морални императиви, лишено од секаков друг вид на интерес. Поконкретно, матрицата наликува на концептот наречен „Леиткултур“(Leitkultur/ Leading culture) на кој за првпат СириецотБассамТиби (BassamTibi), во 1998 година, му придаде политички сенс. Фундаментална цел на оваа идеја е да се даде предимство на културолошката супстанца при дефинирање на идентитетот, со други зборови, идентитетот е консензус на вредности, пред сè модерни, демократски, секуларистички итн. Ваквата културната асимилација е трасата по која младите Македонци си го бараат своето место не само во светот, туку за жал и во сопствената држава. Тие се вистински патриоти со цивилизациска ориентација, свесни дека секој обид да се воспостави ексклузивитет врз идентитет на било кој народ на Балканот е јалов труд, а согледувањето на истово е состојба и на модерен живот. Тоа го исправа младиот гласач пред референдумското прашање.

Наидов и на една списа од Филип Давид каде што вели дека масите не се освојуваат со аргументи и дела, туку со емоции и демагогии. Токму тој извор на социјална агресија виза ви договорот од Преспа му пркоси на разумот и ги отфрла сите неистомисленици. Младите пак, јавачи на сопствената „изотимиа“, бараат разбирање дека и тие се Македонци во реалноста во која трулиме, Македонци кои самосвесно одбиваат да се дел од сите генерации на залудни идентитетски борби долж оската на историската неегзакност. Тоа што новите генерации ја доживуваат нацијата во опкружување на земји со универзални вредности и модерни согледби, не ги прави предавници. Во овој судир на генерации, „не се води битка за зачувување на нашиот идентитет или национална припадност, туку за тоа кој го има правото да го одреди значењето на тоа припаѓање“ (Елена Михајлова- Стратилати).

Сума сумарум, ни најмалку не очекувам дека на 30ти Септември Македонија ќе понуди свој Јан Палах кој ќе го одбрани името и идентитетот, но, сум сигурен дека 1969 година за младите е в недела. Како што тоа на свој начин го посочи министерот за надворешни работи, Димитров, „мора да нѐ биде, и ќе нѐ биде“. Со сета почит, и не мора да нѐ биде. Научени сме на тоа. Но, ајде да пробаме.

© ЖУРНАЛ    ~78,26

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Мојата обврска да апстинирам
Мажоретките на ВМРО-ДПМНЕ
Мицко ташаклијата васељенски
Пред дестабилизација!
Омраза
Зошто ќе гласам позитивно?
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.