Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

СЈО ќе ја „трезни“ Општината од „Пивофест“

Да создадеме култура на носење на очила
СЈО ќе ја „трезни“ Општината од „Пивофест“
Жрепка за редоследот на листите за локалните избори

Македонија

СЈО ќе ја „трезни“ Општината од „Пивофест“
59.jpg

Обвинители на Специјалното јавно обвинителство влегоа во Општина Прилеп каде што, според неофицијалните информации, барале документација, поврзана со организацијата на „Пивофест“.

Во интерес на предистражната постапка, од СЈО ниту ја потврдија ниту ја демантираа таквата информација. Она што е многу веројатно е дека јавноста уште долго немаше да ја дознае целта на посетата на обвинителите на СЈО на прилепската локална самоуправа, доколку градоначалникот Марјан Ристески преку својот фејсбук-профил тоа јавно не го објавеше.

Освен класичните обвинувања на сметка на СЈО дека е „продолжена рака на СДС“, во својата објава Ристески кажа оти мета на обвинителите биле, како што напиша, „донаторите, бизнисмените, пејачите и учесниците на Пивофест“, манифестација што во овие години, според тврдењето на градоначалникот, ја посетиле повеќе милиони гости!

„Манифестација во која нема политика, манифестација во која не се разликува вера и националност. Локалните мали и средни претпријатија, таксисти, дуќанџии во периодот на ‘Пивофест’ го гледаат најголемиот бенефит и профит. Но, денес, кога рокот на оваа политичка институција заврши, без да се назначи за кој предмет станува збор, вработените во СЈО сакаат да прават театар од нашата локална самоуправа! Оваа постапка на СЈО е прочитана и осудена од сите што помогнале, учествувале, организирале или биле само гости на ‘Пивофест’“, напиша на својот профил на Фејсбук градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески.

Информацијата дека „Пивофест“ бил во фокусот на интересот на СЈО беше изненадувачка за добар дел од граѓаните на Прилеп. Прилепската јавност е запознаена дека во изминатите две години, по разни основи, против градоначалникот Ристески беа поднесени пет пријави. За една од нив, Министерството за култура парично го казни, а за друга Основниот суд во Прилеп му изрече парична и условна затворска казна.

Меѓу првите пријави против прилепскиот градоначалник беше онаа што до СЈО на 25 јануари 2016 година ја поднесе адвокатот Жарко Стеваноски, а која опфаќа повеќе кривични дела, поврзани токму со „Пивофест“.

Стеваноски, кој е подносител и на сите останати пријави, вели дека „Пивофест“ му бил предмет на анализа во период од шест месеци, период во кој преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од Општина Прилеп ги обезбедил сите податоци, поврзани со организацијата на манифестацијата. Информациите, пак, кои се однесуваат на текот на парите по однос на дотации, спонзорства и закуп на простор за штандови, локалната самоуправа не му ги доставила затоа што, според него, за таа цел било користено Здружението на граѓани „Центар за граѓанска иницијатива“ (ЦГИ), кое нема законска обврска да дава такви информации.

Што се однесува до надлежноста за постапување на СЈО по поднесената пријава, таа, според прилепскиот адвокат, произлегла од транскриптот од телефонскиот разговор помеѓу поранешните министри Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески.

Стеваноски вели дека локалната самоуправа го злоупотребувала фестивалот на начин што за да ги прикрие финансиските трансакции, склучувала меморандум за соработка со ЦГИ, со кој ги поделиле обврските околу организирање на манифестацијата.

- Општината ги преземала крупните обврски околу исплатата на изведувачите, авионските билети, сместувањето, бината, озвучувањето, а Здружението прибирало средства од закуп на штандови, донации и спонзорства, кои во изминатите неколку години во просек изнесувале од 8 до 11 милиони денари. На Здружението му било овозможено за износ од 150 илјади денари на име комунални такси целосно да го закупи централното градско подрачје, кое потоа го издавало на закупувачите на штандови. Цената за закуп на еден штанд изнесувала во просек од 60 илјади до 150 илјади денари, средства кои како приход ги остварувало Здружението. Парите на име спонзорства и донации биле прибирани така што градоначалникот со свој потпис и печат на Општина Прилеп, а со меморандум на ЦГИ, до стопанските субјекти доставувал барања за донација или спонзорство. Со тоа од свое име, а за сметка на Здружението, од стопанските субјекти од градот годишно собирал износи од 6-7 милиони денари. Покрај приходите од ЦГИ, на име непланирани трошоци за „Пивофест“, од буџетот на Општина Прилеп годишно биле трошени околу 3-4 милиони денари - појаснува адвокатот Стеваноски.

Законот вели дека за ваков вид манифестации, локалната самоуправа е должна да распише оглас за јавна набавка во отворена постапка. Огласот се распишува во случај кога не може да се утврди висината на средствата, потребни за реализација на манифестацијата. На огласот право да се пријават имаат сите стопански субјекти кои можат да се здружат во реализација на јавната набавка преку поделба на услугите, цената на чинење и одговорностите, на начин на кој начин секој од нив би имал можност да се јави на огласот.

- На овој начин Општина Прилеп ја ограничила конкурентноста на стопанските субјекти и, што е уште пострашно, реализацијата на „Пивофест“ ѝ ја доверила на непрофитна организација која по закон не смее да се занимава со дејност од која може да остварува вакви приходи. Најлогичното прашање кое се поставува е - зошто на сите други заинтересирани фирми и здруженија им било скратено правото за износ од 150 илјади денари да го закупат централното градско подрачје, за да потоа со негово издавање под закуп заработат 50 пати поголема сума од вложената? - прашува Стеваноски.

Десетина дена по поднесувањето на кривичната пријава, првиот човек на СЈО, Катица Јанева, до подносителот на кривичната пријава Жарко Стеваноски испратила известување во кое меѓу другото се вели:

„Ве известуваме дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои излегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе изврши потребни дејствија за да утврди дали се сторени кривични дела кои што се поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите“.

Дваесетина месеци подоцна, обвинителите на СЈО влегоа во Општина Прилеп за, според непотврдени информации, да побараат документација поврзана со организацијата на „Пивофест“.
 

 

Објавено во „Слободен печат“
 

 19.09.2017, 12:35  | Xh.I. | 386

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

30997
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.