Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Скопје 2014: абортирање на плодот од силувањето

Кривичен суд: Вложуваме напори да донесеме одлуки за притворите во законски рок
Османи ќе бара поддршка од Шпанија и од Полска за обезбедување конкретни чекори од ст..
Владата донесе препораки за заштита: Високи температури до 42 степени

Колумна

Скопје 2014: абортирање на плодот од силувањето

Се оженил така Мујо со Фата, по долга и чедна – да не речам платонска – љубов. По правата брачна ноќ, излегол младоженецот по навика во кафеана, да се види со другарите за да го „залијат“ новото животно искуство. Нормално, првото што го прашува машката банда Мујота е „каква била Фата во кревет“. Мујо прави мангупско лице и им се доверува на другарите: „Што да ви кажам, дечки... некои велат дека била многу добра за оние работи, а други, пак, ми кажуваат дека ич не ја бивало....“. Овој сјаен виц се тркала по Балканот веќе половина век или повеќе, а улогата на глупавиот младоженец гордо ја носеа претставници на сите народи и етнички посебности што го населуваат овој несреќен полуостров.


Некомпетентност и глупавост


Несопирливата смеа што вицот вечно ќе ја предизвикува се должи на апсурдната мешаница од некомпетентност и глупавост, и гордост и самодоверба, што одзрачуваат од балканскиот младоженец. Коктел од „доблести“ што кај машките деца што се смеат на вицот побудува чувство на безбедна супериорност над наивниот младоженец, чувство што произлегува од убеденоста на секој маж дека не е возможно тој да се најде во улогата на глупиот Мујо.

Но, во вечната библиска земја Македоња, спојката помеѓу тоталната некомпетентност и глупавост, со исто толку екстремната гордост и самодоверба, ја зачна пред 11 години појавата што некоја будала со нежна родителска љубов ја нарекла „Проект Скопје 2014“. И, така, по првата брачна деценија во која Грујо ја држеше во заробеништво и безмилосно ја силуваше младата Македонија, се собрале машките деца од вмровската штаб-квартира да ја залијат годишнината, и, се разбира, не можат а да не му го постават – мангупски оклештени, и со залигавени усти – најважното прашање: „И, како се покажа во кревет невестата... ја болеше ли многу?“. А, Грујо прави невина фаца и ги крева рамената: „Жими мајка – не знам... Некои велат дека врескала многу, но мене воопшто не ме заболе...“. Колку време и да помине, и на какви ли си таму перверзни балкански премрежиња да се однесува, структурата на овој вечен виц останува непроменета во поделбата на улогите: машката страна е глупак што е горд на своите кретенски дела, а женската страна го носи прималниот грев на Ева – таа е секогаш жртвата што е самата виновна за својата судбина.


Децениско силување

Дека оваа дискретна морална изопаченост на стариот виц може да им одолее на сите ситуации, потврдуваат и деновиве често започнуваните муабети за судбината на несаканиот пород од децениското силување. Иако одлуката за абортусот на злиот плод што настанал како резултат на еднострано насилство, е право што на силуваната мајка со закон ѝ го дозволуваат не само сите секуларни демократии, туку и многу религиски конзервативни земји, во библиската земја оваа тема не е сè уште приоритет ниту на Владата, а не се слуша ни дека справувањето со „Скопје 2014“ е во распоредот на која и да е институција од тукушто ослободената жртва на силувањето. Ситуацијата е драматична, но најтрагичното во неа е што изгледа како не само што никој не се чувствува виновен за насилството, туку како никој да не се чувствува повикан и да се справува со последиците од него.

Лежи, така, младата Македонија целата во крв, како фрлена во чекалницата на запустената хируршка болница, со расфрлани екстремитети и отворени рани од суровото насилство, а во неа безбедно зрее злиот плод на долгогодишното силување. На секој хирург – само да погледне – би му било јасно дека жртвата е во толку тешка здравствена состојба, што задржувањето на плодот би ја предизвикало нејзината сигурна смрт. На секој хирург, велам - по секавичен увид во состојбата на пациентот – би му било сосем јасно дека абортирањето на злиот плод не е само правична и морално исправна одлука – тоа, конечно, би требало да му биде јасно и на секој нормален човек, а не пак на експерт – туку дека се работи за единствено исправниот медицински приоритет да се спаси жртвата на силувањето!


Живо и здраво чудовиште

Да, но на хирурзите никој не им кажува дека имаат – некаде, на резервниот перон од кафкијански многуходничната болница – едвај живо тело на садистички силувана жртва, што е во критична состојба! Од жртвата истекува животот, а единствената динамика во болницата – наместо очекуваните сцени на трчање на медицинските лица од сите специјалности и екипирање на хируршката екипа – е предизвикана само од трепкањето на расипаните неонки...

И, така, следниот ден, по првата ноќ што силуваната жртва ја поминала сама во чекалницата, се собираат македонските мажиња, свежо избричени и со гелосани фризури, да ја „залијат“ со ракија и муабет новонастанатата ситуација. И, се разбира, не можат а да не го прашаат дежурниот ноќен вратар на болницата: „А, брат, шо велиш – што ќе биде со младата?“ Овој се чувствува важен и го брчка челото: „Не знам, дечки, дискутиравме цела ноќ со колегите од ‘хигиена’..., а дојдоа и некои што го гледале онадуењето со години... и, што да ви речам – некои велат да се почекало, други велат дека не треба да се вади, оти се давало пари... тоест, се давал напор... а трети велат дека треба да се сочува детето, оти, велат – младава и така и така е веќе онадена...“.

И, така, еден ден, по чудо преживеаната жртва на силувањето, пораѓа живо и здраво чудовиште, што уште како зол плод го добило перверзното име „Проект Скопје 2014“. Исцрпената и изобличена, безнадежно апатична мајка, го покажува бебето монструм од прозорот на третиот кат од породилното, долу на Мујо – гордиот татко и директен генетски наследник на Алехандро Магно. „На кого личи?“ – вика гордиот ариевец. Македонија го погледнува странечкум бебето и му одговара: „Што да ти кажам – не го знаеш човекот!“ 
 

(Објавено во „Слободен печат“)

 02.07.2017, 08:40  |  | 200

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

20021
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.