Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Дератизација

Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ преку обидот за блокада на Собранието го штити Зврлевски
Локални избори, повик за подобрување на изборниот процес
Многу брзи кредити, но кој е најдобриот? Еве сајт кој го има решението!

Колумна

Дератизација

Неколку наслови ми се мотаа низ глава – на пример: време за оставки, заминување и слично – како поблага или покултурна варијанта на единствениот можен и во суштина најточен збор: дератизација! Зашто претстојниот процес треба да биде токму тоа – темелно и масовно чистење на македонскиот духовен простор од намножените стаорци. Бубашвабите и другите гадинки ќе избегаат самите, ама стаорците мора да се дератизираат! И тие, стаорците, додуша, бегаат од човечкото присуство и светлината, особено демократската, ама се поиздржливи, па и прилагодливи. Некои самите ќе избегаат, како и што почнаа, мислејќи дека со тоа си прават услуга, дека покажуваат некаква доблест, помирливост или разум. Не е тоа ни доблест, уште помалку разум. Зашто ниту ги имале, ни пак ги имат. И тоа се само чисти пресметани потези, селски марифети, замачкување со краткотраен ефект. Иако, секако, подобро звучи зборот оставка отколку заминување низ општествениот процес на дератизација! Изгледа на тоа се надеваат?!

Еднаш, неодамна, го спомнав, односно го цитирав и зборот „денацификација“, ама мислам дека за овие и тое е епитет односно комплимент. Зашто, дури и кај нацистите, особено кај командниот кадар, имало некаква чест, уважување, професионализам, некаков чуден војнички односно партиски морал. Шпер, на пример, е еден од таквите. Имало и други, се разбира. Дури и еден Гебелс имал доблест да си го одземе животот, заедно со целото семејство! Кај нашава багра не може да стане збор за такви нешта. Затоа и мислам дека зборот дератизација е најсоодветен за нив.

Зашто, не може да не се согласиме, а тоа многу пати и сме го потенцирале, со ставот на Геровски кој вели „категорично реков дека за распадот на медиумската империја не ги обвинувам газдите, а менаџерите не се повеќе виновни од уредниците и новинарите во некогаш најуспешните дневни весници …“[1]. Зашто, во крајна линија, сите гнасотии, лаги, спинови и тотални измислици лиферувани годиниве низ македонските печатени и електронски медиуми не беа дело (само) на газдите и менаџерите туку на – новинарите! Таа логика е единствената прифатлива (и применлива) логика за сите области во македонското општествено живеење. Иако, се разбира, треба да се почне со ред, од главата. А таа кај нас ужасно мириса, да не речам смрди. И тука не мислам само на културата, туку и на образованието, науката, здравството … секаде каде што режимот успеа да го инсталира својот џган. Водечките луѓе на македонските институции во културата, и не само во неа, се најодговорните за културната катастрофа што Македонија ја доживува во континуитет цела една деценија. Тие беа пулените, милениците на режимот, тие беа нивниот џган за „културни операции“, тие ги спроведуваа во дело сите небулози на простаците заседнати во министерските и владините кабинети. Затоа денес состојбите во македонската култура се такви какви што ги гледаме, затоа манијаците успеаја да го инсталираат и она чудовишно „Скопје 2014“, затоа сите културни институции наликуваат како јајце на јајце. Расипано, усмрдено, се разбира! И тие се првите кои мораат да ги понесат консеквенците за тоа културно злосторство што ја обезличи, клиентелизираше, партизираше македонската култура. Тие беа директните извршители и наредбодавци од втората линија, тие беа клучната алка во режимското простачко опустошување на државата и пресметување со современоста. И тука, секако, сега ќе се појават редица „олеснителни“ околности, сега ќе започне трката по приклучоци, по врски, по ајхмановско миење на рацете и правдање со „извршување на наредбите“! И тоа, по правило, е една од очекуваните проблематични алки во цврстиот синџир на одговорност што новата власт треба да го воспостави. Ако попуштат – заради мама и тато, заради тета и бате или некои новокреирани партиски врски – бродот ќе заплови во несакани плитки води. И ќе се насука, на самиот почеток. Но, белки има кој да мисли на тоа?

Но, тезата на Геровски, ако добро сум ја разбрал, не завршува само на „командната одговорност“, зашто и една цела „војска“ секогаш спремни исполнители односно извршители му беа подеднакво на располагање на режимот. Особено т.н. стручен кадар во (не само) културните институции. Ги ословувам како „таканаречени“ зашто сериозни, стручни луѓе и професионалци никако не би се спуштиле на тоа рамниште да слугуваат на насилници, незналици, простаци. А нашиве го правеа токму тоа, цели десет години. И реализираа „проекти“ непримерени за една сериозна култура, учествуваа во разнебитувањето на институциите, во девастацијата на културното наследство, во малтретирањето на неистомислениците … Оттука, можат ли, смеат ли тие да бидат исклучени од идните процеси на дератизацијата?

 19.05.2017, 12:25  | V.E. | 59

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

17320
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.