Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Рчка

Да создадеме култура на носење на очила
СЈО ќе ја „трезни“ Општината од „Пивофест“
Жрепка за редоследот на листите за локалните избори

Колумна

Рчка

Ајде малку да ги разјасниме нештата околу мантрата што деновиве упорно ја повторуваат Ѓорге Иванов, Никола Груевски и пратениците на ДПМНЕ – СДСМ да се откаже од Тиранската платформа и со тоа да биде отстранета главната „политичка пречка“ Иванов да му го додели мандатот на Зоран Заев. Гледам дека многу луѓе што гласаа за промени се „лепат“ на оваа мантра, не сфаќајќи дека, всушност, станува збор за евтин трик.

При тоа, немам намера никого да убедувам дека не постои платформа (постои!), дека не е потпишана во Тирана (таму е потпишана!), дека таа нема политичко значење (има!) и дека релевантен документ за расправа за политичките намери на новиот мандатар е само програмата што ја понуди Зоран Заев (за сè може и мора да се расправа). Ниту, пак, прифаќам дека Тиранската платформа е единствената за која треба да се расправа – во последните неколку години, завршно со манифестот на ДПМНЕ, напишани се и обзнанети еден куп платформи за иднината на оваа земја и за сите нив, ако е потребно, треба да се расправа.

Проблемот на Иванов и на мантрата „откажете се од Тиранската платформа, па ќе го добиете мандатот“ е што тоа е барање кое не може да произведе никаква задоволувачка политичка декларација или акција. Малку логика, аман! СДСМ не може да се откаже од нешто што не е негово. ДУИ не може да се откаже од декларација што содржи барања (прифатени од ДПМНЕ!), од кои голем дел се основа на политичките програми на сите албански политички партии од почетокот на деведесеттите.

Конечно, ни технички не постои начин „откажувањето“ да се изведе на начин што ќе биде уверлив за тврдокорните идиоти и за пучистите Иванов и Груевски. Замислете албанските партии да изјават – еве, се откажуваме од Тиранската платформа. Замислете истото да го стори и Зоран Заев, колку и да е тоа непотребно и недоветно. Претпоставувате, нели, кој ќе биде одговорот на пучистите – добро, ама не ви веруваме!

Според тоа, ај да не се будалиме. Барањето за „откажување“ од Тиранската платформа е casus beli. Причина за војна. ’Рчка, по нашки! Заради „уметнички дојам“, убаво би било албанските лидери да покажат еден гест кон СДСМ во оваа лудачка ситуација и да се „откажат“, но да не се занесуваме – тоа нема ништо да реши!

 20.04.2017, 19:34  | V.E. | 87

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

1229
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.