Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Новинарски пилешки срца

Прибе во втор обид за итни реформи во Македонија
СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Заради чии интереси ја уназадивте земјата?
Џафери со честитка до РК „Вардар“ за европската шампионска титула

Колумна

Новинарски пилешки срца

Пред петнаесеттина години прочитав еден одличен есеј на Мартин Каплан, универзитетски професор, некогаш главен пишувач на говорите на потпретседателот Волтер Ф. Мондејл и директор, сценарист и продуцент во Дизниевите студија, под наслов „Што не знаеше Орвел“. Каплан пишуваше:

„Старата новинарска парадигма за свој постулат ја имаше потрагата по вистината, по објективноста и по непристрасноста – пишуваше Каплан. - Новата парадигма ваквите цели ги прогласува за незрели; тие се сами по себе недостижни. Бидејќи секој има своја вистина и се застапува за неа, работата на репортерот не е да пресудува меѓу компетитивните искази, туку да ги соедини она што де факто е колаж… И, со оглед на фактот што точноста никогаш не може да се достигне, ‘балансот’ – новиот најмал заеднички именител и борбен извик – е лесна цел; се што треба да направите е секому да ги отворите своите бранови должини и да му отстапите неколку сантиметри од просторот за колумни во весникот... Наместо да се обиде да ни ја каже вистината, новинарството во денешно време се гордее со тоа што успева да најде две страни за секоја приказна, без оглед на тоа колку патетична може да е едната страна”.

Тезите на Каплан оспорија некои од темелите врз кои во славните времиња на “Дневник” го градевме неговиот гранитен имиџ и постулатите на модерниот журнализам во Македонија – секогаш фактите да се одвојат од мислењето, да се сослуша и другата страна, да се постигне баланс, да се обезбеди достапност за претставниците на сите релевантни политички опции, да се охрабри читателот самиот да пресудува и да дејствува. Но, времињата се менуваа, а Каплан имаше несоборливи аргументи за своите тези:
„Дури и во случаи кога поголемиот дел авторитети имаат ист став за реалноста...тој што обезбедува гости за ‘телевизиските’ вести е воодушевена секогаш кога ќе обезбеди некаков маргинален портпарол како ‘баланс’ во програмата, за да објави дека сите овие прашања се уште се отворени”.

Каплан пишуваше и за напливот на „истражувачко-аналитички“ институции, кои „произведуваат дебата“, а всушност создаваат илузија за контроверзија дури и кога фактите се неспорни, бидејќи, како што луцидно забележува тој, „знаат колку современото новинарство робува на современата тиранија на лажната еднаквост на вредностите“.
Аргументите на Каплан победија. Во годините на транзиција од еден режим во друг, секна спремноста на гордите новинарски пера јавно да го соопштат своето мислење за кое било поважно политичко прашање. Експертократијата го запоседна медиумскиот простор. Пропагандата упорно произведуваше лажни контроверзи, а репортерите „непристрасно“ известуваа за „двете страни“ на приказните. Новинарските пилешки срца одбиваа да ја соопштат вистината дури и кога таа беше неспорна, а кога беше толку очигледна што бешео срамно да се премолчи - бараа некој друг тоа да го стори наместо нив.

Погубната парадигма за која пишуваше Каплан, фатална за македонското новинарство, денес доживува нова ренесанса во облик на таканаречените „инклузивни дебати“ на телевизиите (кои главно се сведуваат на расправи, а понекогаш и мачни расправии без никаква информативна вредност), или во облик на „истражувачко“ преоткривање на општо познатите факти за пропаста на едно децениски ограбувано и осакатувано општество.

Таквото „новинарство“ денес повторно е фенси.  Добива поддршка од сите страни и симпатии од публиката. Новинарските пилешки срца пак се на цена.

 19.03.2017, 10:55  | V.E. | 155

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

10095
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.