Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Покондирениот Вардарец и Егејците

НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола одбележува 72 години од основањето
Хан: Брзо формирање влада и воздржување од разгорување меѓуетнички тензии
Македонија го одбележува Светскиот ден на водите

Колумна

Покондирениот Вардарец и Егејците

Не слушнавме никого од Албанците да каже дека Ахмети, Села,Рама и останатите со платформата го караат со неговите мили соседи Македонци. Тешко и дека ќе дочекаме такво нешто да каже некој Албанец. Но, затоа, пак, Трифун Kостовски, го испрати Борис Дамовски во Егејска Македонија да се буни за правата на тамошните Македонци и побара од него да не му ги расипува односите со неговите овдешни Албанци. Според Kостовски, Дамовски немал право да зборува против платформата оти потекнувал од Егејска Македонија.

Kостовски ги подели Македонците на Егејци, Пиринци и Вардарци. Слично како што порано правеле комунистите, кои го измислија терминот Егеец. На Kостовски му пречат Македонците што преживеале геноцид, врз кои биле фрлани напалм-бомби, биле протерувани од своите огништа и кои не по свој избор морале да дојдат да живеат тука. Токму тие му запречија на „Вардарецот“ Kостовски оти му ги расипувале односите со неговите мили сограѓани Албанци.

Истите оние сограѓани што во 2004 година, при територијалната реорганизација, му пречеа оти ќе станат дел од градот Скопје, па се бунеше на собраниска говорница зошто албанските села ќе се присоединат кон градот. Но не му пречеше двојазичноста зашто велеше дека, ако се договориме, Скопје и со 15 отсто Албанци може да биде двојазично, ама му пречело што селаните ќе се присоединиле кон граѓаните зашто едните и другите имале различни проблеми.Во 2008 година, додека беше градоначалник, ја промовира идејата за Скопје без Сарај, Бутел, Ѓорче Петров и Шуто Оризари. Човекот кој потекнува од едно скопско село од околината на градот посака да се реши од своите соселани. Тоа е така кога „сељак ќе се покондири“, некои велат покондури. Дамовски често објаснува дека не е „покондури“ туку „покондири“ и дека зборот потекнува од комедијата „Покондирена тиква“. И на еден таков покондирен, прво му пречеа „сељаците“, односно неговите соселани, а сега почнаа да му пречат Егејците, кои, според него, нема што да се бунат тука. Јас сигурно, според Kостовски, не смеам збор да кажам со оглед на тоа што презимето ми завршува на „иќ“. Или, пак, по мајка Македонка од Вардарска Македонија ќе смеам да зборувам, но не колку тие што двајцата родители им се од вардарскиот дел? Можеби е потребна ДНK-анализа и врз основа на неа да му се утврди на секој во Македонија колку проценти има право да зборува. Се разбира, тоа не важи за милите му соседи Албанци. Тие можат и јавно да бараат поделба на државата, да кажуваат дека Македонците не постоеле пред 100 години и повторно да се најде некој Македонец како Трифун кој ќе им се умилкува и ќе дозволи да го газат само да не му се налутат. И таков човек ни беше татко на градот. Да си молчеше, ќе останеше енигма и ќе беше подобро за него. Но, прозборува и мистеријата, која едно време ја плетеше околу себе, се изгуби, остана само празнина, шуплина, едно големо ништо. Згора на тоа и пропеа, па ја добивме комплетната слика за него. Нејсе…

Освен овој „мудрец“ опозиционер, од нивните редови деновиве можевме да ја слушнеме „премудрата“ Kатица Ќулавкова, академик, која си направи филм дека платформата е масло на Груевски и Ахмети, само за да се задржат на власт. Таа била да се дефокусира јавноста.Нема сомнеж дека и Ќулавкова е една од оние што се убедени дека Трамп победи со помош на ВМРО-ДПМНЕ и дека зад брегзит се крие повторно некоја вмровска ујдурма. Додека Ќулавкова си правеше филм, се јави Питер ван Хут да ни каже дека федерализацијата во деведесеттите била ефикасна алатка за решавање конфликти, па така и денес за Македонија тоа би било позитивна работа која би донела стабилност.Сигурно Ќулавкова помислила дека и Ван Хут е производ на Груевски и дека изјавата на Белгиецот е повторно масло на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Kако ли Ќулавкова не се сети дека без платформата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно ќе направеа влада без проблем како победници од двата блока.

Чуму му на Груевски платформа ако таа го кочи да состави влада? А не ќе беше лошо Ќулавкова да се сетеше на ветувањата на Заев дадени во Швајцарија за двојазичност и кантонизација. Но, и пред Швајцарија, поточно по кумановските настани, односно акцијата во Дива Населба, кога загинаа осуммина полицајци, Заев преку косовска телевизија ја изнесе идејата за двојазичност и име што ќе ја отсликува мултикултурата. Така можеби ќе се замислеше да не е оваа платформа масло на Заев и Ахмети, односно на оние што ги контролираат овие двајца, а кои се тие, и на малите деца им е јасно. Тие си седат на Kале. Веќе подолг период преку типови како Заев и Соросовите невладини организации Kалето си работи на разнебитување на Македонија, на нејзино исчезнување и на исчезнување на македонскиот народ. Е, сега, дојден е моментот кога Македонија треба да се одбрани. Ако можеа опозиционерите плус соросоидите две и пол години да ја блокираат државата, да ја разнишаат нејзината стабилност, со цел некој од надвор да ја обликува како што сака, тогаш „За заедничка Македонија“ мора да издржи и повеќе од две и пол години ако треба и да не дозволи Македонците да го изгубат и ова парче земја што остана од Македонија оти Македонија е с` што имаме.

 17.03.2017, 12:51  | V.E. | 92

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

28487
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.