Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

До Бугарија по подобри патишта до 2020

Името на маса по Нова година
Могерини со инструкции за премиерите од Западен Балкан
Поништен конкурсот за јавни обвинители
Кривичен неделава полн со предмети од СЈО

Македонија

До Бугарија по подобри патишта до 2020
_4279.jpg

Проширувањето со уште една лента на патот Крива Паланка до ГП „Деве Баир“ на границата со Бугарија е дел од предлог проектите на листата кои ги задоволуваат барањата на Инструментот инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан во согласност со ЕУ агенда за поврзување и Програмата за работа на Владата 2017-2020 година.

За планираното проширување на постоечката магистрала во должина од 13 километри веќе е готова проектната документација и се почнати преговори со меѓународните финансиски институции.

Експресен пат и проширување засега замена за автопатско решение

Оптимистичките најави на властите се до 2020 година да се вози преку експресен пат на потегот Куманово-Ранковце-Крива Паланка, на кој се надоврзува проширувањето до границата со Бугарија, како замена за автопатско решение што ќе го забрза протокот на стоки и патници преку Коридорот 8. Таму приоритет е железничкото поврзување ветено до 2025 година.

За експресниот пат, што се финансира со 78 милиони евра од Светска банка, според најавите од властите, е отворена опцијата за автопатско решение.

Веќе е избран најповолниот понудувач за градежните работи на првата фаза од експресниот пат, на потегот од Ранковце до Длабочица во должина од 15,5 километри и се очекува наскоро да биде потпишан договор. За втората фаза, од Длабочица до Крива Паланка, долга 8,7 километри, во тек е евалуација на понудите од страна на Светска банка. Паралелно со изградбата на експресниот пат што ќе биде целосно нова траса ќе се обновува постојниот пат Крива Паланка Ранковце во должина од 21 километар.

Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов на последната средба најавија активности со кои ќе се придонесе за создавање реални услови за побрз проток на патници и стока, како дел од заедничкиот приоритет Коридорот 8.

- Една од најголемите желби е од Скопје до Софија да не се патува четири-пет часа, туку многу брзо, тоа да биде возможно како алтернатива по убав автопат или по убава железница. Тоа е Коридорот 8 кој е лепеза на можности за граѓаните од целиот регион, изјави Заев.

- Луѓето сакаат работа, да имаат приходи, да може да патуваат и да прават бизнис. Ние сме должни тоа да им го овозможиме, изјави Борисов.

Се обновува патот кон ГП „Делчево“, а се проектира нов од Струмица до ГП „Ново Село

Во прилог на најавите за создавање услови за подобра комуникација на жителите на Македонија и на Бугарија се и активностите што се преземаат за обнова и рехабилитација на дел од патиштата и кон останатите гранични премини со Бугарија.

Следната година треба да заврши обновата на патот Кочани -Делчево, во должина од 30 километри, на што се работи од минатата година, со инвестиција од шест милиони евра. Досега се завршени работите на 12 километри, во тек е реконструкција на три моста и рехабилитација на сите мостови.

Македонските власти ветуваат подобар пат и кон ГП Ново Село. Дел од плановите за реконструкција се и 20 километри пат Струмица-Ново Село на границата со Бугарија.

Бидејќи проаѓа низ многу населени места и во минатото се случиле голем број сообраќајки со човечки жртви самата фрекфенција покажува потреба од изградба на нов пат за што се дадени на проектирање обиколница на Струмица и нов пат Струмица - Граничен премин што нема да поминува низ населените места. Станува збор за изградба на 30-ина километри пат, информира за МИА директорот на ЈП за државни патишта (ЈПДП) Зоран Китанов.

ГП Клепало незатворено прашање

Незатворено инфраструктурно прашање со Бугарија, е и граничниот премин Клепало кај Берово, за што последните ветувања од бугарска страна се дека ќе се реализира за две години. Македонија за разлика од Бугарија до преминот има патна траса која само треба да се рехабилитира, што е дел од плановите за следната година на ЈПДП.

Целата инфраструктура од македонска страна заедно со објектите за царинските служби се изградени пред 20-тина години. Како што информира градоначалникот на Берово Звонко Пекевски, останува да се изгради патот од село Мокриево до Клепало во должина од 7,5 километри.

Од бугарска страна, пак, според најавата од заменик-министерот за регионален развој на Бугарија, Деница Николова, се стартува со изведбени работи и средства за доизградба на патот. Активностите треба да се заокружат со дипломатски билатерални одлуки за отворање на преминот. 

 07.12.2017, 10:06  | A.Z. | 30

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

21920
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.