Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Што стана со реформата на полицијата?

Името на маса по Нова година
Могерини со инструкции за премиерите од Западен Балкан
Поништен конкурсот за јавни обвинители
Кривичен неделава полн со предмети од СЈО

Колумна

Што стана со реформата на полицијата?
111_2.jpg
Воислав Зафировски


Drugi kolumni

Во почетокот на 2003 година во МВР беше формирана посебна работна група која имаше задача, врз основа на една функционална анализа направена од страна на германски полициски експерт, со техничка помош и поддршка на германски експерти, да изготви Стратегија за реформи во полицијата. Во јануари 2004 година, откако беа испеглани сите забелешки и спорни делови се усвои Стратегија за реформи во полицијата.

Таа Стратегија беше од исклучително значење, бидејќи претставуваше документ со целосно заокружен систем на функционална организациона поставеност на полицијата; со јасно дефинирани надлежности и без нивно преклопување; со јасна разграничувачка линија меѓу стратешкото, оперативното и извршното равниште во поставеноста; со ослободување на полицијата од неполициските функции; со правни процедури; етички принци за заштита на слободите, правата и приватноста на граѓаните, но и со точно дефиниран број на полициски службеници - 7.200, од кои 6000 би биле униформирани полициски службеници, а 1.200 би биле цивилна оператива. Во оваа бројка не влегуваат припадниците на граничната полиција, која согласно стандардната методологија за пресметка на бројот полициски службеници за обезбедување на државната граница требаше да биде 2.640.

Стандардната методологија за пресметка на бројот на полициските службеници се раководеше од принципот - 1 полициски службеник на 350 граѓани, што претставуваше отстапка од европските стандарди, бидејќи се сметаше дека нашата земја е со поголеми безбедносни предизвици. Во западноевропските земји тој сооднос варира од 1 полициски службеник на 500 граѓани до 1 полициски службеник на 850/950 граѓани во скандинавските земји.

Во тоа време, во МВР работеа околу 12.000 полициски службеници, а заради превземањето на обезбедувањето на државната граница од страна на полицијата, дополнително имаше сериозен прилив на кадри и од армијата. Оценката на експертите од Европската Комисија кои најнапред направија функционална анализа на македонската полиција, се содржеше во една поразителна реченица - вие имате нефункционален полициски систем, кој може да се каже дека функционира како систем на колективна полициска неодговорност - Ulrich Dugass, експерт од СР Германија, поранешен директор на полицијата на Северна Рајна Вествалија.

Стратегијата, во својата суштина предвидуваше полицијата да развие три рамништа, со прецизни надлежности, со кои би се направило и деконцентрација на моќта на одлучување; со персонална и финансиска независност; со прецизно дефинирани права, обврски и одговорности за секое работно место во полицијата.

Првото рамниште требаше да биде претставено како стратешко ниво, сочинето од едно мало експертско тело во рамките на Бирото за јавна безбедност, без никакви оперативни функции и без полициски овластувања, но со овластувања да ги планира долгорочните цели на полицијата, да врши стратешко, развојно планирање за потребите на полицијата, да ги пропишува процедурите за работа на полицијата, да врши анализа на состојбите и појавите и врз основа на тоа да ја унапредува методологијата на работа со цел да се подобри ефикасноста и ефективноста во нејзиното работење, да ги пропишува стандардните оперативни процедури, во насока на законито работење на полицијата и почитување на човековите слободи и права, и сл.

Вториот столб требаше да биде оперативниот, во кој влегуваа осумте Сектори за внатрешни работи (Подрачни полициски служби), четирите Регионални центри за гранични работи и Централните полициски служби.

Ако во принцип се јасни надлежностите на Секторите за внатрешни работи и на Регионалните центри за гранични работи (операционализација на целите, процедурите, насоките и стандардите за полициско работење што доаѓаат од стратешкото ниво и следење на спроведувањето на дефинираните задачи од страна на полицијата), Централните полициски служби требаше да бидат збир на сервисни полициски служби и единици кои заради неопходноста од повисок степен на обученост, стручност, економичност, користење на софистицирана опрема (форензички лаборатории, хеликоптери, специјалните единици, Одделот за борба против организираниот криминал, информатичка техника и тн.) и како такви се стационирани во рамките на Министерството за внатрешни работи. Нивното ангажирање, согласно Законот за полиција, е по барање на некој од раководителите на Секторите за внатрешни работи или од раководителите на Регионалните центри за гранични работи. Само по исклучок, тогаш кога безбедносната состојба излегува од контрола, Директорот на Бирото може да нареди нивно активирање. Меѓутоа, Централните полициски служби денес се алатка во рацете на Директорот, дури нема ни исклучок, интервенција од нив да побара некој од тие кои согласно законот треба тоа да го сторат.

Во вакви околности, кога ЦПС се доминантна алатка во рацете на директорот на Бирото, разбирливо, не е направена ниту деконцентрација на моќта на одлучување. Напротив, воведен е уште поцентрализиран систем на одлучување, дури, а оперативните столбови не добија ниту финансиска ниту персонална самостојност.

Третото равниште е извршното, а е позициониран во Полициските станици, Полициските одделенија и Надворешните канцеларии на криминалистичката полиција. Секако, сите тие се со полициски овластувања и нивната работа е секојдневно спроведување на законот преку извршување на полициските работи, со примена на методологија која ќе ги доближи до граѓаните, ќе работи заедно со заедницата, ќе функционираат локалните совети за превенција, на граѓаните ќе им се врати позорникарот, но...ништо од сето тоа.
Со судни маки се овозможи без сериозни турбуленции да нема отпуштања на полициски службеници, се направи измена на Законот за внатрешни работи, со кои се овозможи на сите кои ќе наполнат 40 години пензиски стаж, по сила на закон да заминат во пензија. Проценката беше дека за период од пет години, само по овој принцип, во пензија ќе заминат доволен број полициски службеници со што ќе се исполнат прифатените обврски.

На тој начин, се постигнуваше и друг бенефит, имено, бидејќи најголемиот дел од тие што требаше да заминат во пензија беа македонци (само 1% од нив беа албанци и припадници на останатите етнички заедници), ќе се постигнеше и соодветен баланс во правичната застапеност на сите етнички заедници во полицијата.

Сега се најавува нов оглас за прием на 500 нови полицајци. За некој да се стекне со квалификација да може да засегне во вашите слободи и права, да засегне во вашата приватност, да примени сила, дури и онаа најтешката форма - смртна сила, потребен е курс од девет месеци теорија и три месеци пракса?! А последиците од таквата обука?!

Време е да се препрочита и одново афирмира Стратегијата за реформи во полицијата, заедно со процесот на едукација за полициски службеници, од кои граѓаните очекуваат да го спроведуваат законот, без партиска позадина, без предрасуди и без импровизации, бидејќи преопасна е играта на луѓето во сина униформа, особено што законот им овозможува да засегаат во правата на граѓаните за кои постојат Уставни и законски гаранции.

Конечно, дали има потреба од нови вработувања во полицијата, кога согласно утврдените и договорени стандарди со Европската Комисија имаме доволен број полициски службеници, но за жал лошо организирани.

Воислав Зафировски

 06.12.2017, 13:35  | B.M. | 88

 

© ZURNAL.mk

 Колумна 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

22303
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.