МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Груби до пратениците: Не се кријте зад народот и не мислите на следните избори
Кувелис: Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент
Костадинов: Со иницијатива до Уставен, бранителите на Груевски сакаат да го спасат од..
Томе Аџиев на распит во СЈО за случајот „Моќник“
Колумни
ДПМНЕ и револуционерната секира

ДПМНЕ и револуционерната секира

недела, 24 декември 2017, 21:02ч.   |   B.M.

Сашо Орданоски

Во комунизмот, тој принцип се нарекуваше „демократски централизам“. Значеше дека секој во партијата, до одреден момент, може да јаде трици колку сака, но кога ќе се донесеше некаква одлука – секогаш по инструкции и по вкусот на раководството – тогаш партиските војничиња послушно си се редеа „во колона по еден“. Одлуката не само што си ја спроведуваа беспоговорно, туку и ја славеа во чест на визионерското, мудро раководство на лидерот!

Во едно од писмата до членството од 1937 г., Лав Троцки тоа најубаво го објаснува: „Демократијата и централизмот воопшто не се наоѓаат во непроменлив сооднос еден спрема друг. Сè зависи од конкретните околности, од политичката ситуација во земјата, силата на партијата и нејзиното искуство, општото ниво на нејзини членови, авторитетот кој раководството го стекнал. Пред конференцијата, кога е присутен проблемот со формулирање на политичките линии за следниот период, демократијата триумфира над централизмот. Кога е проблем политичката акција, централизмот си ја подредува демократијата. Демократијата повторно ги враќа своите права кога партијата чувствува дека треба критички да ги испита своите сопствени постапки. Рамнотежата помеѓу демократијата и централизмот се воспоставува во самата борба, на моменти е нарушена, а потоа повторно воспоставена. Зрелоста на секој еден член на партијата се изразува во фактот дека не бара од партискиот режим повеќе отколку што тој може да даде. Личноста која го утврдува својот став кон партијата врз основа на индивидуалните хирови кои му паѓаат на памет е лош револуционер.“

Како што е познато, според ленинистичкиот принцип на револуционерните партии, на „лошиот револуционер“ Троцки, само неколку години по ова писмо (во 1940), наполу му ја расцепија главата со секира во азилот во Мексико кога стана „незрел“ член на партијата и од партискиот режим побара „повеќе отколку што тој може да даде“. Централизмот си ја „подреди демократијата“, што би рекол нерасцепениот Троцки.

Принципот на демократскиот централизам, во комбинација со принципот на револуционерната секира, ќе доминира и на драматично закажаниот, а потоа рутински здодевниот вонреден партискиот конгрес на внатрешната македонска револуционерна комунистичка партија, што ќе се одржи во Валандово.

После сите трт-мрт-прт претконгресни дебати – тоа е фазата на комунистичко „јадење трици“ – вмровците ќе си постигнат партиско акционо единство зад единствениот кандидат за претседател, уредно наметнат од „чуварите на секирата“ (Фамилијата) во партијата, и едногласно ќе си го изберат Новиот партиски Голем Лидер, Христијан Мицковски.

Ај честито, нека е за многу години, барем за до година!

Разрешницата на целата оваа претконгресна драмолетка се содржи во една куса изјава на Илија Димовски од некни, дадена во стилот на курсистите на вечерните кумровечки партиски школи, а ја следи трокцкистичката логика на демократскиот централизам. Имено, кога личното мислење (во првиот дел од изјавата) ќе наиде на „демократска“ пречка („секирата“) во партијата, веднаш добива форма на неодредено мнозинство (во вториот дел од изјавата): „Останувам во ВМРО-ДПМНЕ, мора да научиме дека има различни мислења“…

Акцентот, се разбира, е во делот „мора да научиме“ – тоа е тој момент кога централизмот ја победува демократијата кај нашиве национал-комунисти. Што е право, Илија, сфатен како кадровска метафора за просечен делегат на валандовскиов конгрес на ДПМНЕ, никогаш и немал поим за демократија, па „учењево“ и не му паѓа особено тешко.

Што би рекол Троцки, „целта може да ги оправдува средствата, сѐ додека постои нешто што ја оправдува целта“. Целта на конгресот во Валандово е да се обезбеди континуитет на Фамилијата според принципот: „И по Тито – Тито!“

Ај, баш, да видиме, оти комунистичките математики низ историјата не излегувале секогаш на позитивна нула.

© ЖУРНАЛ    ~316,108

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Мојата обврска да апстинирам
Мажоретките на ВМРО-ДПМНЕ
Омраза
Зошто ќе гласам позитивно?
Држава без народ – како џамија без џемат
После сончање, нема каење!
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.