Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Агенцијата за филм повратила 300.000 евра од „Јадран филм“

Името на маса по Нова година
Могерини со инструкции за премиерите од Западен Балкан
Поништен конкурсот за јавни обвинители
Кривичен неделава полн со предмети од СЈО

Култура

Агенцијата за филм повратила 300.000 евра од „Јадран филм“
film_11.jpg

Скопје, 23 ноември- Агенцијата за филм на Република Македонија согласно со правосилното извршно решение по законски пат вратила речиси 19 милиони денари (300 илјади евра), колку што имало на сметката на хрватската продукција „Јадран филм“ во моментот кога била блокирана.  Повратот на државни пари е последица на неисполнувањето на договорот за производство на играната серија „Македонија“. 

- Ова не е целосната сума која државата му ја исплатила на хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ. Таа изнесува 68 милиони денари или милион и 100 илјади евра со обврска тој до септември годинава да достави готови епизоди од првата сезона. Како ќе се наплати остатокот ќе знаеме по завршување на истрагата на Јавното обвинителство и Финансиската полиција кои ја проверуваат документацијата за целиот период, од објавениот конкурс во декември 2015-та до 4 септември, кога истече рокот за предавање на 14 епизоди од серијалот, информира прес-службата на Владата на РМ пренесувајќи го соопштението на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија.

Овој чекор со ефикасно спроведување на законот, наведува Тозија, треба да биде поттик за сите државни институции во одлучната борба против криминалот и корупцијата и со тоа да ја поддржат определбата на Владата дека ќе се конфискуваат имот и пари кои се стекнати со криминално работење.

Тозија наведува дека „Јадран филм“ имал обврска до септември годинава да и достави на Агенцијата за филм на РМ  готови 14 епизоди од серијалот „Македонија“.

- Тоа не беше сторено и договорот со нив беше раскинат затоа што во него постои извршна клаузула.  Во недостаток на снимени материјали, односно непостоење на серија, „Јадран филм“ продолжува да манипулира со јавноста пласирајќи кратки видеа снимени во Загреб кои имаат за цел да остават впечаток во јавноста дека нешто се работи. Мојот апел е јавноста да не наседнува на овие трикови кои имаат за цел на целата работа да и дадат политичка заднина, наместо целата работа да се заврши правно. Договорот беше многу јасен - обврска на „Јадран филм“ беше да достави готови епизоди во септември, а не да објавува трејлери и сцени во неколку секунди во ноември. Дополнително, Грубишиќ изнесува видеоматеријали во јавноста, а притоа ни тие снимки ги нема доставено до Агенцијата за филм, истакнува Тозија.

Додава дека Агенцијата за филм е оставена во милионски долгови и со потпишани мегаломански, а неостварливи проекти од претходната власт и дека нема пари да плаќа ПР агенции, како што тоа го прави „Јадран филм“ во Скопје.

- Сега Грубишиќ е спремен да потроши илјадници евра за маркетинг кампања, да узурпира медиуми кои ќе му објавуваат некакви кратки сцени за да сее магла пред јавноста дека тој работи, ама ние не му даваме да доработи, но заборава на фактот дека не треба сега да снима и да пласира видеа, тој требало согласно договорот, веќе да има готови епизоди.  Истото во моментов на „Јадран филм“ му се случува и во Хрватска. Некои медиуми објавија дека и таму сметката му е блокирана, а пред два дена Хрватската државна телевизија му раскина договор за продукција на играната серија „Гричка вештица“. Во официјалниот одговор на ХТВ е наведено дека Винко Грубишиќ не ги исполнувал обврските од договорот. Исто така, во Хрватска се водат неколку судски спорови во последните 15 години во кои е вмешана „Јадран филм“,  пишува во соопштението на директорот на Агенцијата за филм на РМ.

„Јадран филм“, нагласува Тозија, треба да одговори на други прашања поврзани со непочитување на роковите и немањето банкарски изводи  каде се трошеле парите.

- А не после непочитување на сите рокови да објавува видеа со измислени сцени, кои имаат намера да дискредитираат. Воедно ги замолувам медиумите за објективен пристап кон ова прашање со цел да им овозможиме на државните институции да ги вратат парите стекнати на незаконски начин. пишува во известувањето од Тозија

 23.11.2017, 16:07  | L.E. | 39

 

© ZURNAL.mk

 Култура 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

21879
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.