Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Борисов: Не се оптоварувајте со историја, заборавете на „големи“ држави

Името на маса по Нова година
Могерини со инструкции за премиерите од Западен Балкан
Поништен конкурсот за јавни обвинители
Кривичен неделава полн со предмети од СЈО

Македонија

Борисов: Не се оптоварувајте со историја, заборавете на „големи“ држави
strumicapres3.jpg

Нема ништо поважно од тоа меѓусебно да се разбираме. Не се оптоварувајте со историја, живејте го животот, порача бугарскиот премиер Бојко Борисов, одговарајќи на новинарско прашање по денешната заедничка седница на владите на Бугарија и на Македонија.

Тој посочи дека имаме илјадагодишна историја и оти секој може да спори и да тврди дека е постар, но оти историчарите треба да се занимаваат со тоа. Со Заев, како што рече, сакаат да решаваат практични прашања.

Историчарите, наведе, нека се докажуваат кој, како и од што е произлезен.

- Ако направиме таков разговор, да спориме кој јазик каков е, а тука Каракачанов е многу подготвен, наместо да го потпишеме договорот за заедничка соработка, на крајот требаше со госпоѓата (министерката за одбрана Радмила Шеќеринска) тука да дојдат со по еден тенк - рече Борисов.

Тој потенцираше дека на првата средба со Заев му рекол дека треба да заборавиме на Голема Албанија, Голема Србија, Голема Бугарија, Голема Грција, Голема Македонија, зошто, посочи, колку сме помали, толку побрзо ќе постигнеме платите и инфраструктурата да ги доближиме кон оние од Западна Европа.

- Сакаме по многу години спокојно да си го пиете кафете, во Софија или во Скопје на Вардар. И ако тогаш се сетите на нас, добро. Ако не се сетите, пак добро - рече бугарскиот премиер.

Премиерот Заев потенцираше дека договорот за добрососедство е потпишан и на бугарски јазик и на македонски јазик.

- Навистина даваме шанса помалку да зборуваме заминатото и минатите слабости, а повеќе да се фокусираме на перспективите и иднината. Убеден сум дека на тој договор, буквално треба да гледаме со радост на перспективите и знам дека тој го јакне пријателството меѓу двете земји, двата народи и тоа е од исклучително значење за сите во Република Македонија - рече Заев.

Според него, поуките од минатото и интересот за севкупни подобри перспективи на граѓаните од Македонија и Бугарија се дел од причините за брзиот тек на затоплување на односите меѓу двете држави.

- Јас сум среќен што навистина и лидерството во Бугарија предводено од премиерот Борисов имаше доволно храброст да ги направи чекорите, преку договорот, но и преку секоја спогодба, меморандум кој што го потпишуваме, заради тоа што сум убеден оти секој ставен потпис од двете страни отвора можности за конкретни придобивки на сите наши граѓани - рече Заев.

Верува дека сите учат од минатото и истакна дека граѓаните на Македонија и Бугарија се пријатели кои очекуваат само унапредување на соработката и отворање подобри перспективи, подобри плати, повисоки пензии, подобра инфраструктура.

 23.11.2017, 16:06  | Xh.I. | 69

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

22118
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.