Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Новиот министер за здравство ќе ги раскара албанските лидери?!

Хан ја повика опозицијата да биде конструктивна
Дали Русија ќе ја спречува Македонија да влезе во НАТО?
Задолжителна зимска опрема за возилата, во спротивно 45 евра казна

Македонија

Новиот министер за здравство ќе ги раскара албанските лидери?!
1_177.jpg

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села се договори со премиерот Зоран Заев дека неговата партија ќе остане во владината коалиција, но како што стојат работите, тој сè уште не ги решил препирките и меѓусебните недоразбирања со Али Ахмети од ДУИ. Иако не би требало во брзо време да се случат драматични промени на политичката сцена, политичките аналитичари сметаат дека наскоро е можно да се јават нови проблеми и расколи во коалицијата, бидејќи како што велат, партијата на Ахмети најверојатно ќе го бојкотира и ќе го проблематизира изборот на нов министер за здравство, кој треба да се избере по предлог на Алијансата за Албанците, откако претходниот министер Арбен Таравари стана градоначалник на Гостивар.

Села да се извини


Извори од Владата откриваат дека пратеничката група на ДУИ најавила дека нема да гласа за кандидатот од Алијансата за Албанците за министер за здравство, а како што велат, бојкотот е резултат на изјавите на Зијадин Села дека Али Ахмети наводно го монтирал и го организирал „крвавиот четврток“ во Собранието на 27 април годинава. Како што откриваат нашите извори, поради тие тврдења на Села, голем дел од пратениците на ДУИ најавиле дека нема да гласаат за изборот на новиот министер.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека Села не е подготвен за големи процеси и истакна дека е многу вознемирен поради тоа што лидерот на Алијансата за Албанците го обвинил дека е нарачател на „крвавиот четврток“ во Собранието.

- Разочаран сум поради погрешната страна што ја зазеде Зијадин Села и би сакал тој да има поконструктивен пристап. Уште повеќе сум вознемирен од неговата изјава дека јас и ВМРО-ДПМНЕ сме биле организатори на неговото физичко елиминирање за потоа да го елиминираме и политички – рече Ахмети.

Од ДУИ за порталот СДК брифираат дека, ако Села се извини јавно за неговите скандалозни изјави, тогаш пратениците од партијата на Ахмети можеби ќе гласаат за избор на нов министер.

Портпаролот на Алијансата за Албанците, Флакрон Беџети, истакна дека партијата продолжува да биде дел од Владата со оние позиции што претходно биле договорени во составот на парламентарното мнозинство и создавањето на реформската влада. Во однос на прашањето, дали Таравари веќе има наследник, Беџети изјави дека сè уште нема конкретни имиња за оваа позиција, а исто така не го спомна проблемот што би настанал помеѓу ДУИ и Алијансата.

- Прво очекуваме Централното претседателство на партијата да назначи лице што ќе го наследи Таравари, а потоа и ќе излеземе со официјална информација – рече Беџети.

Како најсериозен кандидат за наследник на Таравари се спомнува името на актуелниот директор на Клиниката за очни болести Беким Татеши, кој е предлог на Алијансата за Албанците. Како негов конкурент се спомнува името на Илир Хасани, директор на Ургентниот центар, кој како предлог на ДУИ ќе се бори за министерската позиција. Села, чие име се спомнуваше како можен министер за здравство, пак, веднаш негираше дека ќе го води овој ресор.

Прекројување во коалицијата?

Во коалициите може сè да се случи, иако партиските пратеници обично се дисциплинирани во врска со вакви групни прашања, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Тој не верува дека ќе се случат многу големи тензии во албанскиот блок, но како што вели, ако евентуално се појават такви проблеми, тогаш сигурно ќе треба да се прекројат некои работи во коалицијата.

- Ако беше дојдено до раскинување на коалицијата, тоа ќе се случеше уште во моментот кога СДСМ и ДУИ објавија партнерство. Сметам дека работата наскоро ќе се смири, а можно е да има и официјална средба помеѓу Села и Ахмети, па на тој начин конечно да згаснат и да омекнат меѓусебните обвинувања – вели Муслиу.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, вели дека албанските лидери само си ги јакнат своите позиции преку меѓусебните недоразбирања.

- Не очекувам дека нешто големо и драматично ќе се случи на политичката сцена. Прво, никој не сака да излезе од коалиција со владата. Второ, овие изјави се единствено упатени за јакнење на своето гласачко тело. И трето, на овој начин сакаат да покажат колку е сериозно нивното партнерство со владата. Генерално, сите се свесни колку е силна сегашната влада и во никој случај на албанските партии не би им одговарало да се случат некакви промени. Сегашните огнени стрели помеѓу Зијадин Села и Али Ахмети претставуваат само пазар преку кој тие двајца си ги јакнат своите позиции – вели Пекевски.

Освен што треба да се избира нов министер за здравство, нов министер треба да се избере и во ресорот за странски инвестиции, откако Рамиз Мерко од ДУИ беше избран за градоначалник на Струга. Во изминатите денови сè погласни се информациите дека Владата нема да назначи негов заменик, туку ќе го намали бројот на министерства.
 

 

Објавено во „Слободен печат“
 

 14.11.2017, 12:12  | Xh.I. | 121

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

11061
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.