Журнал - Новинска агенција

Zurnal.mk

Злоупотребата на прислушувањето „виси во воздух“

Да создадеме култура на носење на очила
СЈО ќе ја „трезни“ Општината од „Пивофест“
Жрепка за редоследот на листите за локалните избори

Македонија

Злоупотребата на прислушувањето „виси во воздух“
C46D19A9-72B6-4A37-843B-8590BC2A4491_w1023_r1_s.jpg

Во исчекување на реформите за безбедносните служби, сомнежите за злоупотреба на системите за прислушување остануваат. Владата му предложи на Уставниот суд да ја запре постапката за оценување на уставноста на спорниот член од законот за електронски комуникации, кој му овозможува на УБК дирекно да преслушува преку опремата на телекомуникациските оператори.

Самите системи за прислушување, вака како што се поставени, не даваат гаранција дека никој не ги злоупотребува и покрај тоа што Владата е децидна и тврди дека никој во нејзиниот мандат до сега не ги злоупотребил, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Ваквата реакција следи откако Владата му предложи на Уставниот суд да ја запре постапката за оценување на уставноста на спорниот член од законот за електронски комуникации, кој му овозможува на УБК дирекно да преслушува преку опремата на телекомуникациските оператори.

Владата тврди нема нелегално прислушување

Од Владата велат дека досега нема евидентирано случај на злоупотреба на системите за прислушување во нивниот мандат и дека гарантираат оти нема да дозволат никој да не ги користи тие системи надвор од правилата.

„Гарантираме дека во моментов можна злоупотреба е невозможно да се случи. Директорот на УБК јавно и транспарентно кажа дека во моментов сè што се случува таму е исклучиво со почитување на законската процедура. Без налог од обвинителство не може да се користат против истражните мерки“, вели портпаролот на владата Миле Бошњаковски.

Но Трајанов вели дека никој не може да гарантира дека системите за прислушување не се злоупотребуваат.

„Овие системи вака поставени може да се злоупотребуваат без да се воспостави целосна контрола на тоа. Ниту МВР, ниту кој било може да воспостави целосна контрола. И покрај тоа што ние имаме сега гаранции дека тие системи се под контрола, и така натаму, од тоа што јас имам информации, од луѓе кои се упатени повеќе од мене, дека вака поставен самиот систем не дава гаранција дека не може некој да го злоупотреби, тоа е“, вели Трајанов.

Тој објаснува дека тој систем има скриени можности за пристап и ако се пробие тој систем и други можни групи или политички партии да го користат и да се прават злоупотреби, особено ако се „провалат системите“ за конектирање со телекомуникациски оператори.

Праксата покажа дека кој било, ако има допир до системите на МВР може без било какви проблеми и контрола да влезе во системот и да слуша одреден број на телефони, затоа мора што е можно побрзо да завршат овие реформи и да се постави на сосема други основи безбедносниот систем, објаснува Трајанов.

Владејачката СДСМ со поинаков став од опозициската СДСМ

Во периодот кога се носеа измените на законот за следење на комуникации во 2014 година тогашната опозициска СДСМ тврдеше дека конкретно со овој член 175 се озаконува нелегалното прислушување, како што тврдеа тогаш од собраниската говорница, на разузнавачите им се дава отворена можност да прислушуваат секој што ќе им се присони. Претходно ваков сличен член укина Уставниот суд во 2012 година, заклучувајќи дека никој не смее без наредба на Суд да врши следење на комуникации.

Во првиот извештај на Рајнхард Прибе во 2015 година беше наведено дека УБК не смее да има директен пристап до техничка опрема која дозволува отсликување на комуникациски сигнал.

„Под било кои околности УБК не треба да има практична можност за дирекно пресретнување на комуникациите“ беше наведено во извештајот.

На новинарското прашање дали со ова мислење Владата покажува дека се пишмани, односно покажува двојни стандарди од позиција на власт и опозиција, Бошњаковски демантира и посочува дека Владата останува на своите заложби и интензивно работи на реформите кои се однесуваат на УБК и законот за следење на електронските комуникации кои како што посочи се во финална фаза.

Што му предлага Владата на Уставен?

Владата во основа му предлага на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата врз основа на ветување во јавноста дека наскоро ќе донесе реформи кои ќе нудат максимална заштита, што го става на тест Уставниот суд кој не е обврзан да го прифати во целост мислењето на Владата.

Станува збор за членот 175 со кој телекомуникациските оператори се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа.

Бошњаковски тврди дека причината за мислењето кое е доставено до Судот е дека укинувањето на спорниот член е парцијално решение и дека расправата во Уставен би била излишна, оти новите законски решенија предвидени со планот за реформи „3-6-9“ ќе го решат целосно проблемот.

„Да се стрпиме да се отвори јавната дебата, наскоро ќе биде за помалку од еден месец. Во рамките на јавната дебата, сите овие технички прашања ќе бидат јасни и транспарентни за целата македонска јавност и ќе се увериме сите дека единствената интенција е дека тоа што се случувало нема да се случува повеќе“, вели Бошњаковски.

Специјалното јавно обвинителство при последниот претрес во УБК соопшти дека службите прислушувале незаконски во периодот од 2008 мата па се до 2016 година, една година по објавувањето на таканаречените „бомби“.

Дополнително од Уставниот суд за дел од медиумите посочија дека нема да одлучуваат наскоро за оваа точна, затоа што судскиот совет е во скратен состав и немаат кворум за донесување на конечна одлука.

Во меѓувреме се отвора и дилемата за временските рокови за спроведување на овие измени кои треба да бидат презентирани во јавноста, затоа што законот за електронски комуникации се носи со двотретинско мнозинство во Собрание, па со тоа е подложен и на институционални опструкции и одолговлекување на постапката.
 

 12.10.2017, 15:29  | Xh.I. | 67

 

© ZURNAL.mk

 Македонија 

НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ЖУРНАЛ"

Димитрие Чуповски 4/2-11
Скопје, Република Македонија
Телефон: 02 3217 815
Е-пошта: info @ zurnal.mk

30954
© 2017 Журнал - Новинска агенција. Сите права се заштитени.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ. Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.