МАКЕДОНИЈА РЕГИОН СВЕТ ЕКОНИМИЈА ХРОНИКА СПОРТ КУЛТУРА КОЛУМНИ TRENDING KITCHEN ШОУБИЗ ЗДРАВЈЕ ЗАНИМИЛИВОСТИ ТЕХНОЛОГИЈА АВТО
Македонија - од една во друга партизирана администрација
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните на протест во недела: Македонија се гуши, ова црнило..
МВР: Казни од 200 до 500 евра за употреба на пиротехника
Семејството на убиениот Саздо бара 10 милиони денари отштета
Колумни
Референдум за излегување на Иванов од функцијата

Референдум за излегување на Иванов од функцијата

сабота, 25 јуни 2016, 21:53ч.   |   B.M.

Би требало да постои некаков позитивен законски пропис во оваа држава, кога веќе пропустот е направен во самиот Устав, со кој би се забранило обраќање до македонската јавност на Груевски и на Иванов во ист месец. Можеби таа работа треба да се регулира во Законот за здравствена заштита или во Законот за заштита на животната средина, но да биде така направено за да се потенцира опасноста по здравјето на луѓето и по загадувањето на природната околина доколку, без временска раздалеченост од барем четири недели, дојде до симултан јавен настап на овие двајца. Во спротивно, доаѓа до тотална конфузија за тоа кој е поголема опасност по опстанокот на државата: едниот се заканува дека ќе ги активира партиските фаланги, а другиот дека ќе ја активира војската; со овие најави ги потиснаа и лудаците од ГДОМ кои закажаа физичка окупација на судот, а во сезона сме на стомачни вируси кога човек не знае што сè друго можат да активираат!

Всушност, сите тие срамежливо пипкаат во мрак, ги мачи дилемата што ќе им се случи по дома и по надвор ако, конечно, го укинат СЈО?

ДАЛЕЧЕН ПАТ ГИ ЧЕКА

По надвор, работите се релативно јасни: маневарскиот простор со билатералните и мултилатералните црни листи се смалува, прашањето е само кој сè, покрај уставните судии што ќе гласаат за такво решение, би бил вклучен на нив; дополнително, на Груевски веќе му е соопштено дека ќе се доведе во прашање и договорот за безвизно патување на македонските граѓани во шенгенската зона – за тоа, на Грујо, му е гајле, бидејќи речиси сите околу него имаат бугарски и други пасоши, но таа вест ќе мора Грујо да му ја објаснува на колегата Али Ахмети и неговата дружина, а мислам дека тој разговор ќе биде со висок безбедносен ризик. Со други зборови, по укинувањето на СЈО, Хорхе и Грујо ќе си заминат во политичката историја на Македонија, ама можно е физички и да не прелетаат таму каде што ментално одамна се наоѓаат, во предградијата на Москва.

По дома, пак, работата ќе си експлодира и тоа таман сите кога ќе се вратат од одмори, исончани и полни со нова енергија за судири со режимот. Ќе биде опасно и гадно, иако резултатот е однапред познат: Грујо и Хорхе, заедно, имаат два-три пати помал рејтинг од СЈО, само. Затоа, не е јасна стратегијата на Фамилијата постојано да инсистира да се конфронтира со госпожа Катица и со тоа обвинителско друштво таму?! Од аспект на односи со јавност, тоа ви е како да влезете во слаткарница и на децата на кои им течат лиги да почнат да лижат сладолед, да им кажете дека треба да се откажат од замрзнатата топка од црно чоколадо со карамелизирани бадемчиња потопени во густа смеса од ванила и посипана со рендан ф’стак, бидејќи автобусите што ќе ги носат во едукативна посета на Музејот на ВМРО само што не тргнале!

Па, децата ќе им ги запалат гаќите, а не ние.

УТРОТО ПОТОА

Сакам да кажам, на две третини од нацијата лиги им течат од можноста да го доживеат апсењето на Груевски или, барем, на некој ливреисан вратар од Фамилијата (Хорхе, на пример), а Ѓорге и Грујо викаат срам да му е на СЈО, многу е пристрасно и работи под притисок на СДСМ, бидејќи само за луѓе од нашата партија подигнува обвиненија!?... Кај живеат овие луѓе, во Кокино ли се информираат за настаните во земјата и светот? Тие последните ли ќе бидат што ќе го напуштат Труман-шоуто на сопствената пропаганда?

Во таа смисла, би сакал да ставам точка барем на Хорхе со следниов предлог: Шарената револуција, молам, да ја разгледа можноста да се распише референдум за отповикување на функцијата на човекот кој се нарекува претседател на Македонија! Бидејќи, ако неколку стотици илјади се потпишат под таква иницијатива – без разлика дали таа би била правно дејствителна – можеби (не е сигурно!) овој ѓон од претседател ќе почувствува притисок барем да престане да се обраќа до нацијата, што е огромен напредок за враќањето на мирот, логиката и правната држава во Македонија.

Според тоа, доколку иницијативата за распишување референдум собере доволно поддршка, самото референдумско прашање треба да е едноставно: ДАЛИ ЃОРГЕ ИВАНОВ ТРЕБА ДА СИ ЗАМИНЕ ОД ФУНКЦИЈАТА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?... Да или не?

Замислете го утрото после излегувањето на Хорхе од функцијата... Нирвана. Харе Кришна. Далај Лама ќе побара македонски пасош. Нивото на кардиоваскуларни заболувања во земјава драматично ќе опадне. Можеби разни населби во Скопје и вода ќе добијат.

„ШТО ЌЕ НИ Е ЕУ?“

Но, кој сега ќе ги трпи Британците во редовите за пасошка контрола на не-ЕУ земји?! И вака е голема турканицата во нашите редови, а со доаѓањето на често потпивнатите и вревливи Британци, состојбата ќе стане неподнослива! Тоа е првата негативна последица за нас од одлуката на британските референдумаши за напуштање на ЕУ.

Колку минути ќе поминат пред отворање на дебатата во Македонија дали нам, после резултатите од британскиот референдум, всушност, ни е потребна Европската Унија? Ене го Ердоган, веќе и референдум најавува на таа тема во Турција. Реално, позициите на овдешните антизападни заговорници се засилени, иако вистинското славје би дошло дури по евентуалната победа на Доналд Трамп во САД. Мислам, нема врска тоа со користа за Македонија (од тоа, главно, ќе имаме штета), туку има врска со тврдењето дека треба да се затвориме во своите национални граници, да се плашиме од инаквите (а може и да ги мразиме уште малку повеќе), да развиваме и други, а не само евроатлантски опции за перспективите на земјава и сл. – токму како што Шешељ неделава ги потврди зборовите на Иванов дека против Македонија, која со ова државно раководство сака да се приближи кон Русија, се води западна специјална војна за рушење на Груевски од власт. Овие тенденции и ваквиот јавен дискурс ќе биде, објективно, засилен по бранот на барања за сличен референдум на британскиот и во други ЕУ-земји во кои општествата се еднакво поделени по тие прашања како и британското.

Слоевитоста на овој проблем, се разбира, е и во фактот што етничките Македонци (како и за многу други прашања) се поделени по таа линија, но големата етничка немакедонска заедница во државава, Албанците, се во огромно мнозинство предадени на про-ЕУ и на про-НАТО идеите. Сериозно отворање дебата по овие прашања во македонската етничка заедница – дебата која, по дефиниција, ќе ја засили националистичката, конзервативната, популистичката реторика – неминовно ќе се рефлектира врз слични политички тенденции кај Албанците. Таквата дебата нема да биде рационална, демократска дискусија за бенефитите и тешкотиите за Македонија во и вон контекстот на ЕУ-интеграциите, туку ќе биде рестартирање на темите од осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век за националниот суверенитет, за приматот на етничката припадност врз културниот идентитет, за „пропаднатиот модел“ на европската култура и тн. Конечно, во таа дебата нема да може да се одбегне вклучувањето и на темата за судбината на државното уредување на Македонија какво што го знаеме во последните 25 години. Можностите за растурање на Македонија се навистина фантастични, а ентузијасти за таа работа има на претек.

ПОЛИТИКА БЕЗ ПАДОБРАН

Не верувам дека Фамилијата би ја пропуштила оваа пропагандно-политичка можност за вртење на вниманието на јавноста во земјава од сериозните проблеми за сопствениот правен и политички опстанок со кои се соочени. Антизападната хистерија што со години ја шират ударните пропагандни имиња и медиуми на власта сега ќе добие нов полетен моментум. И најглупавите аргументации повторно ќе се стекнат со право на дебата, а подмолните обвинувања за предавства и богатиот говор на омраза само ќе се засилат. Предвидувам ѕвездени моменти на главните пропагандисти на власта по дебатните емисии во медиумите каде се води дебата.

Тоа нè враќа на изјавите за активирање на фалангите и армијата против граѓаните. Во сегашниот контекст, тие делуваат како неодговорни закани на ментално, морално, правно и политички разнишани луѓе кои ги загубиле реперите за водење рационална политика. Но, со мала, неколкумесечна помош на подигнување на хистеријата во земјава, тие изјави наеднаш ќе станат кредибилни закани за насилна пресметка со неистомислениците.

Затоа и предлагам политичката иницијатива да ја земеме во свои раце: што поскоро распишување референдум за ослободување на Иванов од товарот на власта, оти секое негово наредно закажување на обраќање до нацијата, ја турка земјата поблиску до работ на амбисот во кој, пропаднавме ли, ни падобрани нема да ни помогнат за меко слетување. Да не биде после, како во вицот: што се силиш кога не знаеш да леташ!

(Објавено во „Слободен печат“)

© ЖУРНАЛ    ~227,77

НАЈЧИТАНИ ОД КОЛУМНИ
Признале или не, Митко Јанчев ни одржа лекција!
Отсутниот Грујо ќе го урне присутниот Заев?
Зошто во тоа колено?
Рибата Ванда исплива на површина
Лошите вести од ВМРО-ДПМНЕ се добри
Проблематичен до крај
МАРКЕТИНГ ИМПРЕСУМ КОНТАКТ

© 2009-2018 НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „ЖУРНАЛ“.
Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Сите права се задржани.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.